1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се вжештува битката во СДСМ - кој ќе го наследи Ковачевски?

ДТЗ
31 мај 2024

Непосредните внатрепартиски избори за претседател на СДСМ се закажани на 30 јуни, а дел од членовите на партијата веќе јавно ги искажаа своите амбиции за преземање на партиското кормило.

https://p.dw.com/p/4gU20
СДСМ
Непосредните внатрепартиски избори за претседател на СДСМ се закажани на 30 јуни, а дел од членовите на партијата веќе јавно ги искажаа своите амбиции за преземање на партиското кормило.Фотографија: Petr Stojanovski

По катастрофалниот пораз на изборите, опозициската СДСМ започнува со внатрешна консолидација и избор на ново раководство, коешто ќе се обиде да ја врати партијата на стабилни нозе. Во пресрет на изборот на нов лидер, се вжештува битката за наследникот на Димитар Ковачевски. Непосредните внатрепартиски избори за претседател на СДСМ се закажани на 30 јуни, а дел од членовите на партијата веќе јавно ги искажаа своите амбиции за преземање на партиското кормило.

Амбиции и програми

Пред почетокот на рокот за поднесување на кандидатури за избор на нов претседател на партијата, пратеничка и досегашна министерка за одбрана Славјанка Петровска во изјава за ТВ 24 и официјално потврди дека ќе се кандидира за претседател на СДСМ. На последните парламентарни избори одржани на 8 мај, Петровска беше носителка на пратеничката листа на СДСМ во ИЕ 6 и стана пратеник во новиот парламентарен состав. 

Славјанка Петровска
Славјанка Петровска и официјално потврди дека ќе се кандидира за претседател на СДСМФотографија: MOD North Macedonia

Претходно и актуелниот директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, ги соопшти своите амбиции по вторпат да влезе во трка за лидер на партијата. Тој во јавноста веќе ги изнесе своите ставови околу тоа во кој правец треба да се движат реформите во партијата. 

Деспотовски смета дека треба да се дефинираат причините за она што му се случило на СДСМ на последните парламентарни избори, односно каде се изгубила позитивната енергија што ја имале пред неполни осум години и како успеале да ја изгубат довербата на граѓаните. Следното раководство на партијата, според него, прво треба да работи со членството, со граѓаните, да ги поттикне да ги слушаат што зборуваат, а потоа, како што рече, да работи да ја вратат довербата која според него ја загубиле најмногу кај граѓаните.

Тој најави дека веќе работи со посветен тим на програма за тоа како партијата треба да продолжи понатаму. „Целта е да ја обновиме внатрешната структура и да го вратиме интегритетот и довербата на граѓаните во СДСМ. Работиме на нов смел концепт за повторното раѓање на СДСМ. Концептот е втемелен на ’ние’, а не на ’јас’ со цел да обединува, а не да фаворизира. Воведуваме систем во кој кандидатите за клучни позиции, како пратеник и градоначалник ќе се бираат од членовите, а не од раководството. Само така ќе бидат одговорни кон луѓето, а не кон лидерот и партиската елита. Само така можеме да изградиме силна и транспарентна партија која ќе работи во интерес на сите граѓани“, објави деновиве  Деспотовски на социјалните мрежи. 

Јован Деспотовски
Јован Депотовски веќе работи на програма за тоа како партијата треба да продолжи понатамуФотографија: DW/K. Delimitov

Кој ќе влезе во трката за лидер?

Амбициите да стане прв човек на партијата, не ги крие ниту потпретседателот на СДСМ во оставка, Стефан Богоев.

„Сметам дека во овие 16 години сум ги поминал буквално сите скалила во партијата по природен пат, а и во државата, и сум бил дел од сите клучни процеси во партијата, како Отпорот, Вистината за Македонија, Шарена револуција и низ сите тие процеси, години и скалила сум стекнал големо искуство и пријателства во партијата. Оттука, сметам дека сум способен за лидер на СДСМ, а наскоро ќе одлучам дали ќе тргнам по тој пат сега. Најбитно е партијата да избере тим што ќе го зачува јадрото на СДСМ, а не само претседател“, изјави деновиве Богоев во интервју за БИРН.

Меѓу кандидатите од СДСМ за претседател се споменуваат и поранешните министри Оливер Спасовски и Венко Филипче. 

Пред внатрепартиските избори во СДСМ, седница одржа и Централниот одбор, чија задача е да ги  утврди правилата околу постапката. 

СДСМ
Кој ќе влезе во трката за лидер на СДСМ?Фотографија: P.Stojanovski /DW

Изборите за нов лидер следат откако Димитар Ковачевски, по изборниот пораз на 8 мај, потврди дека се повлекува од претседателската функција во партијата. „На СДСМ му е нанесен тежок удар, партијата ќе треба да погледне навнатре и да се реформира“, порача тој.

Закани за време на кампањата

Во меѓувреме, пратеникот на СДСМ и вицепремиер Фатмир Битиќи, во емисијата „Клан дебата“ обелодени дека добивал смртни закани за време на предизборната кампања за што е поднесена и пријава до Министерството за внатрешни работи. Разговарајќи за реториката во предизборната кампања, Битиќи му се обрати на пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО ДПМНЕ, кој бил дел од истата емисија.

„Знам што се случи заради вашата кампања. Прашајте го министерот за внатрешни работи, кој има пријава за загрозување на животот после вашата кампања? Еден вицепремиер што седи покрај вас, два дена по ред… вашата кампања ги врати паролите од деведесетите и 2000-тите години, во кои јас и моето дете бевме повикувани дека треба да бидеме убиени. Ова се случи поради вашата кампања“, кажал Битиќи.