1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Венко Филипче во трка за лидер на СДСМ

ДТЗ
3 јуни 2024

СДСМ ќе бира лидер на внатрепартиски избори на 30 јуни, а претходно ќе се одржи и отчетен конгрес.

https://p.dw.com/p/4gZlf
Венко Филипче
И Венко Филипче во трка за лидер на СДСМФотографија: DW/P. Stojanovski

Поранешниот министер за здравство, Венко Филипче влегува во трката за лидер на СДСМ. Неврохирургот кој важи за човек од доверба на поранешниот лидер на партијата, Зоран Заев, својата кандидатура официјално ја потврди за ТВ 24, а своите планови ги обелодени и во објава на социјалните мрежи. 

Филипче, кој беше носител на листата на СДСМ во Изборната единица 4 и е пратеник во новиот парламентарен состав, вели дека одлуката ја донел по долго размислување и низа разговори со поддржувачи на СДСМ. 

„Нашата партија е соочена со голем предизвик и ги поминува веројатно најтешките моменти од нејзиното основање. Ова е време кога многумина се прашуваат дали СДСМ ќе опстане и каква е иднината на партијата. Но, јас силно верувам дека поразот треба да ни послужи како моќен катализатор за промени и обнова. Мојата цел во следните четири години е да ја обновиме, реформираме и повторно да ја подигнеме СДСМ на ниво кое го заслужува. Да создадеме организација која ќе им служи на граѓаните и ќе биде мотор на општествениот напредок“, вели Филипче. 

Натпревар на идеи и визии

Најавувајќи позитивна кампања, со почитување на противкандидатите, тој вели дека „ова мора да биде натпревар на идеи и визии, а не бојно поле на лични напади“. „Нашата заедничка цел е да го зајакнеме СДСМ и да им служиме на граѓаните, затоа мора да пристапиме со единство и меѓусебно почитување“, порачува тој. 

Иако кандидатурите не се и официјално доставени до партиската архива, досега неколкумина истакнати членови на партијата преку медиумите најавија дека влегуваат во трката за лидер, откако Димитар Ковачевски најави повлекување од партискиот трон, по катастрофалниот пораз на двојните избори на 8 мај. 

Кандидатури најавија пратеничката на СДСМ и министерка за одбрана во заминување, Славјанка Петровска и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, а амбиции за високата партиска функција има и Стефан Богоев.

СДСМ ќе бира лидер на внатрепартиски избори на 30 јуни, а претходно на 9 јуни ќе се одржи конгрес. Покрај анализите на причините за изборниот резултат Централниот одбор предлага и измени на Статутот на партијата за мандатот на претседателот избран на вонредни внатрепартиски избори да биде 4 години. 

Сѐ или ништо 

Веќе неколку дена како е започната процедурата за поднесување кандидатури за нов лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Право на кандидатура имаат сите членови на партијата кои ги исполнуваат критериумите и високите вредносни, морални и етички норми. За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку 5 години членство во СДСМ, кој најмалку еднаш бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата. 

Јован Деспотовски
Деспотовски побара секој учесник на внатрешните избори за претседател на партијата да се обврзе дека нема да прифаќа ниедна друга функција, ниту на централно, ниту на локално ниво, ако не биде избран.Фотографија: DW/K. Delimitov

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, по вторпат се одлучи да си ја проба среќата во внатрепартиските избори. Тој во јавноста веќе ги изнесе своите ставови околу тоа во кој правец треба да се движатреформите во партијата. 

Лидер, а не пазар 

Деспотовски деновиве преку објава на социјалните мрежи побара секој учесник на внатрешните избори за претседател на партијата да се обврзе дека нема да прифаќа ниедна друга функција, ниту на централно, ниту на локално ниво, ако не биде избран.

Според него, ова правило ќе овозможи фер игра, како и дека овој предлог го доставил до партиската централна изборна комисија.

„Ги повикуваме сите претседателски кандидати да ја покажат својата посветеност на фер игра и интегритет со потпишување на оваа изјава. Преземајќи го ова ветување, кандидатите ќе покажат дека им даваат приоритет на она што е во интерес на луѓето, на нашите членови и државата пред личната корист, поставувајќи моќен пример за етичко лидерство“, вели Деспотовски.

Прифаќање на повикот 

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска го прифаќа повикот на противкандидатот Деспотовски оние што ќе загубат да не заземаат други функции во партијата. Но, таа смета дека треба да се воведат и други услови со кои ќе се забрани кандидирање по третпат и да се предвиди оставка од лидерот ако се соочи со кривична постапка.

Во изјавата за ТВ Телма, Петровска најави дека во текот на наредната недела и официјално ќе ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ, согласно партискиот Статут.

„Доколку не бидам избрана, нема да прифатам или да извршувам каква било функција во партиските тела и во претседателството. За предложената изјава лично не сум против и ќе ја потпишам. Но, прво ќе предложам дополнување дека доколку некој кандидат не биде избран, нема да се кандидира по третпат за партиски претсeдател. Во изјавата треба да стои и дека доколку за кој било кандидат или веќе избран партиски претседател има или се отвори кривична постапка пред институциите, тој или таа ќе си даде оставка за да не ја компромитира партијата“, вели Петровска.