1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресврт во политиката на Анкара кон Сирија

Кристоф Хаселбах/сн23 јули 2015

Постои ли соработка меѓу турската влада и Исламска држава? И дали нешто се менува, доколку Исламска држава навистина стои зад последниот напад? На овие прашања одговара експертот за Турција, Гинтер Зојферт.

https://p.dw.com/p/1G3Tp
Фотографија: picture-alliance/AA/E. Ozdemir

ДВ: Господине Зојферт, курдските групи ја обвинуваат турската Влада за соодговорност на нападот во Суруч, бидејќи Анкара ја поддржува „Исламска држава“ (ИД) во борбата против Курдите. Дали се овие обвинувања оправдани?

Гинтер Зојферт: До сега не се покажа конкретна поддршка за ИД од страна на Турција. Но, она што го знаеме е дека Турција официјално ги поддржува џихадистичките групи, како на пример Ал Нусра фронтот, кои заедно со Саудиска Арабија и ги обучува и вооружува. Но Ал Нусра фронтот и ИД главно имаат исти идеолошки ставови.

Турција истотака минатата година на 17. јуни, кога припадниците на ИД беа протерани од пограничниот град Тал Абијад од страна на сириските Курди, изрази голема загриженост дека Курдите во Сирија би можеле да преземат голем дел од територијата под своја контрола, и тоа го претстави како опасност за Турција.

Турската политика од почетокот на конфликтот во Сирија стравува дека Курдите во Сирија би можеле да воспостават самоуправа. Спротивно на тоа, Турција стравот од ИД секогаш го тривијализираше бидејќи примарна цел на Турција е да биде соборен од власт сирискиот претседател Башар ал Асад и се’ останато потоа се подредува на таа политика.

Deutschland Türkei- und Islam-Experte Günter Seufert in Berlin
Др. Гинтер Зојферт, експерт за Турција и за Исламот при берлинската Фондација за наука и политика.Фотографија: picture-alliance/dpa/SWP

Како тогаш би можела да се опише долгорочната стратегија на Анкара во регионот кога ќе се земе во предвид ситуацијата во Сирија и Ирак и односот кон Курдите?

Долгорочна стратегија на Турција е да го спречи осамостојувањето на Курдите, без разлика дали е тоа во Турција или надвор од неа. Но, оваа стратегија не е одржлива. Гледате дека турската влада, која веќе 30 години се бори против курдската партија ПКК во сопствената земја, со неа мора и да преговара. А таа политика ќе мора да пропадне бидејќи со таква динамика не може да му се спротистави на курдското национално движење.

Ако сега се утврди дека ИД навистина стои зад нападот на турска територија, ќе ја промени ли тоа стратегијата? Ќе биде ли тоа пример за ослободување на духот од шише?

Да. Секако. Но, мора да се земе предвид и тоа дека тука нема да се работи за прв напад на ИД на турска територија. Во последните месеци имаше три напада што речиси воопшто не е и’ е познато на европската јавност. И сега гледаме дека Турција поради овие напади почнува да се менува, но во секој случај и поради американскиот притисок.

Знаеме истотака оти во последно време имаше апсења кои се доведуваат во врска со ИД, но не поради последните напади туку станува збор за апсења на оние кои ја поддржуваат ИД. Тоа е сега новост дека полицијата навистина презема акции против ИД и оти војската неделно известува за тоа колку луѓе се пресретнати на граница.

Европа и САД веќе година и половина бараат од Турција да превеме нешто против борците кои од Европа и другите региони ја преминуваа границата со Сирија и одат во борби. Турција дури сега одговори на овие барања. А во Турција постојат и мислења дека овој најнов напад е одмазда на ИД за најновата политика на турската влада.

Постои ли мислење во самата Турција дека радикалниот исламизам, како оној на Исламската држава, би можел да ја дестабилизира и Турција? Дали меѓу турското население постојат симпатии за ИД.

Турција во секој случај не е хомогена земја. Опозициската секуларна Работничка партија од пред две години бара пресврт во турската политика кон Сирија. Има легална курдска партија во парламентот, која владата, но пред се‘ тајните служби ги обвинува дека го тргаат погледот од она што го прават поддржувачите на Исламската држава. Денес во редовите на ИД се борат многу плади исламисти Турци, ама и исламистички настроени Курди. Истовремено голем број млади курдски левичари од Турција се борат во редовите на сириските Курди.

Тоа значи дека Турција во последните две години речиси како нормално гледаше на фактот дека нејзини млади луѓе се борат во два различни табора во Сирија и не презема ништо против тоа. Земјата сега увидува дека нејзиното мешање во граѓанската војна во Сирија ѝ се удира од глава. А оваа политика мора да се промени. Проблем за Турција е тоа дека досега не успеа да го реши сопствениот проблем со Курдите, и земјата може да се извлече од овие окови само ако ја промени сопствената политика кон Курдите.

Др. Гинтер Зојферт е експерт за Турција и за Исламот при берлинската Фондација за наука и политика.