1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петмина кандидати во трка за нов лидер на СДСМ

ДТЗ
6 јуни 2024

На еден ден пред истекот на рокот, тие и официјално ги поднесоа кандидатурите. Ветија обединување на членството и реформи во партијата, со цел таа повторно да застане на цврсти нозе

https://p.dw.com/p/4gf46
СДСМ
Венко Филипче, Јован Деспотовски и Славјанка Петровска во трка за нов лидер на СДСМФотографија: Petr Stojanovski

Ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски, заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, како и Златко Ристовски, партиски активист од Битола, пред истекот на рокот и официјално ги поднесоа кандидатурите за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Тие ветија обединување на членството и реформи во партијата, со цел таа повторно да застане на цврсти нозе и да се врати како победничка сила во земјата. 

„Ниту еден член нема да биде оставен настрана“

„Ќе работам посветено и професионално. Резултатите ќе ги видат сите многу рано и никогаш повеќе ниту еден член на партијата нема да биде оставен настрана, несослушан и екскомунициран. Ќе бидам достапен во секој момент, доколку бидам избран за лидер“, порача Филипче пред партиското седиште, по поднесувањето на кандидатурата. 

На новинарското прашање зошто смета дека треба да застане на чело на партијата, Филипче вели: „Затоа што направив програма, добро ги слушав и ги разбрав барањата на сите членови и ги внесов во програмата сите барања, а тие се отвореност, транспарентност, достапност. А, јас имам еден таков терк на работа“, вели Филипче. Тој вети обедување на членството, на тој начин што никој од членовите нема да биде оставен настрана. „Сите ќе бидат сослушани и разбрани“, вети Филипче.

По катастрофалниот пораз на двојните избори на 8 мај, Филипче вели дека изборните резултати ја клекнаа СДСМ на колена, а некои го поставуваат прашањето дали партијата воопшто ќе опстои. „Но, сметам дека СДСМ не само што ќе опстои, туку повторно ќе биде победничка партија. Ги повикувам сите што го имаат ентузијазам да работат да ми се приклучат и да дадат придонес“, рече Филипче.

Во однос на неговите релации и поддршката од поранешниот лидер на партијата, Зоран Заев, кандидатот за нов лидер на партијата најавува дека ако биде избран ќе владее со интегритет и достоинство. „Тоа што имам одлични релации со Заев говори за мене, зашто имам такви добри релации и со други сегашни и поранешни функционери и со членството, а тие се главни предуслови за обединување да се случи многу брзо“, дециден е Филипче.

Венко Филипче
Тој вети обедување на членството, на тој начин што никој од членовите нема да биде оставен настрана. „Сите ќе бидат сослушани и разбрани“, вети Филипче.Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Влада во сенка“

Вториот кандидат за лидер на СДСМ, Јован Деспотовски од центарот на Скопје, во близина на Старата железничка станица, порача дека партијата се наоѓа во една тешка ситуација, дека е потребна нова програма, за нов почеток, за нов СДСМ. „Исто како што Скопје успеа да се обнови по земјотресот, така и СДСМ повторно ќе биде нова партија која ќе обединува, партија за сите граѓани“, порача тој. 

Тој најави дека ќе има нов механизам по кој ќе дејствуваат. „Ќе формираме влада во сенка - коцепт кој постои, но не за СДСМ да дели фотелји, туку конкретни личности ќе работат на ставови. Ќе подадеме рака на политичкиот опонент, но и ќе критикуваме. Ќе бидеме конструктивна опозиција, нема да критикуваме неосновано, што ќе не разликува од досегашната пракса“, вели Деспотовски.

Тој најави дека нема да прифати ниту една позиција во партијата, доколку не биде избран за лидер на партијата.

Јован Деспотовски
Деспотовски најави дека нема да прифати ниту една позиција во партијата, доколку не биде избран за лидер на партијата.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Манифест за социјалдемократијата“

Обединување на членството најави и ексминистерката за одбрана и актуелна пратеничка на СДСМ, Славјанка Петровска. Довербата на членството вели дека ќе ја освојува преку програма наречена „Манифест за социјалдемократијата“.  

„Тоа е мојата програма во која што се осврнувам на тоа што треба да бидат итни приоритети на новото раководство на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија по големиот пораз којшто го доживеавме на овие избори“, изјави Петровска пред седиштето на партијата. Пред неа, вели дека е сериозен предизвик партијата да се исправи и да продолжи по патот на идеологијата на СДСМ и што е најважно да биде цврста и силна опозиција.

„Убедена сум дека идејата за социјалдемократијата е жива, исто како што е жива и вербата и надежта дека СДСМ повторно ќе се исправи и повторно ќе победи“, вели кандидатката за претседател на СДСМ.

Според неа, ниедна причина за поразот на изборите не смее да остане скриена и не смее да остане да виси и да лебди некаде. „Тоа, за жал, ни се случи во 2021 година. Тогаш се сметаше дека само со повлекувањето на тогашниот претседател Зоран Заев ќе се надминат некои пропусти, но очигледно дека требала некоја посериозна реформа и промени да се направат. Мислам дека овој пат таа лекција е научена, барем од моја страна, и токму затоа ја поднесувам кандидатурата и сакам да застанам на чело на СДСМ“, рече Петровска.

Славјанка Петровска
СДСМ повторно ќе се исправи и повторно ќе победи, вели поранешната министерка за одбрана и кандидатка за лидер на СДСМФотографија: MOD North Macedonia

„Без свежина и нови идеи“

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, по најавените кандидатури на Венко Филипче, Славјанка Петровска и Јован Деспотовски за претседател на СДСМ, оцени дека партијата продолжува по истиот пат, без нови идеи и нов правец. 

„Во СДС нема свежина, нема нови идеи ниту, пак, нов правец. Венко Филипче е министерот за здравство кој во ек на корона туркаше матни тендери и бркаше милионски провизии. Славјанка Петровска е министер за одбрана која народот ќе ја памети по криењето на луксузната хациенда. Јован Деспотовски е директорот на ФИТР, каде што се даваа грантови за сè само не за иновации. Кадрите на Заев и Ковачевски не можат да донесат ништо ново“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Постапката за кандидирање започна на 31 мај и трае до четврток (06.06). Право да поднесат претседателска кандидатура имаат сите членови на СДСМ што ги исполнуваат критериумите - да имаат најмалку петгодишно членство во СДСМ и најмалку еднаш да биле избрани од партискиот конгрес за член на некој од органите на партијата.

Внатрепартиските избори во СДСМ се закажани на 30 јуни, а следуваат по оставката на лидерот Димитар Ковачевски кој по поразот на двојните избори поднесе оставка заедно со раководството на партијата. В недела (09.06), социјалдемократите ќе одржат отчетен конгрес на кој ќе се анализираат причините за изборниот резултат.