1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Музика

Ин Мемориам: Бегалец од бесмисленоста

Драгослав Дедовиќ
20 февруари 2021

„Останува горко чувство на пораз зад целата моја мирнодопска приказна“, рече Ѓорѓе Балашевиќ по бомбардирањето на Нови Сад. А зад него ќе останат стихови кои ќе го допираат сентиментот на некои идни генерации.

https://p.dw.com/p/3pdPc
Djordje Balasevic
Фотографија: official

Во животот на нас, тузланските гимназијалци, неповикан се појави од звучникот на гимназиската радио-станица која понекогаш не забавуваше на големите одмори:

Kad je pre mnogo leta, bal pravio baron,
Fon Ligentul je pozvan, da naiđe i on.
Čim ušo je u salu, onako lep i mlad,
Prišla mu neka dama, i uzviknula tad:
U razdeljak te ljubim / Svim žarom srca svog,
Jer hoću da poludim / Zbog razdeljka ti tvog. 

Одеднаш пред нашите очи се појави потонатиот свет од војводинско-хабзбуршки тип: барони, дами и балови- и патец на главите на помодарците каков што беше имал Фон Лигентул. Сето тоа низ танго и со сатирични зачини. Дама која се вљубува во машкиот патец, а тој од тоа добива манија на прогон. Тоа, во споредба со прилични клишеизираните текстови во популарните забавњаци навистина прозвуче свежо.
Годината е 1977 а групата се вика Жетва, а малку кој од нас знае да го повтори името на 24 годишниот автор на текстот и музиката- Ѓорѓе Балашевиќ.

„Сметајте на нас“

Тоа наскоро ќе се промени. Ретките меѓу нас кои свиркаа гитара веќе во наредните пет години мораа во репертоарот да сместат низа песни кои ги создаде новосадскиот младич. Тоа не беше прашање на избор. Девојките постојано бараа „нешто од Ѓоле“. А нумерите кои Балашевиќ ги пееше со групата „Рани мраз“, за разлика од оние на Чола, навистина можеа хорски да се пеат, во припит фалш, на забавите:

Tad još nisam ništa znao / I još nisam verovao Da na svetu tuge ima
Jedino mi važno bilo / Da postanem levo krilo / Il' centarfor školskog tima

Југословенскиот патриотизам на поп-начинот на духовитиот новосаѓанин ја востоличи химната на генерацијата родена во „педесет и некоја“- „Рачунајте на нас“:

Sumnjaju neki da nosi nas pogrešan tok, / jer slušamo ploče i sviramo rok.
/ Al' negde u nama je bitaka plam, / i kažem vam, šta dobro znam: računajte na nas.

Оваа нумера- колку да се знае- месец или два ја пееше и привремениот член на „Рани мраз“ и подоцнежен војвода Бора Ѓорѓевиќ. Тој од „заклетвата за Тито“ уште во 80-те години стигна до песната Ал Капоне, додека Балашевиќ остана Југословен.

„Панонскиот морнар“

Во Сплит 1979 година, Балашевиќ докажува дека на еден фестивал на кој доминираа морски теми, може да се победи со вицкаста химна за исчезнатото море. „Панонски морнар“ ја потврди класата и оригиналноста на Балашевиќ. 


Но дури вториот и последен албум на „Рани мраз“ ги донесе песните кои никогаш нема да умрат: „Животот е море“, или пред се „Приказната за Васа Ладачки“.
„Кад ја нисам с оном коју волем“, е стих кој со локалниот шарм го допре архетипот на југословенските народи и народности- каењето на човекот кој не го следел своето срце, големата љубов без која никогаш нема да најде среќа.

Уште на првиот соло албум „Пуб“ од 1982, во неговите стихови се пробива тешката општествена реалност бидејќи „третата смена го плаќа туѓиот долг“. Но во својот поетски космос Балашевиќ населува уште некои незаборавни ликови како што се „Лепа протина кчи“ и „Божа звани Пуб“.

Способноста на поетот Балашевиќ со живи слики да ја раскаже приказната најдобро се гледа на следниот албум. „Свирајте ми ’Јесен стиже, дуњо моја’ го најде патот до срцата на милиони.

Она за што народњаците во тоа време кукаат во задимените крчми- таа го оставила и се омажила за друг- кај Балашевиќ станува природна, шмекерска рима и јавно испеана, урбана балада со новосадски, староградски шмек.

Балашевиќ во Зетра

Веќе во 1985 следува новиот албум со химната на војвоѓанскиот хедонизам- „Ал се некад добро јело“. Како противтежа на оваа ведра слика на бесконечната војводинска трпеза, песната „Словенска“ го наоѓа патот до сите нас, кои бевме студенти на таа последна југословенска деценија.

U mojim venama davni sever samuje / I ja ponekad ne znam šta mu je
Što luduje, od sreće tugu tka / Moja prosta duša slovenska. 

Тука, на средината на 80-те се случи и мојата единствена вистинска средба со Ѓорѓе Балашевиќ во сараевска Зетра. Концертот траеше два и пол часа, а од нив Ѓоле ја забавуваше публиката си вицеви и анегдоти најмалку една третина од времето. Илјадници луѓе ја пееја секоја негова песна. За разлика од многу белградски рокери, кои во војната која ќе уследи неколку години подоцна, ги поддржаа оние кои пукаа врз градот, Балашевиќ ќе се солидаризира со оние кои останаа во него. Тоа, ни едните ни другите, никогаш нема да му го заборават.

Општонароден страв

Годината 1986 го донесе албумот „Бездна“ и хитот „Не ломите ми багрење“. Оние кои не го доживеале тоа време не можат да ја сфатат политичката порака која ја следеше песната- нејзината популарност се лулаше на истиот бран кој го дигна Слободан Милошевиќ. Тоа беше наратив за загрозеноста на Србите на Косово:

„Polako komšije! / Ne može samo da se uđe / Da se ruši tuđe / Lepo sam im rekao“. 

Мнозинството во Југославија тогаш го замислуваше тој невнимателен сосед- со кече на глава.
Покрај љубовните балади, мешањето на чувствата и војводинскиот виц, константа во опусот на Балашевиќ останува и сатиричниот опис на политичката состојба. Најдобар пример за тоа е нумерата „Солитер“ од албумот „Панта Реи“ од 1988:

Naš soliter je veselo zdanje / talasa masa, ljulja ga stalno / sad je doveden u prizemno stanje / al' zamišljen je monumentalno. 

На современиците не им беше тешко во Солитерот да ја препознаат Југославија во која во тоа време „се случуваше народ“.

Што значи да се убие град

Нема веќе да набројувам албуми- сите тие изродија песни кои не умееја да остарат и ликови кои ги гледаме осенчени со фини јазички потези на дискретна еротика- таква е и „Девојка са чардаш ногама“.
Отворениот бунт на Балашевиќ против војната и воено-хушкачката клика на власт се слуша и гледа на албумот „Један од оних живота“ од 1993.
„Човек са месецом у очима“ е обид да се проговори за Вуковар:

Ne znaš ti šta znači ubiti grad / ne znaš ti bauke kaljavih rovova / ne znaš ti šta znači spavati sad / kad sklopim oči ništa osim tih krovova. 

Но, песната од тој албум која, најмалку оштетена со смената на епохите ја надживеа деструкцијата на 90-те е „Провинцијалка“. Мене една од најдрагите. Распоредот на младежите на нејзиниот грб како тајна мапа му покажа на поетот Балашевиќ во која ѕвезда треба да се загледа.
Му посакувам неговата душа да се насели на таа ѕвезда.

Прости голема реко

Сепак, на албумот „Деведесете“, поетот му подигна споменик на својот ранет град и урнатиот мост. После петооктомвриските промени, Балашевиќ го правеше она што најдобро го знае- пишува меланхолични љубовни песни со зрно војвоѓански хумор. 
Подигна споменик од стихови и за својот брат по сензбилитет Кемал Монтено, снимајќи ја по неговата смрт во 2015 песната „Овој дует ќе го отпеам сам“.

Двајцата можеби сега сепак ќе го отпеат тој дует во димензијата за која ништо не знаеме.
Ѓорѓе Балашевиќ прерано го преплива својот небески Дунав оставајќи не со неговите стихови, тажни, на овој брег:
Oprosti velika reko, / al' ja sam morao preko!