1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турската влада ги потврди нападите врз ИД и ПКК

ЕМФ /ард/афп25 јули 2015

Турските бомбардери денеска повторно извршија напади врз позиции на терористичката милиција Исламска држава во Сирија. Гаѓано е и врз камп на ПКК на северот на Ирак - првпат по две години. Анкара ги потврди нападите.

https://p.dw.com/p/1G4Vk
Фотографија: picture-alliance/AA/Veli Gurgah

По вторпат за само неколку часа турски воени авиони бомбардираа позиции на Исламска држава (ИД) во Сирија. Владата во Анкара ги потврди нападите, но детали нема. Бомбардерите, освен тоа, нападнаа и камп на Курдската работничка партија ПКК во северен Ирак. Турција напаѓа првпат Курди на северот на Ирак по постигнувањето на мировниот договор меѓу Анкара и ПКК во 2013 година. Според наводи на турската влада, во воздушните напади се гаѓани бункери и засолништа на ПКК, како и магацини и други „логистички бази“. Целите кои биле гаѓани се наоѓаат во планините Кандил, каде што се наоѓа главниот штаб на ПКК.

ПКК, според сопствени наводи, убила двајца полицајци во општината Чејланпинар. Организацијата соопшти дека убиствата се одмазда за нападот во турскиот град Суруч што се случи во понеделникот (20.07), а во кој загинаа 32 лица. ПКК ја обвинува Анкара дека не презема доволно против Исламска држава.

Промена на ставот по нападот во Суруч

Нападот во Суруч, за којшто е обвинета ИД, предизвика преземање поостри чекори од страна на Турција против терористичката милиција. Турските авиони нападнаа позиции на ИД во Сирија и вчера изутрина. Според наводи на владата во Анкара, притоа не била помината границата на соседната земја.

Во нападите вчера, како што јавуваат медиумите, три борбени авиони од типот Ф-16 полетале од аеродромот во Дијарбакир и, како што наведуваат владини претставници, нападнале две командни централи на ИД и една база на поддржувачи на ИД. Според наводи на Сириската опсерваторија за човекови права, притоа биле убиени девет борци на ИД, а повредени биле 12.

Зелено светло за база на САД

Турција претходно и‘ даде дозвола на коалицијата која се бори против ИД да ги користи воздухопловните бази за акции против терористичката милиција. Претседателот Реџеп Таип Ердоган соопшти дека турската влада и‘ дозволува на американската авијација да изведува во „одредена мерка“ напади од базата Инџирлик врз цели на ИД. Подоцна Министерството за надворешни работи соопшти дека анти-ИД сојузот смее да ги користи аеродромите во јужна Турција. Турската воена авијација, како што се додава, ќе учествува во нападите.

Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен го поздрави военото уесетво на Турција во борбата против ИД. „Важно е во борбата против ИД да се ангажираат и државите во регионот и да се спротивстават на овој варварски тероризам без оглед на религиската припадност“, изјави Фон Дер Лајен за весникот „Билд“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема