1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вељаноски: Подавање рака меѓусебе, со соседите и со сојузниците

АМ/миа8 септември 2014

Вчеравечер во Македонскиот народен театар се одржа свечена академија по повод 8 Септември - Денот на независноста на Република Македонија. Говор одржа претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

https://p.dw.com/p/1D8Zc
Фотографија: MIA

Најголем предизвик, порача Вељаноски во својот говор, останува вкупниот државен развој, а приоритети членство во НАТО и ЕУ. Тој повика на соработка и единство помеѓу политичките партии, натамошно јакнење на довербата помеѓу етничките заедници и меѓуверската толеранција. „Таквата упорност, пожртвуваност, национална одговорност и вера ја доведоа Македонија таму каде што е денес!“

„Имаме обврска Македонија да им ја предадеме на следните генерации уште поразвиена, уште посигурна и уште постабилна. Да си подадеме рака меѓу себе, со нашите соседи и со нашите западни пријатели. Да тргнеме заеднички напред кон новите предизвици и да ја градиме и развиваме Македонија“, ова се дел од пораките во неговиот говор.

Претседателот на Собранието оцени дека „8 Септември е денот кога, како ретко кога, покажавме државно единство, народен плебисцит, гласајќи за самостојна, суверена и независна Македонија“. „Македонија го препозна историскиот момент! Македонија, како секогаш низ историјата, застана на страната на европските вредности, чиј почеток и крај се демократијата, човековите права и слободи и пазарната економија“, рече Вељаноски на свечената академија.

Feier zum 23. Jahrestag der Unabhängikgeit Mazedoniens 07.09.2014
Трајко Вељаноски рече дека задача над сите задачи е членството во НАТОФотографија: MIA

Тој упати честитки за херојските дела на македонски војници, кои создавањето на независна Македонија го дочекаа под туѓи униформи и знаме и се ставија на услуга на својата татковина Македонија, како и огромна почит до семејствата на сите загинати и ранети македонски војници од постјугословенските времиња.

Според него, 8 Септември е најголемиот симбол и на искрениот дијалог, соработка и разбирање помеѓу различните политички партии, па „треба да биде денот на кој треба да го славиме и да го поттикнуваме нашето единство и соработка“.

„8 Септември не е празник само на поддржувачите на една или на друга партија! 8 Септември е празник на сите наши партии! 8 Септември е најголемиот политички успех, како на ВМРО-ДПМНЕ, така и на СДСМ! Оваа вредност на овој голем ден мораме постојано да ја акцентираме“, порача Вељаноски. Тој повика, како што политичарите од сите партии застанаа еден до друг на скопскиот плоштад пред 23 години, за да ја објават и прослават независноста, така треба денес сиде да бидат „единствени и сплотени“.

„Да си подадеме рака независно од тоа на која партија и припаѓаме! Нашата најголема партија останува да биде Македонија“, нагласи Вељаноски.

Тој потенцираше и дека 8 Септември, како Ден на независноста, подендакво се однесува на сите, без оглед на јазикот кој се зборува или богот на кој луѓето му се молат. Тој притоа укажа дека мора уште повеќе да се јакне довербата и разбирањето помеѓу етничките заедници и да се јакне меѓуверската толеранција, но и јасно и недвосмислено да се осудат сите идеи кои промовираат нетолеранција.

Feier zum 23. Jahrestag der Unabhängikgeit Mazedoniens 07.09.2014
На академијата присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, пратеници и министри од првиот состав на Собранието, дипломатскиот кор во Македонија...Фотографија: MIA

„Сите заедно, еден до друг, од сите нации и вери, со несмалена жестина да се избориме за Европската унија, за членството во НАТО и за подобар живот. Членството на Македонија во НАТО е нашиот најголем приоритет. Во овој историски период, тоа е целта над сите цели! Тоа е задачата над сите наши задачи“, потенцираше претседателот на Собранието. Вељаноски притоа додаде дека разговорите со Грција продолжуваат.

„Веруваме дека нашите грчки соседи ќе разберат дека Република Македонија и македонскиот народ, ниту биле, ниту некогаш ќе бидат закана за Република Грција. Настојуваме да ги афирмираме позитивните вредности во нашите меѓусебни односи. Да ја развиваме економската, културната, образовната и секаков друг вид на соработка. Во светло на новите геополитички предизвици, македонскиот и грчкиот народ имаат историска должност да покажат државотворна зрелост за да можеме заеднички да се соочиме со нив и да ги надминеме“, рече претседателот на македонскиот законодавен дом.

Следниот голем приоритет, како што рече Вељаноски, е членството во Европската унија.

„Имаме обврска оваа наша земја да им ја предадеме на следните генерации уште поразвиена, уште посигурна и уште постабилна“, потенцираше Вељаноски.

На синоќешната академијата присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, пратеници и министри од првиот состав на Собранието, дипломатскиот кор во Македонија, како и претставници од сите сфери на политичкиот, културниот, научниот и економскиот живот.

Република Македонија денеска одбележува 23 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.