1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорот за мандатите не може да се реши правнички, туку политички

Катерина Блажевска25 мај 2014

Не само Управниот, туку ни Уставниот суд не може да го реши спорот со мандатите на СДСМ, по што останува решението да се бара низ политички дијалог, велат правни експерти.

https://p.dw.com/p/1C6Pz
Фотографија: MAKFAX

СДСМ викендов интензивно ги разгледува сите можни опции и потези со кои ќе може да ја ефектуира партиската одлука за откажување од мандатите на нивните пратеници, кои Собранието им ги верификуваше и покрај нотарски заверените изјави дека не ги прифаќаат. Состојбата дополнително се вжешти, откако завчера Управниот суд го отфрли барањето на СДСМ да се поништи верификувањето на мандатите на нивните пратеници. Судот констатира дека тужбата на СДСМ е „недозволена“, со образложение дека „пред Управниот суд не може да се поведе управен спор за работи, за кои врз основа на уставните овластувања, директно одлучува Собранието“. По ваквиот став на судот, двете најголеми партии разменија серија обвинувања. СДСМ обвини дека во решението на судот воопшто не се земени предвид, ниту биле предмет на оценка, доказите што ги дал СДСМ.

„Одлуката на Управниот суд е уште една потврда дека во Македонија нема институции, односно дека се е партија. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се над правото, над законот, над Уставот“, обвини СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ реплицираше дека раководството на СДСМ продолжува со својата неодговорна и погубна политика, од две причини, од кои првата е да се задржи на чело на партијата, што раководството веќе и го издејствувало.

„Второ, наштетувајќи на државата и на евроатлантските интеграции, придонесуваат Македонија да ја загуби препораката, да создадат лоша клима и да ја обвинат ВМРО-ДПМНЕ дека е виновна за тоа“, оцени владејачката партија.

Mazedonien - Parteichef Zoran Zaev
Фотографија: MIA

Почитување на практиката

Во СДСМ засега не откриваат кои ќе бидат нивните следни чекори, пред тоа да биде детално договорено во органите на партијата. Но, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за Дојче веле потврди дека партијата и натаму цврсто останува на декларираниот став.

„Не ги прифаќаме пратеничките мандати кои се насилно верификувани и бараме да се почитува практиката од 2008 и 2011 години кога врз основа на нотарски изјави актуелни градоначалници се откажаа од пратеничките функции“, вели Заев.

Заменик-претседателката Рамила Шекеринска, смета дека сите постапки на власта се насочени кон затскривање на фактот дека во земјата има политичка криза.

„ВМРО-ДПМНЕ се реши за злоупотреба на законот, за да го премолчи фактот дека има политичка криза. Но тоа, не може да се сокрие. Оваа политичка криза може да се реши само со политички средства, а тоа е следните избори да бидат организирани од техничка влада која ќе овозможи фер и демократско изразување на волјата на гласачите“, децидна е Шекеринска.

Аналитичари не го негираат ставот дека на јавната сцена доминира политичка криза. Рамадан Рамадани, предупредува дека постои и опасност таа да се продлабочи.

„Kолку што е невозможно СДСМ да најде опција за да се врати од првобитната опција на непризнавањето на изборниот процес, толку е невозможно и ВМРО-ДПМНЕ да ја прикрие големата дупка во парламентот. Дополнително, досегашното глумење 'нормалност на ситуацијата' од страна на ВМРО-ДПМНЕ, само допринесе да се евидентира политичката криза. Притоа, чудно и бескорисно е досегашното однесување на ДУИ во оваа криза, која, како што се виде и во немирите во Ѓорче Петров, може да има долготрајни последици поради фактот дека со продлабочување на кризата, овој пат и голем дел од Македонците кои гласаа за опозицијата ќе бидат политички непретставени“, предупредува Рамадани.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

Нема вистинска адреса

Правните експерти и претходно укажуваа дека спорот за мандатите не е во надлежност на Управниот суд. Професори по право, блиски до владејачката ВМРО-ДПМНЕ, го обвинија СДСМ за „правна неписменост“, бидејќи тужбата ја поднел на погрешна адреса - до Управниот суд, наместо на вистинската адреса - Уставниот суд. Но, мнозинството експерти тврдат дека за овој случај нема вистинска адреса. Според нив, Управниот суд навистина не е соодветната адреса, но и во Уставот има правна празнина која не предвидува вакви ситуации. Со оглед на таквата ситуација, овој проблем не може да се реши правнички, вели професорот по уставно право, Светомир Шкариќ.

„Законот за судовите од 2006 година го овластува Управниот суд да решава и за изборни спорови. Но, прашање е дали верификувањето на мандатите може да се смета за изборен спор, бидејќи во Уставот има изричита одредба со која се предвидува надлежност на Собранието да врши верификацијата на мандатите. Значи, овде не станува збор за оценка на законитоста, туку на уставноста, а Управниот суд не може да ја оценува уставноста. Но, во овој случај и Уставниот суд ќе има проблем по прашањето дали верификацијата на мандатите е општ или поединечен акт. Според досегашната практика, Уставниот суд на такви одлуки гледа како на поединечен акт и проблемот повторно нема да се реши. Ќе се прогласи за ненадлежен, како што го стори тоа и во 1996 година, кога одби да ја оценува уставноста на заклучокот на Собранието, со кој е отфрлена инцијативатата потпишана од над 170.000 граѓани за распишување предвремени парламентарни избори, со образложение дека тоа е поединечен акт“, објаснува професорот Шкариќ.

Според него, поради ваквата состојба, секое впуштање во правна процедура е изгубено време.

„За овој спор не постои правничко, туку само политичко решение. Условно, 'двете страни' се во право, но страдаме сите. Затоа решението мора да се бара низ конструктивен политички дијалог“, сугерира Шкариќ.

Правна празнина

Професорот по управно право, Борче Давитковски, потврдува дека овој случај е заложник на правна празнина.
„Акти против кои не може да се поведе управен спор, се акти на Собранието и на Владата, додека указот на претседателот и одлуките на Владата со кои се именуваат раководни и управни функционери можат да подлежат на заштита пред Управниот суд. Како еден од авторите на законот, можам да кажам дека немавме предвид дека можат да се бараат и против одлуки на Собранието. Станува збор за правна празнина, така што, во согласност со Законот за избори и со Законот за управно судство, не може да се бара правна заштита против акти што се однесуваат на избори, а се донесени од Собранието. Во случајов нема правна заштита ниту пред Управниот суд, ниту пред Уставниот суд. Законот за избори е јасен. Избраните пратеници треба на седница на Собранието со јасна изразена волја да се откажат од изборните резултати. Актот на Државната изборна комисија - уверението, има конститутивен карактер, а актот на Собранието со кој се верификуваат мандатите има декларативен карактер, што значи дека овој акт не може да биде предмет на оцена на законитоста од страна на Управниот суд“, објаснува Давитковски.

Во меѓувреме, на советниците на СДСМ што се најдоа на пратеничките листи им престана мандатот во општините, поради неспоивост на двете функции. Од партијата побараа да не се носат одлуки во општинските совети за мандатите на нивните советници, се додека Управниот суд не се изјасни по нивната тужба, но, тоа барање им беше одбиено. Сега опозициската СДСМ е во правен ќор-сокак: Со нотарски изјави пратениците се „отпишаа“ од парламентот, Собранието ги запиша, тие одбиваат да седнат во парламентарните клупи, а изгубија и дел од советниците во локалната власт. Во меѓувреме, финансиската служба во Собранието веќе ги подготвува пресметките за првата плата на пратениците од новиот собраниски состав. И на (не)оправдано отсутните им следува 30 отсто од платата. СДСМ сега треба да се заштити и од опасноста поради добиени плати да и се искомпромитира стратегијата на „вратените мандати“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи