1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Митот Косово

Фолкер Вагенер17 декември 2007

Преговорите за Косово меѓу Белград и Приштина пропаднаа. Србија не се откажува од својата територија на југот. Србите за Косово ги поврзуваат многу митови.

https://p.dw.com/p/Ccle
Фотографија: AP

Косово е мала територија од 11 000 километри квадратни. Во јужната српска провинција живеат околу два милиони Албанци и стотина илјади Срби. Но, колку навистина останаа на Косово, не се знае точно бидејќи нивниот егзодус сеуште трае. Економски, Косово е на ниво на земја во развој. Невработеноста е меѓу 35 и 50 проценти, а просечната месечна заработувачка 150 евра. Провинцијата има огромен проблем со сивата економија. Но, овој регион има огромно политичко значење. Можното одвојување на провинцијата од Србија може да одекне како голема експлозија која би ги надминала српските граници. Прва загрозена е Босна и Херцеговина каде со месеци е нарушена статиката врз која почива оваа држава. Но, и во Франција, Шпанија или Словачка - сите земји со национални малцинства, расте нездоволството од можна независност на Косово. Се заканува преседан.

Какво историско значење има Косово?

Kosovo

Историски гледано, овој дел на јужна Србија има големо историско значење. Косово некогаш бил центар на средновековна Србија. Кога во Белград зборуваат за „стара Србија“ на тој начин го истакнуваат правото на посед врз оваа територија. На Видовден, 28 јуни 1389 година, пред повеќе од 600 години српската војска доживеа голем пораз од отоманската империја, што беше почеток на крајот на Српското царство. Изгубената битка подоцна се слави како духовна победа. Од српска страна често се заборава дека тогаш и Албанците се бореле на страна на српската војска. Иако се заснова само на легенди, Косово се смета за српски Ерусалим и тоа е стожер на српската национална идеологија. Култот за Косово порасна со големата преселба на Србите кон север. Дури за време на балканските војни во 1912 и 1913 година, Србите можеа повторно да ги потиснат Турците.

Митологијата тежи

Митологијата која е создадена за овој регион е само товар за Србите, смета Холм Сундхаузен, професор по источно европска историја во Берлин:„Не треба да се поставува прашањето дали Косово е ослободено во 1912 и 1913 година, туку она што во моментов е многу поважно, е прашањето кога Србија ќе се ослободи од Косово? Несомнено се работи за тежок процес, бидејќи со Косово се поврзани многу митови“.

Во поранешна Југославија, во ерата на Тито, митот за Косово официјално стана табу. Паралелно со тоа имаше и обиди за ресрбизација на покраината. Овој обид беше осуден на пропаст бидејќи беше тешко да се убедат Србите да се преселат во регион во кое владееше тешка економска ситуација и во која имаше висока стапка на раѓање кај Албанците, највисока во Европа.

Britische Soldaten in Pristina
Фотографија: AP

Со распадот на Југославија и враќањето на национализмот косовското прашање се враќа на дневен ред во 1989 година. 600 годишнина од Косовската битка беше идеална бина на која поранешниот диктатор Слободан Милошевќ ги реафирмираше и јасно ги формулираше српското барање за сопственост врз таа територија. Еден милион Срби дојдоа на Газиместан да ја прослават годишнината од битката. Тоа беше време на издигнување на Милошевиќ и раѓањето на српскиот национализам.

Деценијата меѓу 1989 и 1999, од српски аспект се смета за почеток и крај на косовското прашање. Десет години по емотивната мобилизација на Србите на Видовден 1989 година, Косово стана поктраина под управа на ОН. Од тогаш Косово е целосно под контрола на српските власти. Иако Белград официјално нема да дозволи отцепување на Косово, се поизвесно е дека Приштина ќе прогласи независнот. Местото на кое се водела големата косовска битка ќе остане место од историјата на Србија. Политички провинцијата најверојатно е засекогаш загубена.