1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советот за безбедност на ОН поделен околу статусот на Косово

Рајнер Зитфелд20 декември 2007

Советот за безбедност на ОН не најде компромисно решение за иднината на Косово. На вчерашната седница дојде уште еднаш до израз длабоката поделба меѓу Западот и Истокот околу идниот статус на покраината.

https://p.dw.com/p/Cdy9
Салата на Советот за безбедност на ОНФотографија: AP

Разликите во ставовите меѓу Западот и Истокот беа толку големи што по тричасовната расправа зад затворени врати се чинеше оти амбасадорите и не биле на истата седница.

Така рускиот претставник при Светската организација Виталиј Чуркин оцени:„Како оптимисти веруваме дека преговорите можат да продолжат и дека обете страни можат да дојдат до прифатлив резултат.“

САД и ЕУ против нови преговори

Претставникот на ЕУ, белгискиот амбасадор Јохан Фербеке, напротив, изнесувајќи го ставот на Европа и на САД, посочи: „Јасно е дека натамошни преговори, се‘ едно во кои рамки, нема да донесат ништо!“

Неговиот германски колега Томас Матусек смета дека проблемот не може да се реши ни во рамките на Советот за безбедност: „Беше сосема јасно дека Советот за безбедност ја одигра својата улога до крај и дека овде не може да се дојде до никаков заеднички став за идниот статус на Косово.“ Според него сега е на ред ЕУ. Таа има намера да го спроведе во дело планот на Марти Ахтисари и тоа со сопствени сили.

Еднострани чекори може да имаат последици

За вето силата Русија, како и за српскиот претседател Воислав Коштуница, таквиот чекор би бил потполно нелегален: „Донесувањето европска мисија на Косово е кршење на резолуцијата 1244.„
Западните сили меѓутоа сметаат дека планираниот ангажман на Европејците може да се реализира под досегашниот мандат на ОН за Косово и за тоа не е потребен ниту нов заклучок на Советот за безбедност.

Виталиј Чуркин предупредува од далекусежните последици на ваквиот чекор: „Ако ситуацијата излезе од контрола, гледано од аспект на меѓународното право, и ако се развива во насока на еднострани чекори, тогаш тоа ќе предизвика шок како во меѓународната заедница, така и во меѓународното право!„

Германскиот колега на Чуркин, Матусек, смета дека за мисијата на ЕУ и натамошните чекори ќе треба да се изјасни генералниот секретар на ОН: „Генералниот секретар ќе мора да се изјасни околу тоа како да се смени сегашното присуство на ОН на Косово или пак како да се трансформира за да соработува со идната мисија на ЕУ.„ Бан Ки Мун одбегна каков и да е коментар по седницата на Советот за безбедност посветена на Косово.