1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Новицки- легенда во секој поглед

Андреас Штен-Цимонс
10 април 2019

Дирк Новицки се прости од публиката во Далас - пред неа играше 21 година. Бројките кои ги остави во НБА лигата се помалку важни од фактот дека тој секогаш остана скромен и свој. Коментар на Андреас Штен-Цимонс

https://p.dw.com/p/3GXal
Dirk Nowitzki
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Gutierrez

Дали тоа некогаш се случило? Еден атлет да воведе револуција во својот спорт, најдобрата лига во светот се прилагодуваше кон неговиот стил, тој е еден од најдобрите на сите времиња - а остана цело време цврсто на земја. Не се менува за ништо, останува скромен како што секогаш беше. Дирк Новицки успеа во тоа сѐ до крајот на својата неспоредлива кариера во НБА.

Кога како 19-годишник го открија Далас Маверикс, во него тренерот Дон Нелсон и неговиот син и помошник Дони Нелсон видоа потенцијал: џин од 213 сантиметри кој сигурно погодува од далечина. Толку многу луѓе дотогаш во САД ги праќаа под кошот - немаше дијамант кој игра однадвор. Денеска, пак, секој висок играч мора да има шут за тројка доколку сака да биде во тимот.

Повеќе:

-„Диркулес“ на Олимп

-Новицки најдобар играч на НБА

Статистиката на Дирк Новицки на крајот на кариерата зборува за себе: над 31.000 коша, над 11.000 скокови и 3.000 асистенции, над 1.000 блокади и украдени топки. Таква сестраност имаше малку кој играч во НБА. Новицки е шести најдобар стрелец во историјата на лигата и најдобар Европеец во оваа категорија.

Suns Mavericks Basketball Dirk Nowitzki T-Shirt
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Bryant

Но бројот 21 најдобро зборува за неговиот карактер отколку сѐ останато. Бидејќи толку, 21 година, Новицки играше само за Маверикс. Ниту еден друг играч нема одиграно толку сезони во најсилната лига во светот секогаш во ист дрес.

Додека другите НБА ѕвезди од неговото време главно изгледаа дека повеќе се интересираат за својот имиџ, бројките и хранење на навивачите на социјалните мрежи со тривијалности, Новицки цело време остана непретенциозен.

Беше емотивно да се гледа како се радуваше што на неговото простување се појавија хероите од неговото детство чии постери ги лепел во својата соба: Скоти Пипен, Чарл Баркли, Лери Бирд, Шон Кемп и Детлеф Шремп. Одредот НБА легенди кои сега дојдоа да му оддадат признание на уште една легенда.

Letztes Heimspiel Dirk Nowitzki
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Fox

„Надреално е што луѓето сакаат мој автограм или сакаат да се фотографираат со мене само затоа што знам да фрлам топка во кош“, рече Новицки уште во 2014 година на крајот на документарниот филм „Совршен шут“ за неговата кариера. Оваа реченица многу зборува за него.

Новицки во својата кариера освои бројни признанија, некои од нив за сите времиња: беше најкорисен играч на НБА лигата (МВП) во 2007 година, а 4 години подоцна стана шампион во НБА и најдобар играч во финалната серија. За скромноста, примерноста и лојалноста заслужи уште еден куп трофеи.