1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се стеснува маневарскиот простор за случајот „Македонска банка“

Катерина Блажевска31 мај 2014

Приватната тужба на премиерот Груевски не може да влијае врз постапката на Јавното обвинителство за случајот „Македонска банка“, тврди државнот јавен обвинител, но дел од правните експерти се сомневаат во тоа.

https://p.dw.com/p/1C9nh
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тужбата за клевета и навреда, со која премиерот Никола Груевска бара отштета од половина милион евра од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, поради обвинувања за криминал во продажбата на „Македонска банка“, ја разбранува домашната јавност. Состојбата ја вжешти и фактот дека Обвинителството се‘ уште не се изјаснило за кривичната пријава што ја поднесе СДСМ против Груевски, „за три тешки кривични дела: противзаконско посредување, примање поткуп и затајување данок“. СДСМ објави аудио-снимки, во кои, според партијата, Груевски е еден од учесниците во разговорите за тајна продажба на „Македонска банка“. Според СДСМ, Груевски од позиција на пратеник и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, во 2003. и 2004. година посредувал и влијаел кај мнозинството акционери во „Македонска банка“, за да му продадат 51 отсто од акциите на српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ-Нини. За тоа, Груевски, наводно, договорил награда од 1.500.000 евра кеш, а останатите 900.000 евра со сукцесивно повлекување, повторно во готовина.

Нема влијание врз Обвинителството

Поради многубројните забелешки за партизираност на македонското судство и контрола на извршната власт врз неговите одлуки, сомнежите деновиве се одвиваат во една насока: дали приватната тужба од премиерот Груевски, може суптилно да влијае и врз одлуката на Обвинителството дали ќе поведе постапка за овој случај? Државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, за Дојче веле тврди дека никој не може да влијае врз Обвинителството.

„Приватната тужба на премиерот Груевски не може да влијае врз постапката на Јавното обвинителство. Колку што сум информиран, таа е во завршна фаза. Нема да шпекулирам кога обвинителството ќе се произнесе за неа. Еднаш шпекулирав со датум, па излезе неточно. Причина за тоа е што предметот не е пред мене на маса, за да знам точно до каде е постапката“, вели Зврлевски.

Mazedonien Wahlen Gruevski Sieg 28.04.2014
Премиерот Никола Груевски бара отштета од ЗаевФотографија: picture alliance/AP Photo

Ист став дели и Михјало Маневски, поранешен министер за правда и поранешен претседател на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

„Зошто тужбата на премиерот да влијае врз одлуката на Обинителството? Нема никаква причина за тоа. Премиерот може со приватна тужба да си ги остварува своите права пред судот, а тоа на никаков начин не може да влијае на кривичната постапка. Тоа се две одвоени постапки“, дециден е Маневски.

Тужбата проблематична

Но, сите не се убедени во ваквите образложенија. Сомнежот го зголемува досегашната судска практика, во кој ниеден тужител од редовите на власта нема изгубено судски спор за клевета и навреда, дури и кога доказите не говореле во нивна полза. Политичари од опозицијата и медиуми критички настроени кон власта, без исклучок, ги губат споровите кога пред вагата на македонската Јустиција ќе се соочат со тужби од министри, пратеници на владејачкото мнозинство или од медиуми под владина контрола.

Според Мирјана Најчевска, од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, тужбата на премиерот Груевски за клевета и навреда во случајот „Македонска банка“, е „повеќезначно проблематична“.

Mazedonien - Parteichef Zoran Zaev
Зоран Заев не ја коментира приватната тужба на ГреувскиФотографија: MIA

„Прво, на овој начин се врши притисок врз Јавниот обвинител во текот на прибирањето податоци дали навистина станува збор за дело кое може понатаму да се процесуира или не.
Второ, на овој начин се врши протисок врз судот при евентуално процесирање на случајот, без разлика дали станува збор за тужба поднесена од Јавниот обвинител или за приватна тужба. Трето, се спречува во иднина поставување на прашање и изнесување на сознанија за можна корупција на кој било функционер во власта. Токму заради заштита од ваков вид на опструкции на правдата и за избегнување на ситуација на неказнивост на високи функционери во власта, кои имаат моќ да влијаат на судовите и другите државни органи, да ги прикријат криминалните активности и имаат можност да заплашат или санкционираат, во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, е предвидено: Суштински елемент на делото клевета да претставува фактот дека тој што клеветел ’знае или бил должен и може да знае дека се невистинити’ податоците кои ги изнесува. Второ, тужениот кој ’ќе докаже дека имал основана причина да поверува во нивната вистинитост нема да одговара за клевета’. Трето, товарот на докажување паѓа врз тужителот, кој како носител на јавна функција има законска должност да даде објаснување за конкретни факти кои најнепосредно се поврзани или се од значење за вршењето на неговата функција, ако тужениот докаже дека имал основани причини за изнесување на тврдење што е од јавен интерес. Не случајно, Европскиот суд за човекови права утврдува дека ’за државните службеници во рамките на нивните должности, на ист начин како и за политичарите, важат пошироки граници на прифатлив критицизам’“, објаснува Најчевска.

Заеднички именител

Додека се‘ уште не се знае кога Обвинителството ќе соопшти дали поведува постапка за случајот „Македонска банка“, за граѓанската постапка тој датум е веќе извесен. Првото рочиште за тужбата на Груевски против Заев е закажано за 19 јуни. Од СДСМ велат дека лидерот на партијата нема да ја коментира приватната тужба на Груевски. Единствениот коментар дојде од адвокатот на Заев, Мирослав Вујиќ: „Изгледа дека само за премиерот важи итна постапка.“

Премиерот Груевски вчера искажа целосна увереност во неговата невиност за случајот за кој го обвинуваат.
„Ако господинот Зоран Заев верува во тоа што го изнесе, нема потреба да се плаши. Но, мислам дека нема да излезе така, затоа што неговите наводи не се точни“, рече Груевски.

Во СДСМ, пак, се целосно уверени во точноста на наводите за кои обвинуваат. Партијата на 20 мај до Јавното обвинителство достави уште еден доказ: вештачење на аудио снимката реализирано во Белград од овластен судски вештак од областа на информатичката технологија.

„Ние немавме дилеми. Но, да му помогнеме на обвинителот Зврлевски и тој да нема дилеми. Гласот е на Никола Груевски“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Драган Малиновски, адвокат и поранешен член на ДКСК, смета дека токму утврдувањето на веродостојноста на снимките - е заеднички именител на двете постапки, кои не се детерминирани една со друга.

„Заеднички именител на двете постапки е прашањето за вистинитоста на аудио-снимките. Во кривичната или во граѓанската постапка на Груевски, или и во двете, ќе биде неминовно да се утврди веродостојноста на аудио-снимките. И во двата случаја маневарскиот простор е прилично редуциран од природата на тврдењето - дали е вистинито или не. Во овој случај, одговорите повеќе ќе ги дава техниката, отколку обвинителството. Но, пред да навлезе во материјална расправа за вистинитоста на снимките и за тоа дали има елементи на кривично дело, Обвинителството ќе треба да зазаеме став дали постапката е дозволена и да оцени дали случајот е застарен или не. Ако има елементи на застареност, нема да се впушта во утврдување дали има дело или не“, објаснува Малиновски.

Мала доверба во судството

Ако Обвинителство не најде елементи за да поведе кривична постапка, тогаш останува да се реализира само граѓанската постапка за клевета и навреда, во која тужител е премиерот. Се наметнува прашањето - што ако во таа постапка се докаже веродостојноста на снимките? Маневски не сака да ја коментира таквата можност врз „база на претпоставки“. Според Малиновски, пак, тогаш тужителот би се нашол „во многу непријатна ситуација“.

„Ако во граѓанската постапка се докаже веродостојноста на снимките, односно дека имало елементи за кривично дело, за кое, пак, по кривичната пријава не била поведена постапка, премиерот би се нашол во многу непријатна ситуација. Нешто слично како со аболицијата на Заев. Секогаш 'ќе виси' сомнежот дека имало кривично дело, за кое некој не одговарал“, вели Малиновски.

Тој очекува постапките да се спроведат според принципите на неутралност и независност.

Македонското судство засега не ужива таков впечаток во очите на јавноста. Реформите на судството се еден од клучните услови за интеграциските процеси на Македонија, но со години клучни забелешки се дека ефикасноста и независноста на судството се загрозени од политички влијанија.

Минатогодишното истражување за Барометарот на глобалната корупција на „Транспаренси Интернешнел“ во однос на перцепцијата за корупција, покажа дека 68 проценти од анкетираните сметаат оти судството и политичките партии во Македонија се корумпирани. Според анкетата што ја спроведе Центарот за истражување и за креирање политики во февруари годинава, на репрезентативен примерок од 1.584 испитаници, само 24 проценти од анкетираните веруваат во партиите, а 32 проценти во судството.