1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Либија, десет години по смртта на Гадафи

Керстен Книп
20 октомври 2021

Либискиот диктатор Моамер ел-Гадафи беше убиен пред точно десет години. Оттогаш, земјата никако да излезе од криза.

https://p.dw.com/p/41uqm
Омраза кон диктаторот: Либијци во егзил во Анкара ја палат сликата на Моамер ел-Гадафи на протест во 2011 година
Омраза кон диктаторот: Либијци во егзил во Анкара ја палат сликата на Моамер ел-Гадафи на протест во 2011 годинаФотографија: ADEM ALTAN/AFP/Getty Images

„Му соопштуваме на светот дека Гадафи почина во рацете на револуцијата. Ова е крај на тиранијата и на диктатурата во Либија“.  Тоа беа оптимистичките зборови со кои Абдел Хафез Гога, портпаролот на Националниот преоден совет, ја најави смртта на либискиот владетел Мoамер ел-Гадафи пред 10 години, на 20 октомври 2011 година. Неколку месеци претходно, во февруари 2011 година, Либијците, поттикнати од бунтот во соседен Тунис, се кренаа против режимот на Моамер ел-Гадафи, кој стана претседател на Либија во 1969 година, стигнувајќи на власт со државен удар.

Бунтовниците покрај себе имаа силни сојузници. Во март ОН дадоа одобрение за воена операција, чија цел требаше да биде заштита на народот. Нападите, кои тогаш ги изведе НАТО против војската на Гадафи, значително придонесоа за слабеење на диктаторот.

По неколку недели во бегство, Гадафи последно засолниште најде во градот Сирта, на северот на земјата, околу 450 километри источно од Триполи. Опкружен со противници, се обиде да побегне преку канализација, но беше фатен. Бунтовниците веднаш го убија,а фотографијата со крвавиот труп го обиколи светот.

„Незадоволството на голем дел од граѓаните во кус рок беше поттикнато со криза на недвижностите, со растот на цената на храната и исклучително високата невработеност на младите“, вели Хагер Али, истражувач на Институтот за блискоисточни студии ГИГА. Освен тоа, постоеше барање да се разјасни масакарот во затворот Абу Салим во 1996 година, во кој се убиени меѓу 1.200 и 1.700 затвореници. „Ова злосторство го обележа времето на владеењето на Гадафи. Организацијата за човекови права Слободна куќа тогаш оцени дека состојбата на човековите права во Либија е исклучитело лоша“, нагласува Хагер Али.

Канализациската цевка во која, според наводите на бунтовниците, се криел Гадафи пред да биде пронајден и убиен на 20 октомври 2011 година
Канализациската цевка во која, според наводите на бунтовниците, се криел Гадафи пред да биде пронајден и убиен на 20 октомври 2011 годинаФотографија: picture alliance/dpa

Се надеваме на нов почеток

Поради тоа, еуфоријата и надежта во нов почеток беа сѐ поголеми. Но, зборовите на тогашниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, звучеа повнимателно. „Патот пред Либија и пред нејзиниот народ ќе биде тежок и полн со предизвици“, предупреди тогаш тој. „Либијците можат да ги остварат својата иднина и очекувања само со национално единство и со помирување“, укажа Мун. Тој дефинираше еден од важните предуслови за нов почеток - помирување остварено со преговори во националниот дијалог. Но, не дојде до тоа - превирањата во земјата и бунтот кулминираа со граѓанска војна во 2014 година.

Години на граѓанска војна

„Причините за граѓанската војна прво лежат во апаратот на моќ кој го изгради Гадафи“, вели Хагер Али. И навистина, една од најголемите грижи на Гадафи беше воена побуна. Неговата стратегија беше да ги врзе до себе високо рангираните офицери и да ги постави, како и членовите на семејствата, на стратешки важни положби. „Исто така, купуваше безбедносни услуги од странски платеници, а пониските редови во либиската војска ги држеше подалеку од власта“, нагласува Али.

За време на побуната, различни социјални групи во Либија ги обединуваше желбата Гадафи да биде соборен од власт. Но, по неговиот пад, овие сојузи се распаднаа. Ниту неколку избори не можеа да доведат до заеднички ставови и да го обединат населението. „Тоа се случи затоа што не постоеше функционална цивилна политичка арена во која би можеле да се решат разликите и да се преговара“, вели Хагер Али.

Либија го слави ослободувањето од Гадафи

Пропадната држава

Како резултат на тоа, Либија доживеа типична судбина на пропаднатите држави - државната моќ се распадна, а притоа се формирани две влади, една во главниот град Триполи, а друга во крајбрежниот град Тобрук, на крајниот исток на земјата. За да се заштитат или да ги наметнат своите интереси, сѐ повеќе странски актери интервенираа во граѓанската војна во Либија.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на пример, се обиде да ги наметне турските барања за резерви на гас во Медитеранот низ сојуз со еден од двајцата либиски претседатели на влади - Фајез Сараџ.

Египетската влада, од друга страна, се потпираше на поддршка од соперничката влада во Тобрук, предводена од Калифа Хафтар, со цел исламистичките сили, особено Муслиманското братство, да останат надвор од земјата. Во Каиро се плашеа дека активностите на Муслиманското братство ќе преминат во Египет.

Европејците пак, од друга страна, првенствено беа заинтересирани Либија да не стане средиште на нови, едвај контролирани бегалски бранови. Токму поради таа причина, појасни германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во февруари 2020 година, во разговорите за Либија, исто така, е важно да се вклучат и соседните држави.

Огорчени противници: Калифа Хафтар и Фајез Сараџ
Огорчени противници: Калифа Хафтар и Фајез Сараџ

Германски обиди за изнаоѓање решение

Иницијативите за излез на Либија од насилство и воспоставување стабилност беа бројни. Неколку специјални пратеници на ОН се обидоа  на иста маса да ги доведат воените противници, што на крајот успеа во контекст на неколку иницијативи, вклучувајќи и две конференции за Либија во Берлин во 2020 година и во 2021 година, организирани од германското Министерство за надворешни работи. Во декември оваа година во Либија се одржуваат претседателски и парламентарни избори.

Сепак, бројни проблеми сѐ уште не се решени, вели Хагер Али. Еден од основните предизвици е контролата врз вооружените сили. Тоа, сепак, е само потточка во тековниот процес на преговори. „Нема гаранција дека демократиите ќе бидат демократски. Постои, на пример, опасност од недоволна контрола врз вооружените сили и нивно непочитување на наредбите". Но, тоа во моментов не е случај во Либија. Покрај тоа, сѐ уште има високо политизирани, вооружени групи (фракции) кои би можеле да го игнорираат изборниот резултат. „Додека тоа е така, трансферот на власта останува крајно ризичен“.

Друг проблем е недостатокот на програмска ориентација кај политичките партии, посочува Хагер Али. Повеќето од нив тешко може да се разликуваат по програмата или содржината што ја нудат. Постојат конзервативни, исламистички и секуларни партии. Но, тоа не ги спречува да бидат многу блиски на многу начини. Оваа околност е долгорочен ризик за демократскиот развој на земјата. „Не е доволно да се формираат партии и да се одржуваат избори. Исто така, треба да изградите избирачко тело и да го одржите. Дури тогаш политичарите можат да ги извршуваат своите функции во парламентот".