1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Спорното наследство на Наполеон Бонапарта

Соња Палникар
5 мај 2021

Во Франција, Наполеон е национален херој, заслужен за воспоставување на граѓанските права. Но, неговата улога во повторното воведување на ропството предизвика дебата за неговото наследство - 200 години по неговата смрт.

https://p.dw.com/p/3szez
Napoleon Bonaparte
Фотографија: imago images

Како дел од двестeгодишнината од смртта на Наполеон, парискиот културен центар Гран Хал де ла Вије е домаќин на голема изложба посветена на Наполеон Бонапарта, која ќе биде отворена веднаш штом ќе бидат укинати рестриктивните мерки поради Ковид-19 и ќе се одржува до 19 септември 2021 година.

Среде 150 експонати кои ја отелотворуваат блескавата империјална величина на поранешниот француски император - „личност која е истовремено и фасцинантна и контроверзна“, како што вели рекламата за шоуто - еден дел од изложбата се фокусира на потемната страна од неговото наследство. Во него се прикажани оригиналните копии на законите потпишани од Наполеон во 1802 година, со кои се поништува укинувањето на ропството, кое било прогласено осум години претходно, по Француската револуција. Тоа ја направи Франција единствена земја која го врати ропството по неговото укинување.

„Кога станува збор за Наполеон, повеќето луѓе помислуваат на големата империја, на многуте победи на Франција за време на војните во таа ера. Оваа слава во врска со Наполеон засенува сè друго што тој сторил“, вели за ДВ Доминик Тафан, директорка на Фондацијата за сеќавање на ропството. Фондацијата беше одговорна за тој дел од изложбата. „Одлучивме дека е потребно да се подигне свеста на пошироката публика за овој мрачен дел од неговите дела“, додава Тафан.

Toussaint Louverture, Haiti
Тусан Лувертур ја предводеше револуцијата на Хаити во 1791 годинаФотографија: gemeinfrei

Голем криминал или минорна приказна?

„Одлуката за обновување на ропството не е само дамка врз наследството на Наполеон, тоа е и криминал“, вели за ДВ, Луј-Жорж Тин, активист и почесен претседател на Претставничкиот совет на здруженијата на црнците (ЦРАН). Одлуката на Наполеон во 1802 година повторно да го воспостави ропството не само што ги предаде идеалите на Француската револуција, туку и осуди околу 300.000 луѓе на ропство уште неколку години, пред Франција дефинитивно да го укине ропството во 1848 година.

Повеќе: Џунтинт - денот кога заврши ропството во САД

Тин, кој потекнува од Мартиник, поранешна колонија, а сега прекуморска француска територија, вели дека овие аспекти од политиката на Наполеон треба повеќе да се учат во Франција. „Како некој чии предци живееле во ропство, не можам да разберам зошто продолжуваме да го славиме сеќавањето на Наполеон, како ништо вакво да не се случило“, вели тој.

Но, сите не се согласуваат со тоа. Историчарот и експерт за Наполеон, Пeтер Хикс од париската фондација Наполеон, вели дека Наполеон Бонапарта бил комплексна личност која владеела со Европа низ периоди на „хипернасилство“ и не може да се редуцира само на неговите колонијални позиции.

Робови на плантажи на шеќерна трска и кафе

Од гледна точка на поранешните колонии, важноста на ропството што повторно го воведе Наполеон е сè друго освен маргинално. Кон крајот на 1780-тите, Франција беше голема колонијална сила, чии територии ги опслужуваа околу 800.000 робови. Нејзината најпрофитабилна колонија била Сан-Доминик (сега Хаити) на Карибите. Околу 450.000 робови работеле таму на плантажи што извезувале шеќер и кафе во Франција.

Повеќе: „Модерни робови“ за фудбалските стадиони во Катар?

Според историските извештаи, системот бил насилен и стапката на смртноста кај поробените била толку висока, што морало да се донесат дополнителни робови од Африка.

„Наполеон сакал да ја прошири француската колонијална империја за да ги контролира Карибите. За да ја колонизира огромната земја Луизијана во Северна Америка, му биле потребни работници, па затоа повторно ја стартувал трговијата со робови. Тоа била колонијална стратегија", објаснува Доминик Тафан од Фондацијата во сеќавање на ропството. „А за тоа му била потребна  целосна контрола врз Сан-Доминик, бидејќи бил од централно значење за таа географска област“.

Frankreich | Grabstätte Napoleon Bonarparte in Paris
На ова место во Париз е гробот на НаполеонФотографија: Sonia Phalnikar/DW

Хаити плати висока цена

Во револуцијата на Хаити, робовите од Сан-Доминик започнаа востание против француското колонијално владеење во 1791 година, од кое гувернерот Тусан Лувертур произлезе како водач на револуцијата. Востанието првично ја наведе Франција да го укине ропството низ целото нејзино царство во 1794 година.

Потоа, на почетокот на 19 век, за повторно да го воспостави колонијалниот поредок, Наполеон испрати војска да го собори Лувертур од власт. Лувертур беше депортиран во Франција - но неговите револуционерни соборци беа решени да се спротивстават на повторното воведување на ропството од страна на Наполеон во 1802 година и водеа брутална војна против Французите повеќе од една година.

Во 1803 година тие конечно ја поразија војската на Наполеон. Следната година револуционерите ја основаа независната и слободна држава Хаити. Тоа беше првата република во светот основана од поранешни робови, која го забрани ропството и трговијата со робови.

Frankreich | Sklaverei Denkmal in Paris
Споменик во Париз кој потсетува на ропствотоФотографија: Sonia Phalnikar/DW

„Поразот на Наполеон од Сан-Доминик е малку позната приказна. Тој ја изгуби вредната колонија и ја продаде Луизијана на САД", објаснува Доминик Тафан. Сепак, последиците од постапките на Наполеон продолжија уште долго по повлекувањето на Французите од Сан-Доминик. Имено, ропството остана во сила во Гвајана, Гвадалупе, Мартиник и островот Реунион, сѐ додека Французите конечно не го укинаа во 1848 година.

Висока цена плати и Хаити. Во 1825 година, Франција на Хаити, под закана за војна, му изрече казна од 150 милиони франци (сегашниот еквивалент е околу 17,5 милијарди евра), со кои поранешните сопственици на робови требаше да бидат обесштетени. Хаити ја плати оваа отштета многу подоцна - во 1947 година. До денес земјата економски страда поради тоа.

Запоставено во училишните книги

Малкумина во Франција се свесни за оваа приказна. Фредерик Режент, историчар на универзитетот Сорбона во Париз, гледа неколку причини за тоа. Од крајот на 19 век, колонијализмот беше или фален или запоставен во училишните книги - долго време темата се сметаше за безначајна за националната историја бидејќи се одвиваше далеку од границите на Франција.

Повеќе:Колонијалната историја на Германија не е тема во училиштата

Темата за ропството и колонијализмот на Франција беше „покриена“ со укинувањето во 1848 година. По Бтората светска војна, кога Европа се концентрираше на обнова, Наполен беше претставен како обединувачка фигура. „Од 1950-тите до 1990-тите фокусот беше ставен на Наполеон и неговите освојувања во Европа. Тој беше претставен како градител на Европа и републиканска фигура. Колонијалниот аспект беше главно игнориран“, вели Режент.

Frankreich | Proteste zum Tod von George Floyd
Фотографија: Sonia Phalnikar/DW

Но, работите се променија. Од крајот на 90-тите години на минатиот век, во Франција има демонстрации, закони и промени во училишната програма за да се постигне подобро вклученост на темата во историјата на земјата. Во последниве години, гласно и разнолико француско население, често со предци од поранешните колонии, јавно говори за прашањата на расна дискриминација и идентитетот.

Обврска кон потомците на поробените

Минатата година, по убиството на Џорџ Флојд во САД, во цела Франција избувнаа протести под слоганот „Црните животи се важни“. Имаше и барања од пред  Француското национално собрание во Париз да се отстрани статуата на Жан-Батист Колбер, човекот кој стои зад декретот „Код Ноар“, со кој беа дефинирани условите за ропството во француските колонии.

Napoleon Bonaparte | Ausstellung | Napoleon - Beyond Myth in Liège-Guillemins
Фотографија: Bourguet Philippe/BePress/ABACA/picture alliance

Поранешниот француски премиер Жан-Марк Ајро, сега претседател на Фондацијата за сеќавање на ропството, изјави дека 200-годишнината од смртта на Наполеон е можност да се соочување со долгото колонијално минато на Франција.

„Повторното воведување на ропството е заборавен и мрачен дел од нашата историја - и ние треба да ја објасниме целата оваа комплексна приказна, не само дел од неа“, рече Ајро. „Тоа е исто така наша должност кон потомците на оние кои мораа да живеат во ропство по неговото повторно воспоставување. Една држава може да стане посилна само ако го знае и разбира своето минато, верува Ајро.