1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Први парламентарни избори во независно Косово

12 декември 2010

Денеска (12.12.2010) 1,6 милиони граѓани на Косово со право на глас избираат 120 пратеници во Косовскиот парламент. Очекувањата на меѓународната заедница се големи со оглед на бројните проблеми во земјата.

https://p.dw.com/p/QVYv
Србија ги повика Србите на Косово да ги бојкотираат изборитеФотографија: AP

Денешните избори се важен тест за младата демократија на Косово. Европската унија, Европскиот парламент и други европски институции будно следат дали има манипулации и лажирања на изборите како во минатото. Ова за Дојче веле го потврди и известувачот за Косово во Европскиот парламент, Улрике Луначек:

„Ова се први самостојни парламентарни избори во независно Косово. Нивната важност е пред се` во неопходноста од формирање влада која ќе работи на подобрување на состојбата во областите кои беа оценети како лоши во последниот Извештај на ЕУ за напредокот на Косово. Тоа значи: жестока борба против корупцијата, јасни директиви и поголема транспарентност во доделувањето и извршувањето на јавните функции. За тоа е потребна и силна опозиција. Сепак, прашање е колку луѓе ќе излезат на гласање и дали ќе има обиди за фалсификување на изборните резултати.“

Kosovo Wahlen Parlament
Фотографија: AP

Србија повикува на бојкот

За да се избегне каква било манипулација, европските институции, косовските политички партии, како и невладините организации акредитираа повеќе од 32.000 набљудувачи. За 120 пратенички места во парламентот се кандидирани вкупно 29 политички партии и коалиции, од кои 8 се српски. На Косово постои т.н. „позитивна дискриминација“ според која малцинствата уште пред изборите имаат 20 загарантирани места во парламентот. Од нив десет и` припаѓаат на српската заедница, а останатите 10 на другите малцинства. Србија и овојпат ги повика Србите на Косово да ги бојкотираат изборите. Министерот за Косово во српската влада, Горан Богдановиќ, објаснува зошто:

„Србија не ја признава прогласената независност на тој самоименуван ентитет. Меѓународната заедница не стори ништо за создавање рамковни услови за одржување на изборите. Овие избори не се организирани од страна на ОБСЕ, УНМИК или ЕУЛЕКС, туку од т.н. Косовски парламент, кого Србија и мнозинство од Србите не го признаваат.“

Косовската влада и меѓународната заедница повикаа на голема излезност на гласачите. Овој апел не важи само за малцинствата, туку и за Албанците кои на Косово сочинуваат 90% од населението. Во 2007 година нешто повеќе од 40% од граѓаните на Косово излегоа да гласаат. Еуфоријата што владееше кај мнозинство по ослободувањето на Косово од српските трупи во 1999 година попушта пред разочараноста на граѓаните. Најмладата држава на светот има највисока стапка на невработеност во Европа, корупцијата и криминалот се честа појава, а надежта за брзо опоравување е мошне мала:

„Владата не го оствари она што го ветуваше. Ни ветија дека ќе имаме струја 24 часа, но ништо од сето тоа. Ни ветија повисоки плати, но тоа не се случи. И сега истото го ветуваат, но повеќе никому не може да му се верува. Едноставно не знаеме кому да му го довериме својот глас“, вели еден граѓанин на Косово.

Wahlen im Kosovo
На потег се граѓанитеФотографија: DW

Демократите фаворити на чело со Хашим Тачи

Според последните анкети, Демократската партија на актуелниот премиер Хашим Тачи повторно има најголеми шанси да ги добие изборите. Нејзиниот досегашен коалиционен партнер, Демократската лига на Косово на градоначалникот на Приштина, Иса Мустафа, ќе мора да се помири со помалку добиени гласови, се прогнозира во анкетите. Но, таа и натаму ќе остане втора најголема политичка сила на Косово.

Голем број истражувачи на јавното мислење се уверени дека најголем победник на овие избори ќе биде екстремистичкото движење „Ветвендосја“ (самоопределување) кое се залага за обединување на Косово и Албанија. Аналитичарите не исклучуваат можност за изненадување на изборите, со оглед на фактот што сите анкети на јавното мнение се нарачани од политичките партии.

Автор: Бахри Цани / Далибор Стајиќ

Редактор: Жана Ацеска