1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Законски измени за „ремонт“ на Судскиот совет

10 ноември 2023

Извештајот на ЕК ги раздвижи работите - формирана е работна група што ќе подготвува измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет.

https://p.dw.com/p/4YeNG
Nord-Mazedonien Richterrat
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Најавата на Министерството за правда од минатата недела (1.11.) дека ќе биде формирана работна група која ќе има за цел да работи на реформа на Судскиот Совет, почна да се реализира.

„Со цел надминување на  слабостите наведени во Извештајот на Европската комисија  за досегашната работа на Судскиот совет, а во рамки на надлежностите на Министерството за правда за изготвување на законите во оваа област, формирав работна група за изготвување на Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет“, објави вчера министерот за правда Кренар Лога.

Тој се осврнува на Извештајот на ЕК за напредокот на РСМ за 2023 година, во кој е изразена сериозна загриженост за  работата на Судскиот совет. „Имено, во клучните оценки и препораки во делот на  функционирање на судството,  Европската комисија го повикува Судскиот совет да се залага да ја заштити независноста и интегритетот на судиите. Натаму, се нотира контроверзното разрешување на Претседателот на Судскиот совет преку контроверзна постапка со која се доведе во прашање почитувањето на законите и постапките. Обидите на сегашниот претседател да го ограничи присуството на камерите на седниците на советот се исто така нотирани, а кои благодарение на интервенциите на граѓанските организации и судско медиумскиот совет престанаа да бидат пракса“, наведува министерот.

Недоверба во Судскиот совет

Ова е прв чекор преземен за надминување на состојбите, но не и изненадувачки, со оглед дека скандалите во Судскиот Совет не се од вчера. Една од причините за испраќање на оценска мисија  од страна на Европската унија за работата на Судскиот совет, беа токму лоцираните слабости во неговото функционирање изминатиот период.

ЕК во Извештајот го нотираше сите: и оставката на поранешната претседателка на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, поднесена во знак на протест против обиди за несоодветно влијание од судството и бизнис заедницата, но и случајот со нејзината наследничка,  Весна Дамева.

„Новиот претседател, кој ја презеде функцијата во декември 2022 година, беше разрешен во април 2023 година преку контроверзна процедура, покренувајќи прашања за почитување на законите и процедурите. Граѓанските организации и правниците го осудија овој чекор без преседан и ги повикаа сите членови на Советот да поднесат оставки“, се нагласува во Извештајот.

Во него се нотирани и оставките на двајца членови на Судскиот совет Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимоски, во јуни 2023 година.

Министерот за правда Кренар Лога Северна Македонија
Министерот за правда Кренар Лога: работна група која ќе има за цел да работи на реформа на Судскиот СоветФотографија: Ministry of Justice North Macedonia

Дел од резултатите на истражувањето „Проценка на ризиците од корупција во правосудството во Северна Македонија“ кое во јуни 2023 година го презентираше Мисијата на ОБСЕ во Скопје, исто така е нотирано во Извештајот. А токму резултатите од тоа истражување укажаа на многу загрижувачки податоци. Дури 72% од анкетираните не се согласиле со ставот дека Судскиот совет успешно ја штити  независноста на судството.  Исто така, дури 73% не се согласиле дека при унапредувањето на судиите се применуваат критериуми кои се објективни, мерливи и правични. Голем процент од анкетираните судии (65%) не се согласуваат дека начинот на избор на судии е транспарентен и објективен. А 57% не се согласуваат дека на објективен начен се спроведуваат дисциплинската постапка и постапката за утврдување на нестручно и  несовесно вршење на судиската функција.

Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал, тогаш порача дека презентиранта проценка треба да послужи како катализатор за промени.

„Таа нуди перспектива одвнатре, од правосудниот систем, и нè соочува со суровата реалност и системските предизвици кои го спречуваат испорачувањето правда“, рече Вал, укажувајќи дека резултатите ја истакнуваат потребата за развивање поделотворни антикорупциски механизми.

Решенија, а не изговори

Во меѓувреме не беше ништо направено на тој план, па оценките во Извештајот на ЕК не ја изненадија јавноста.

„Извештајот на Европската Унија за напредокот на секоја земја кандидат за членство е ‘свидетелство’ со оценки за институциите“, напиша на Фејсбук поранешната министерка за правда Рената Дескоска.

„Делот на Извештајот за судството во најголем дел е оценка за работата на Министерството за правда и за  Судскиот совет во изминатата година.  А таа оценка, никој немаме дилеми дека е објективна (...) Ова треба да го вклучи алармот во Министерството за правда и Судскиот совет за преиспитување на својата улога во надминување на состојбите. И барањето на решенијата не треба да биде во стилот на ‘префрлање на топката на одговорност’. Таа веќе падна пред нив и направи толкав кратер во кој може да се излизга целата земја“, порача Дескоска.

Сега на потег е Работната група формирана при Министерствотo за правда. Како што објави Лога, со неа ќе претседава академик Владо Камбовски, а членови се поранешната судијка во ЕСЧП Маргарита Цаца Николовска, поранешните судии во Уставниот суд - Бајрам Положани, Бранко Наумовски и Сали Мурати, претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, двајца судии од истиот суд - Шпенд Деваја и Џемали Саити, професорите Денис Прешова, Ана Павловска Данева, Беса Арифи и Јетон Шасивари, Јелена Кадриќ од Институтот за човекови права, Ивана Петковска од Коалиција Сите за правично судење, Ѓорѓи Радојков - поранешен судија и Ивица Николовски - член на Судскиот совет. Paботната група во својата работа ќе повикува и други претставници од сите релеванти органи од областа на правосудство.