1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либија е на прагот на распад

Ане Алмелинг/БГ14 ноември 2014

Три години по падот на Гадафи, Либија е разорена од борби за превласт меѓу различните милиции. Безбедносната состојба е катастрофална, а земјата е во граѓанска војна.

https://p.dw.com/p/1DmsP
Фотографија: Abdullah Doma/AFP/Getty Images

Бомбашки напади во Триполи, експлозии во Тобрук, смртоносни пресметки меѓу ривалски милиции во Бенгази - ретко минува ден во Либија без ужасни вести. Во четвртокот експлодираа две автомобил-бомби во главниот град. Во средата, во повеќе напади на истокот на земјата, загинаа најмалку пет војници. Последните инциденти покажуваат дека на властите им е се’ потешко да ја држат под контрола безбедносната состојба.

Две влади, два парламента

Не е ни чудо: во Либија на власт се два парламента и две влади. Во едната доминираат исламисти, во другата нивните противници. Обете се борат за влијание, пари и ресурси и добиваат поддршка од многубројните милиции низ земјата. Вооружените групи заедно се бореа против либискиот диктатор Моамер Гадафи. Но, по неговиот пад се обидуваат, со различен успех, да ги остварат сопствените интереси.

„Во Либија се води еден вид граѓанска војна, обележана со атентати, бомбашки напади и киднапирања, што го прави нормалниот живот невозможен“, вели Гинтер Мајер, професор и раководител на Центарот за соработка со арапскиот свет на Универзитетот во Мајнц.

Лошата безбедносна состојба се должи и на тоа што политичките институции во Либија се многу слаби или воопшто не постојат. За тоа се погрижи Гадафи. Самопрогласениот водач на револуцијата ја уништуваше секоја можна опозиција. Ги запушти армијата и регуларните безбедносни сили на сметка на својата лична гарда. По неговата насилна смрт, планот беше да се интегрираат милициите во нови безбедносни сили. Но тоа не се случи. Напротив, милициите добиваат пари од државата, но се борат за интересите на нивното племе или нивниот град.

Explosion einer Autobombe nebst der ägyptischen Botschaft in Tripolis
Последици од експлозија на автомобил-бомба во ТриполиФотографија: M. Turkia/AFP/Getty Images

Тобрук против Триполи

Некои набљудувачи очекуваат земјата целосно да се распадне, иако таа и не е многу долго обединета. Во 1963 година, дотогаш автономните региони Триполитанија, Сиренаика и Фасан беа споени во централна држава. Ова единство денес е пред сериозна опасност, затоа што исламистите не го признаа поразот на изборите и во август, со помош на милициите од Мисрата го освоија главниот град Триполи. Притоа, успеаја да го убедат Врховниот суд да го прогласи избраниот парламент за нелегален, и создадоа сопствен парламент.

„Се работи за посредничка војна во самиот арапски свет“, објаснува експертот Мајер. „Исламистичките сили добиваат поддршка од Катар и Турција, додека официјално признаената влада е помагана од Обединетите Арапски Емирати и Египет“. Официјално избраниот парламент во меѓувреме не ги одржува своите заседанија во Триполи, туку во градот Тобрук во близина на египетската граница. Но, борби меѓу исламистите и нивните противници се водат и на истокот на земјата. Пензионираниот генерал Калифа Хафтар, кој дојде во судир со Гадафи во 80-те години на минатиот век, во градот Бенгази се бори против исламистичките милиции.

Копнеж за стабилност

Либија долго време беше сметана за упориште на џихадистите. Во источно-либискиот град Дерна, исламистичко упориште уште од времето на Гадафи, „Исламистичкиот младински шура совет“ и се заколна на верност на Исламистичката држава, терористичката милиција која контролира делови од територијата на Ирак и Сирија. Во Дерна државните институции немаат речиси никакво влијание.

Libyen Stadtansicht von Tripolis
ТриполиФотографија: picture-alliance/dpa

Во светло на овие случувања, неспорно е дека Либија е држава пред распад, вели Гинтер Мајер. Не постои власт на државата над целата земја, а состојбата е драматично влошена во последните три години. „Многу Либијци копнеат по стабилноста која им ја обезбедуваше Гадафи, иако тој беше авторитарен лидер“, вели Мајер.