1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијалогот меѓу Белград и Приштина-неминовен?

5 март 2010

Судејќи според последните изјави на меѓународните дипломати, се` почесто станува збор за нови разговори меѓу Приштина и Белград. На Косово никој не е против дијалог, но ставовите за разговорите и натаму се разликуваат.

https://p.dw.com/p/MJqX
ПриштинаФотографија: Filip Slavkovic

Косово се залага за соработка и е отворено за дијалог со соседните земји, но тоа мора да биде искрена и обострана соработка на независни држави, вели за „Дојче веле“ Џавит Беќири, портпарол на косовскиот претседател: „Република Косово, како независна и суверена држава, никогаш не ја затвори вратата за соработка и добрососедство ниту со Република Србија, но за жал, другата страна ниеднаш не покажа подготвеност за добри односи со Косово. Напротив, го напаѓаше Косово во секој поглед и постојано му ставаше пречки.“

Беќири истовремено нагласува дека косовските институции никогаш нема да прифатат со Белград да разговараат за прашањата кои би можеле да го загрозат суверенитетот на Косово.

Прашањето за статусот е крајно

Од друга страна, претседателот на Српскиот национален совет на Косово и Метохија, Драган Велиќ, смета дека мора да дојде до дијалог меѓу Белград и Приштина, но никако како разговор меѓу две држави. Велиќ додава дека меѓународната заедница ќе има голема улога во некој иден дијалог: „Голема е и одговорноста на меѓународната заедница за почитување на Резолуцијата 1244, како и за тоа двете страни да ги принуди на разговори во смисол на барање прифатливо решение. Таков разговор секако треба да започне од оние прашања кои не се статусно оптоварени, а на крајот да се дојде до самиот разговор за статусот. И сигурно по одговорот, кој ќе дојде од Меѓународниот суд на правдата, меѓународната заедница може и треба да бара преговори во согласност со него.“

Kulturwüste Belgrad
БелградФотографија: DPA

Се чека зборот на судот во Ден Хаг

И аналитичарите проценуваат дека прашањето за дијалог ќе биде покренато откако Меѓународниот суд на правдата ќе го изнесе своето советодавно мислење за легитимноста на еднострано прогласената независност на Косово.

Имено, разговорите се неминовни, бидејќи се очекува дека мислењето на судот на некој начин ќе биде неутрално, вели Шпенд Ахмети, директор на Институтот за напредни студии од Приштина (ГАП). „Работата е во тоа што Србија не ја признава независноста на Косово и тоа создава проблеми не само за Косово, туку и за другите држави во регионот и за меѓусебните односи. Така се ризикува и европската перспектива. Затоа и Брисел и државите од ЕУ сакаат тоа да продолжи што побргу, затоа мислам дека ќе се разговара за тешките прашања, а најпрво за северот на Косово.“

Иако меѓународните дипломати напоменуваат дека не ги доведуваат во прашање независноста и територијалниот интегритет на Косово, Ахмети додава дека опцијата за поделба останува отворена и до крајот на годината уште повеќе ќе се актуелизира.

Автор: Зулфија Јакупи/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска