1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Условување или потсетување - каква порака испраќа Рама?

Костадин Делимитов10 септември 2014

Поделени реакции предизвика изјавата на Еди Рама дека освен спорот за името, поважно за членството на Македонија во НАТО е целосно да се спроведува Рамковниот договор. Провокација или реалност?

https://p.dw.com/p/1D9dQ
Edi Rama Premierminister Albanien 15.11.2013
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Ваквиот изнесен став на албанскиот премиер, за време на НАТО самитот во Кардиф, дел од аналитичарите го сметаат за провокација, а други, пак, сметаат дека таа е одраз на реалната политичка ситуација во Македонија. Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, изјавата на Рама не треба да се гледа толку драматично, бидејќи тоа е дел од политичката сцена и помалку или повеќе вообичаен процес на комуникација што го поминуваат сите земји во регионот пред нивно интегрирање во евроатлантските институции:

„Ние укажувавме на тоа дека што подолго се одвива процесот на евроинтеграции може да се очекуваат и такви моменти. Прво беше името, па добрососедските односи и сега најново од Албанија со Рамковниот. Не е нешто што не се случувало во регионот - да не забораваме три, четири години траеше спорот помеѓу Хрватска и Словенија. Тоа е недостатокот кога си надвор, а некој друг е внатре и такви нешта може да се очекуваат. Албанија и Македонија имаат добри дипломатски односи, кои во изминативе дваесетина години имале падови, но не големи. А, и начинот на кој Рама тоа го укажа не беше многу груб. Но, тоа е тоа и не треба нас да не изненадува. Сепак јас не верувам дека Албанија кога би дошло до прием, би го блокирала процесот за Македонија во Алијансата, а и досега од албанската дипломатија не сме имале некои непријателски ставови или однесување, дури и во 2001 година. Не верувам дека Тирана ќе направи од тоа голема бука, зашто има политички партии на Албанците кои се дел од политичката сцена во Македонија, така што не е тоа единствениот механизам кој го имаат Албанците да инсистираат на исполнување на Охридскиот рамковен договор. Мислам дека за нашата политичка сцена, ако се земат во предвид добрососедските односи со Бугарија и ова - повеќе е изненадување делот со Бугарија, отколку што е ова со Албанија“, коментира Муслиу.

NA
Фотографија: Peter Macdiarmid - WPA Pool /Getty Images

Универзитетскиот професор Лазар Лазаров, пак, во изјавата на Рама препознава уцена од страна на Тирана, за што смета дека е потребен соодветен одговор од македонска страна:

„Како што имаат права сите малцинства во Македонија, ние треба да бараме исти права за Македонците во соседството. Не само во Албанија, туку и во другите земји. Ова е чиста уцена и начин да се притисне Македонија да се остварат некои права, кои немаат никаква основа. Од друга страна ние треба да го поставиме прашањето зошто Македонците во Албанија немаат безмалку ни елементарни права. Јас тврдев дека колку што има Албанци во Македонија, има повеќе Македонци во Албанија и не е само Пустец и Голо Брдо. Македонци има и во Елбасан и Тирана. Ние треба да го поставиме тоа прашање. Ако сакате соработка бараме реципроцитет. Албанците во Македонија ги уживаат сите права и се вклучени во власта и сите институции, а од друга страна - колку тие ја почитуваат државата, уставот, законите? До кога ние ќе бидеме во инфериорна дефанзива“, коментира Лазаров.

Политичкиот аналитичар Мерсел Биљали, пак, смета дека во изјавата на Рама нема ништо спорно, бидејќи ако внимателно се анализира ќе се види дека тој ги пренесува само заклучоците од самитот на НАТО за Македонија. Според него, повеќе треба да загрижува сликата што актуелните чинители од власта ја пренесуваат во Македонија за тамошните случувања.

„Еди Рама не го кажа тоа од позиција на патронатство на Албанците што живеат надвор од границите, туку повеќе како членка на НАТО која исто така гласа за заклучоците. Тирана не крие дека е многу заинтересирана за влез на Македонија во НАТО, но од друга страна ќе видите дека овде во Македонија се искривуваат информациите кои таму се случуваат. НАТО станува само вербална изрека и формална декларативност, а во реалноста се работи спротивно. Затоа сметам дека тој не е толку наивен да го каже тоа како некој маркетинг, затоа што со тоа не се поентира ништо, туку повеќе како израз на загриженост и убедување дека нашите луѓе што ја водат државата даваат друга слика од она што се случува таму. Ние сега имаме дополнителни услови. Ако внимателно се читаат заклучоците во делот за Македонија таму прецизно пишува дека не е само името услов, туку уште други три - медиумите, политичкиот дијалог и Охридскиот договор“, смета Биљали.

Prof.Dr. Mersel Bilalli FON Universität
Мерсел БиљалиФотографија: Fatos Musliu

Во однос на дилемите во јавноста дали по ветото на Грција за името, и нашиот западен сосед ќе го условува зачленувањето на Македонија во НАТО со Рамковниот договор, од Министерството за надворешни работи за Дојче веле соопштија „оти се чини дека е дадено несоодветно толкување во пренесеното, кое Рама го наведува како цитат. Колку што знаеме нема никакви дополнителни условувања“, велат за Дојче веле од македонското Министерство за надворешни работи.

Premierminister von Albanien Edi Rama
Еди РамаФотографија: Reuters

Слично звучеа и дополнителните пораки од властите во Тирана како обид за своевидно релативизирање на изјавата на Рама. Оттаму велат дека Албанија нема да стави вето на членството на Македонија во НАТО, доколку во целост не биде спроведен Рамковниот договор, бидејќи тоа како услов го испорачала Алијансата во заклучоците од Самитот.

Дипломатските односи помеѓу Македонија и Албанија безмалку 22 години од нивното официјално воспоставување важат за исклучително блиски и пријателски и покрај фактот дека Тирана се’ уште ја нема признаено Македонија под нејзиното уставно име.