1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија не мора да бира меѓу ЕУ и Косово

5 март 2010

Никој не и поставил на Србија услов да бира меѓу членството во ЕУ и независноста на Косово, вели европарламентарецот Кацин по изјавите на шефот на српската дипломатија Јеремиќ дека Србија тогаш би го избрала Косово.

https://p.dw.com/p/ML6y
Јелко КацинФотографија: Europäisches Parlament

„Србија никој не ја доведува во ситуација да бира меѓу ЕУ и Косово. Српските претставници самите го отвораат тоа прашање, кое ЕУ воопшто не го поставува“, вели известувачот за Србија во Европскиот парламент Јелко Кацин. Шефот на српската дипломатија, Вук Јеремиќ во средата, при посетата на Будимпешта изјави дека „секој кој мисли дека Србија, кога би морала да бира меѓу Косово и ЕУ, би ја го избрала членството во Унијата, греши“. „Ние се навикнавме на изјавите на господинот министер за надворешни работи на Србија. Кога и да даде тој некоја таква изјава, ние прво чекаме некој друг да ја демантира. Јас мислам дека претседателот Тадиќ, како и сто пати досега, и по сто и прв пат, на некој начин тоа ќе го надмине“.

Косово не смее да биде политичка играчка

Јелко Кацин се надева дека унгарскиот колега на Јеремиќ, Петер Балаж од името на ЕУ јасно порачал дека Косово, одамна, меѓу Србија и ЕУ, ја избра ЕУ.

EU Aussenministertreffen in Brdo Slowenien Vuk Jeremic
Дилемата Косово или ЕУ на Јеремиќ е лажна, велат во БриселФотографија: AP

Што се однесува до односите меѓу Србија и Косово, Кацин вели дека на Косово работат избрани српски претставници, дека Србите имаат двајца министри во Владата и претставници во Собранието, кои Белград треба да ги поддржи во интерес на Србите кои останаа да живеат во Косово. Треба да се охрабрат тамошните Срби да бидат дел од решението, а не дел од проблемот, вели Словенецот: „Косово во ниту еден случај не смее да биде политичка играчка во рацете на Белград“.

Според многумина, изјавата на Јеремиќ може да се толкува и како чекор назад во однос на евроинтеграциите на Србија, и покрај декларативните заложби дека ЕУ е стратегиска цел на Белград. Особено во момент кога во ЕУ се очекува расправата за апликацијата на Србија за добивање на кандидатски статус за членство. „Србија ја предаде апликацијата со која сака да стане држава кандидат за членство во ЕУ. Јас се надевам дека таа апликација е се‘ уште актуелна. Се‘ додека Јеремиќ не ја демантира и се‘ додека српската влада не ја повлече, јас ќе верувам дека не само Србија, туку и граѓаните на Србија, сакаат да ја видат својата земја во ЕУ“, вели Кацин.

Aвтор: Марина Максимовиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска