1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Весна Дамева повторно на чело на Судски совет

МИА
3 јануари 2024

Судскиот совет на итна седница одлучи да ја врати на функција поранешната претседателка Весна Дамева, која беше разрешена лани во мај, а претходно го прифати барањето за оставка на претседателот Сашко Георгиев.

https://p.dw.com/p/4apkC
Весна Дамева повторно на чело на Судски совет
Весна Дамева повторно на чело на Судски советФотографија: Petr Stojanovski

Георгиев во своето излагање на денешната седница, покрај ретроспективата за неговото назначување и искуството како претседател, нагласи дека неговото назначување воопшто не е дел од пресудата на Управен суд.

„Вчера ја добивме одлуката од Управен суд. Сметам дека е потребно да истакнам дека мојот избор за претседател не е воопшто предмет на оваа пресуда", рече тој, дополнувајќи дека немал никакви притисоци и влијанија, и како што рече, „исклучително совесно, професионално и одговорно работев и го претставував Советот. Сум можел и сме можеле уште многу повеќе и многу подобро", рече тој.

Заменик претседателот на Судскот совет, Ханиф Зендели, по неговото излагање констатираше дека нема потреба од расправа, бидејќи станува збор за барање за оставка и посочи дека на Георгиев му престанува мандатот со денешниот датум.

Во однос на точката за постапување по пресудата од Управен суд со која се поништува  одлуката на Судски совет за  разрешување на поранешната претседателка, Весна Дамева,  Зендели констатираше дека имајќи ја предвид оваа пресуда, останува во сила одлуката за избор на Весна Дамева за претседателка.

„Имајќи ја превид пресудата на Управен суд, констатираме дека донесената одлука останува во сила, одлуката на Судски совет за избор на претседател Весна Дамева од 5.12.2022. Од сега натаму претседател на Судски совет е Весна Дамева," рече тој.

Седницата следува по денешниот работен состанок на Советот на кој беше разгледана пресудата на Управниот суд со која се поништува одлуката за разрешување на Дамева.

Управниот суд денеска ја објави пресудата во која меѓу другото е наведено дека Судскиот совет не дал никакви образложени причини поради кои ја разрешил од функција поранешната претседателка Весна Дамева, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, ниту утврдените факти, кои што согласно утврдената фактичка состојба упатуваат на донесување на Одлуката за нејзиното разрешување.

Весна Дамева беше разрешена од функцијата претседателка на Судски совет во мај минатата година, кога нејзиниот заменик, Селим Адеми, побара да се гласа за нејзино разрешување. По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд.

Незаконското разрешување на Дамева го наруши  кредибилитетот на Судскиот совет,  на чија сметка имаше повеќе реакции во јавноста, а се најде како издвоен случај и во Извештајот на Европската комисија за  напредокот на Македонија кон стандардите на ЕУ,  а во земјата летоска присуствуваше и  Оценска мисија на Унијата, која даде над 40 препораки за реформа на Судскиот совет.

Денеска премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање рече дека се согласува со оценката на амбасадорите кои рекоа дека според нив, Судскиот совет  станал нелигитимно тело.