1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Диркулес“ на Олимп

13 јуни 2011

Целта е конечно остварена: Дирк Новицки стана прв Германец кој стигнал до титулата во НБА лигата. Неговиот Далас Меверикс, во шестиот натпревар од финалната серија, го совлада Мајами Хит и славеше вкупна победа со 4:2.

https://p.dw.com/p/11ZMO
Новицки со шампионскиот пехарФотографија: AP

На почетокот од кариерата го нарекуваа „германски вундеркинд“, но чудото од дете веќе одамна прерасна во „Диркулес“. Дирк Новицки веќе не е само најдобриот германски кошаркар, туку и еден од најзначајните во неговиот спорт воопшто. За кошаркарската легенда Ирвин „Меџик“ Џонсон, Новицки е еден од најголемите кошаркари на сите времиња, а не помалку прочуениот Чарлс Баркли вели дека веќе 30 години во НБА не видел никого кој има толку уникатен стил на игра.

Па сепак, извонредната кариера на Новицки имаше една дамка: тој до синоќа немаше освоено шампионски прстен во НБА. Сега конечно се случи и тоа - победа во Северноамериканската професионална кошаркарска лига, која во овој спорт е поважна од триумф на светските првенства и на олимпијадите. Победата на Далас Меверикс во голем дел е заслуга токму на Дирк Новицки.

NBA Playoffs Finale Miami Heat Dallas Mavericks Dirk Nowitzki
Славје на играчите на Далас МевериксФотографија: AP

На терен со температура од 39 степени

Германскиот кошаркар даде се’ од себе за ова титула, дури и тогаш кога всушност воопшто не му беше местото на теренот. Тој во некои мечеви од финалето имено играше со напукнат прст на левата рака и со треска и температура од 39 степени.

Но неговата јачина е во тоа што таквите работи успева да ги потисне и стопроцентно да се концентрира на своите задачи. Кога се влегува во одлучувачката фаза на НБА, за него има само едно нешто што е битно - кошарката.

„Месец и половина практично размислуваш само на кошарка. Мораш во секој натпревар да одиш до твоите граници, а по натпреварот не спиеш. Тоа навистина истоштува“ , изјави недоамна Новицки.

Траумата од 2006 година

Тоа што Новицки правеше се’ за оваа титула има заднина. Во 2006 година тој веќе имаше шанса за освојување на титулата. Противник на неговиот Далас и тогаш беше Мајами Хит. Маверикс водеа со 2:0 во победи во финалната серија, но тогаш се случи нешто несфатливо: Далас целосно се загуби и ги загуби наредните четири натпревари. Тоа беше горчливо искуство за Дирк Новицки.

Меѓутоа германскиот кошаркар, кој во недела ќе полни 33 години, научи многу од ова разочарување. Тој денес игра многу убедливо и не дозволува провокациите на противничките играчи да го исфрлат од неговата стоичка смиреност. Тоа важи и за неговиот живот надвор од теренот:

„Целиот свет на гламур всушност не е за мене“, вели Новицки, кому милионите кои ги заработил со кошарката не му го свртеле умот.

Поврзаност со татковината

2,11 сантиметри високиот кошаркар не си дозволува ескапади како другите НБА ѕвезди и постојано е скромен. Кај навивачите е омилен поради тоа, но во американскиот печат оваа негова карактерна особина му се интерпретира како слабост.

NBA Playoffs Finale Miami Heat Dallas Mavericks Dirk Nowitzki
Новицки во акцијаФотографија: piture-alliance/dpa

Новицки е можеби премногу мек и фин за голема титула, велеа некои од нив. Новицки меѓутоа, им го докажа спротивното на неговите критичари. Тој и по толку време минато во САД и натаму со задоволство говори за неговата поврзаност со родниот крај:

„Јас сум верна душа и секое лето доаѓам дома во Вирцбург и никогаш нема да заборавам од каде потекнувам.“

Спортски гени

Тој многу им е благодарен и на своите родители кои практично му го подариле талентот за спорт. Таткото Јерг во 60-те години бил добар ракометар, а мајката Хелга била дури и германска репрезентативка во кошарка. Тие наскоро ќе се израдуваат на враќањето дома на нивниот син Дирк Новицки - првиот Германец со НБА титула.

Автор: Јоша Вебер/ Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска