1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собранието им ги верификуваше мандатите на сите пратеници

АМ/миа10 мај 2014

Собранието на Република Македонија со 86 гласа „за“ денеска на конститутивната седница ги верификуваше мандатите на сите 123 пратеници избрани на предвремените парламентарни избори на 27 април.

https://p.dw.com/p/1BxbD
Фотографија: AP

Претседателот на Комисијата за верификација на мандатите Александар Николовски, повикувајќи се на конечниот извештај на Државната изборна комисија, на Изборниот законик, Законот и Деловникот на Собранието, предложи Парламентот да ги верификува мандатите на сите 123 пратеници, иако СДСМ и НДП најавија не прифаќање на мандатите и изјави на нотар.

„Согласно член 13 од Деловникот на Собранието, надлежност е на Верификационата комисија врз основа на Извештајот на ДИК за избор на секој пратеник да поднесе писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник пооделно. Во случајов согласно Извештајот на ДИК неспорно пратениците на коалицијата СДСМ, НСДП, ЛДП, ОМ, Партија за движење на Турците на Македонија, ПЦЕР, Српска странка во Македонија, Демократски сојуз на Власите и Санџачка лига и пратеникот на Национална демократска преродба се избрани за пратеници на предвремените избори одржани на 27 април“, рече николовски.

„Во Уставот на Република Македонија, во Законот за Собрание и во Деловникот не е предвидена одредба избран пратеник да има право да даде изјава со која не прифаќа да му биде верификуван мандатот. Во Уставот и во Законот за пратениците е утврдено дека мандатот на пратениците го верифиува Собранието и дека мандатот на пратеникот почнува да тече од конститутивната седница, односно од денот на верификација на мандатот“, додаде Николовски.

Тој ги прочита имињата на сите 123 пратеници чии мандати ги верификувала комисијата и му предложи на Собранието да го стори истото. Од 123 избрани пратеници, на конститутивната седница присуствуваат 88. На неа не присуствуваат 34 пратеници од СДСМ и коалицијата и еден избран пратеник од НДП.

На членовите на Владата кои се избрани за пратеници им престануваат функциите, но заради обезбедување на континуитет во работата тие ќе ги извршуваат овие функции до изборот на новата Влада.

Трајко Велјаноски останува претседател на Собранието

Досегашниот претседател на Собранието на Македонија Трајко Вељаноски ќе го предводи и новиот парламентарен состав. Новоизбраните пратеници на денешната конститутивна седница со 87 гласови „за“ и ниту еден против одлучија Вељаноски повторно да биде претседател на законодавниот дом.

Trajko Veljanovski, Maz. Parlamentspräsident, Skopje, Mazedonien, 11.01.2008
Трајко Велјаноски е старо-новиот претседател на СобраниетоФотографија: DW/MIA

Тој беше единствен предложен кандидат за претседател на Собранието на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Веднаш по изгласувањето, Вељаноски, за кого ова ќе биде трет мандат, даде свечена изјава со што и официјално ја презеде должноста. За избор на Претседател на Собранието се потребни 62 гласа „за“.