1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загрозена слободата на медиумите на Косово

3 декември 2010

Врз косовските медиуми најмногу влијаат политичките кругови, но и други интересни групи, оценува цивилното општество. Не ретко новинарите остануваат без работа заради смелост да постават т.н. „погрешни“ прашања.

https://p.dw.com/p/QOgv
Зградата на Радио-телевизија КосовоФотографија: DW

Последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Косово, како и извештајот на „Репортери без граници“ и „Фридом Хаус“, укажуваат дека е загрозена слободата на изразување. И здружението на професионални новинари на Косово константно укажува на тој проблем, вели за Дојче веле извршниот директор на здружението Имер Мушкољај:

„Ние постојано објавуваме случаи на газење на слободата на медиумите, како и за различни обиди на влијание, притисоци и напад врз новинарите, без разлика дали е тоа физички или вербално“, вели Мушкољај.

Тој нагласува дека врз медиумите најмногу се влијае од страна на политичките кругови, како од институциите, така и од политичките партии и други интересни групи.

„Владата и институциите се обидуваат на секаков начин да влијаат врз медиумите и за жал, во многу случаи, ја постигнуваат својата цел“, вели Мушкољај.

Владата влијае врз медиумите со реклами од јавниот сектор

И Авни Зогиани од Организацијата за демократија, антикорупција и достоинство „Чоху“ смета дека владата ги користи сите можни средства за да влијае врз медиумите. Како пример, тој го наведува изборот на Бордот на јавниот сервис, Радио телевизија Косово, од страна на комисија која ја предводеше потпретседателот на Владата на Косово, но тој го потенцира и финансискиот ефект.

Diverse Zeitungen, Albanien
Врз медиумите најмногу се влијае од страна на политичките круговиФотографија: DW / Aida Cama

„Истражувањата на локалните организации покажуваат дека јавните финансии, поточно рекламите од јавниот сектор, владата ги насочува за да влијае врз дневниот печат и врз телевизијата“, вели Зогиани.

Тој забележува дека не се ретки случаите кога новинари се избркани од работа само заради смелоста да постават т.н. забранети прашања. Исто така, вели Зогиани, постојат неколку компании на Косово блиски до владеачката партија кои во име на владата влијаат врз слободата на изразување.

„Доколку приватните компании сметаат дека некои медиуми остро ја критикуваат владата тогаш преземаат акции. На пример, кабелскиот оператор ’Ипко’ одлучи да ја исклучи од својата мрежа телевизијата ’Рокум’ само затоа што таа била критична спрема владата“, вели Зогиани.

Новинарите како партнери, а не непријатели

Ставот на цивилното општество и Здружението на професионални новинари на Косово е дека таквата состојба во медиумите не може да се толерира, и дека мора да се интензивираат напорите да се зголеми слободата на медиумското изразување.

Мушкољај смета дека е крајно време владата да го промени пристапот кој го има спрема медиумите и новинарите, и дека новинарите и независните медиуми треба да ги третира како партнери, а не како непријатели.

Автор: Зулфија Јакупи / Владимир Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска