1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Управниот суд ја одби тужбата на СДСМ

БГ/миа23 мај 2014

Управниот суд ја одби тужбата на опозициската партија, со образложение дека не може да одлучува за работи во надлежност на Собранието на РМ

https://p.dw.com/p/1C5M6
Фотографија: Petr Stojanovski

Управниот суд денеска ја отфрли како недозволена тужбата поднесена од СДСМ, со која бараше поништување на одлуката на Собранието на Република Македонија за верификација на мандатите.

На официјалната страница на Управниот суд стои дека тужбата е недозволена, а на правниот застапник на СДСМ му дава рок од 15 дена одлуката да ја обжалат до Вишиот управен суд.

- Пред Управниот суд не може да се поведе управен спор за работи, за кои врз основа на уставните овластувања директно одлучува Собранието, се наведува во судската одлука.

Опозициската СДСМ поднесе тужба до Управниот суд против Собранието заради „насилно верификување на нивните пратенички мандати“, откако на нотар заверија изјави дека нема да ги прифатат пратеничките функции.

Од партијата објаснуваат дека нивната тужбата е базирана на одредби во Изборниот законик и на Законот за управните спорови, а клучната повреда со насилната верификација на мандатите е направена на членот 8 став 2 од Изборниот законик и се однесува на повреда на правото на избор. Во членот 2 од Законот за управните спорови, на кој се повикуваат социјалдемократите во тужбата, се вели дека Управниот суд може да одлучува за законитоста на поединечните акти донесени во изборната постапка и на поединечните акти за избори, именувања и разрешувања носители на јавни функции, ако тоа е определено со закон.