1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Лога: Се подготвува „упад“ во правосудниот систем

ДТЗ
4 јуни 2024

Концентрацијата на моќ на трите власти кај една политичка партија ќе значи пресликување на состојбите и проблемите пред 2017 година, коишто создадоа заробена држава, вели министерот за правда Кренар Лога.

https://p.dw.com/p/4gc9w
Кренар Лога
Концентрацијата на моќ кај една политичка партија ќе значи пресликување на состојбите пред 2017 година, вели Лога Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Министерот за правда, Кренар Лога, испрати писмо до амбасадите, како и до САД и ЕУ, во коешто алармира дека се подготвува „упад“ во правосудниот систем од страна на парламентарното мнозинство. Во писмото испратено до Делегацијата на ЕУво Северна Македонија, до амбасадите на САД, Германија , Франција, Холандија и Белгија, до мисијата на ОБСЕ во Скопје, Програмската канцеларија на Советот на Европа, до Стејт Департментот преку амбасадата на САД, како и до Европската комисија во Брисел, се изразува загриженост за најавите на парламентарното мнозинство дека подготвуваат пакет закони со кои ќе се распуштат двете уставни и независни категории - Судскиот совет и Советот на јавните обвинители.

„Би сакал да ве информирам и да го насочам вашето внимание кон најавите за 'упад', кој се подготвува од парламентарното мнозинство во правосудниот систем. Паралелно со најавите за реформа на органите на управата и реорганизација на министерствата, владејачкото мнозинство соопшти дека подготвува и пакет закони со кои ќе се распуштат двете уставни и независни категории – Судскиот совет и Советот на јавните обвинители“, се наведува во писмото.

Неприфатливо и недозволиво 

Изјавите од партиски функционери, Лога вели дека се неприфатливи и недозволиви, „не заради одбрана на поединци во овие органи, туку за независноста и непристрасноста на овие институции за кои земјата има добиено извештај од Оценската мисија каде точно е наведено што треба да се преземе од страна на органите на државата за подобрување на состојбите во судството“. 

„Иако како министер за правда минатата година, кога се случија настаните во Судскиот совет, јавно излегов со став за престанок на мандатот на членовите за кој не добив поддршка од коалиционите партнери, ниту од опозициските партии. По консултации со ваши претставници ми беше сугерирано дека Оценската мисија ќе ја скенира состојбата во Судскиот совет и ќе даде препораки за надминување на состојбите, за тоа добивме и извештај“, вели Лога. Тој потсетува дека препораките се дел од најзначајните документи, како што се: Стратегијата за развој на правосудниот сектор, Патоказот за владеење на правото, како и Планот за раст.

„Дополнително беше формирана и работна група за законски реформи на Судскиот совет каде во повеќе наврати беа поканети претставници на тогашната опозициска партија и сегашен носител на владејачкото мнозинство, ВМРО ДПМНЕ, на што не добивме повратен одговор“, вели Лога. 

Судски совет
Судски совет на Република Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Концентрација на моќ 

Тој изразува сериозна загриженост што поставеноста на ваквата концентрација на моќ на трите власти кај една политичка партија ќе значи пресликување на состојбите и проблемите пред 2017 година, коишто, според него, создадоа заробена држава.

„Ваквите најави се избрзани и опасни, и цениме дека од страна на владејачкото мнозинство треба да се почитува процесот на правилно креирање на политики кое вклучува оценка на состојбите и консултација за сите претстојни обврски и одговорности кои Северна Македонија ги има во договор со ЕУ и останатите меѓународни партнери“, се вели во писмото на Лога.

Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа на Лога дека доаѓа време за одговорност за сите упади во закони во правниот и судскиот систем. „Оценката за правото во Македонија со Лога, со СДС и со ДУИ е добро позната и во Македонија и во меѓународната заедница. Кренар Лога, заедно со СДС и ДУИ, е во опозиција. Доаѓа време за одговорност, за сите упади во закони во правниот и судскиот систем“, вели портпаролот на партијата, Наум Стоилковски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Мицкоски изминатиот период во неколку наврати порача дека главен предизвик ќе бидат реформите во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и дека нивна цел е да ги распуштат оние кои довербата во правниот систем ја свеле на едноцифрена бројка проценти и наместо нив, самите судии и обвинители да си ги изберат своите претставници преку тајно гласање.

Од Судскиот совет на ваквите најави возвратија со реакција дека судската власт е самостојна и независна. „Секое мешање во судството и во судската власт носи со себе сериозна опасност по демократијата, правната сигурност и владеењето на правото“, беше ставот на Судскиот совет.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема