1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема излез од кризата со „бетонирана“ влада

Катерина Блажевска16 март 2015

Можното проширување на Владата со уште еден коалициски партнер- ДПА на Мендух Тачи- не води кон излез од кризата, туку кон нејзино продлабочување, велат политичари и аналитичари

https://p.dw.com/p/1ErMX
Фотографија: DW/K. Blazevska

Вчерашната трибина на владејачката партија сосема доволно ги отслика насоките во кои ќе се „тркала кризата“ - во континуирана агонија. Исто така, и можното проширување на Владата на Груевски и „бетонирање“ на владејачкото мнозинство со уште еден коалициски партнер, не води кон изнаоѓање на решение за излез од кризата, туку кон нејзино продлабочување, велат политичари и аналитичари со кои разговараше Дојче веле. Премиерот вчера децидно се изјасни против опозицискиот предлог за формирање преодна влада, со образложение дека со тоа „само се отвора преседан кој ќе биде предмет на конфликтност меѓу партиите“.

Компромитирани играчи

Обраќањето на премиерот Груевски е само вовед во продлабочување на тешката криза. Работата отиде предалеку и ѓаволот ја однесе шегата, вели Африм Гаши од движењето „Беса“.

„Премиерот покажа дека нема намера да се повлече, без разлика што сѐ се објавува преку „бомбите“ на Заев. Со тоа што се најавува и влегување на ДПА во власта тој сака да покаже дека сите други се со него, додека опозициската СДСМ е сама со странските служби кои сакаат да ја разнебитат Македонија. Ваков спин не оди во прилог на државата, ниту на Македонците, ниту на Албанците, ниту на другите граѓани на Македонија. Државата е на стаклени нозе. Граѓаните ја изгубија довербата во сите институции. Никој не смее да ја претвори оваа битка во меѓупартиска или пак меѓулидерска. Треба да покажеме мудрост и смиреност и да седнеме сите да разговараме како да излеземе од оваа состојба. Ние повикуваме на разум и на дијалог за излез од кризата, а потоа да се отстранат причините што доведоа од ова, за да не се повтори овој колапс и во иднина“, апелира Гаши.

Nikola Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во таа насока, „Беса“ ќе бара вклучување на меѓународниот фактор, со цел да се овозможи политички дијалог на сите релевантни актери во земјата.

„Државата е сериозна работа за да се остави на вакви играчи. ДУИ и ДПА веќе се „фатени“ од власта на Груевски, па со своите постапки наместо да произведуваат можности за излез од кризата, тие остануваат доследни слуги на оваа антидржавна позиција. Следствено на тоа, ова се рефлектира и врз позицијата на Албанците во Македонија, кои станаа заложници на хипотеките на некои албански политичари од ДУИ и ДПА“, констатира Гаши.

Од ДУИ и натаму одбиваат да ги коментираат тврдењата за влез на ДПА во Владата, бидејќи до партијата не стигнале такви информации.

„Ќе го повторам она што еднаш го кажавме. Било каков чекор за утврдување конечен епилог, без да се почне дијалог со меѓународно посредство, е избрзан и несодветен. Тоа се однесува и за сите други ситуации“, нагласува портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Со евентуален влез на ДПА, власта би имала стабилно двотретинско мнозинство во парламентот, но само ако и ДУИ остане во коалицијата. Ако ДУИ ја напушти коалицијата, ВМРО-ДПМНЕ нема да може да обезбеди бадентерово мнозинство.

Граѓаните заложници

Во дипломатски кругови со загриженост ги следат партиските активности. Главни забелешки се дека наместо тежиштето да се стави на почеток на разговори за решавање на проблемите, тоа се префрла на терен кој охрабрува нови групирања, пребројувања и конфронтации.

„Некои индиции повторно ги оживуваат забелешките за неодвоеноста на партијата од државата, што веќе создаде голема недоверба во институциите. За жал, и натаму во многу мал процент може да детектира свест за таквите состојби, особено кај оние кои по функција се задолжени да ги решават таквите проблеми“, велат дипломати.

Mazedonien Zoran Zaev Abhörskandal
Фотографија: Petr Stojanovski

Потврда на ваквите забелешки може да се најде на секој чекор - од докази дека вработени во администрацијата со налог се мобилизирани за присуство на трибината, до тотален молк по прашањето кој ги плаќа автобусите со кои во Скопје стигнаа поддржувачите на политиките на Груевски.

За провладините медиуми одвоеноста на партијата од државата не е прашање од јавен интерес. Во нивните извештаи и коментари доминираа следниве ставови: „Над 30 илјади граѓани денеска покажаа дека со дела, работа и програма се сака вистински земјата... На Заев народот му детонираше „нуклеарна бомба“... Над 30 илјади се собраа остро да се спротистават и да му кажат „не“ на лидерот на СДСМ...“

Зоран Андоновски, главен уредник на новинската агенција „Мета“, потенцира дека заложници на сегашната криза се два милиона граѓани.

„Заев најавува 'бомби' по градовите во земјава, Груевски се заканува дека ќе влезе во секој дом, а Менух Тачи, кој на директорот на УБК му ветил верност „до смрт“ - дека ќе влегува во Владата. Очигледно е дека решија сите нас да не мобилизираат за нивни цели. Митингот во „Борис Трајковски“ донесе неколку пораки кои треба да се сфатат сериозно. Првата е, како што рече Груевски, дека колку ќе трае ова 'зависи од една секунда, од еден момент', а втората е содржана во повикот 'станете сите на нозе, нè чека поход од град до град, од дом во дом, од куќа во куќа и од семејство во семејство'. Масовноста беше импресивна, но ништо помалку од импресивноста и микроменаџментот што можевме да ги чуеме во битката за секој изборен глас и за секој квадрат на Водно. Тука ВМРО-ДПМНЕ и Груевски се конзистентни. Неконзистентноста е во целината на говорот. Ако тој е убеден дека граѓаните се масовно за него, зошто тогаш толку труд за да оди 'од град до град', ако 'народот им верува на делата', а не на снимените разговори? Или сака да ни каже да не им веруваме на ушите, туку само на очите“, коментира Андоновски.

Парализиран процес

Комуникологот Марко Трошановски од Институт за демократија, проценува дека со вчерашната трибина ВМРО-ДПМНЕ го најавува идниот однос на Владата кон политичката криза и барањата на опозицијата.

„Оправданоста да продолжи да владее, ВМРО-ДПМНЕ ја црпи од гласачката волја и инситуциите на системот, а не од опозициската критика. Од друга страна, токму институциите на државата се проблематизирани од опозицијата, што создава парадоксална ситуација и извесна парализа на целиот политички процес. Сепак, евидентен е превентивниот карактер на вчерашната церемонија, организирана да се зајакне можеби разнишаната партиска база и да се покаже гранитно единство на партиското членство. Мислам дека барањата на опозицијата и содржината на 'бомбите' целосно ќе се игноририраат и во иднина, освен во делот на евентуално посредство во правната разврска на кризата“, вели Трошановски.

Mazedonien - Menduh Taci
Фотографија: MIA

Тој го анализира и целите и мотивите за најавеното вклучување на ДПА во власта.

„Мислам дека ДПА е искористена за предупредување или намалување на можните политички маневри на ДУИ, во ситуација на разнишани политички односи. Идната насока на отплеткување на кризата би била во насока на меѓународно посредништво во правната разврска (што го бараат ДУИ и опозицијата, а го прифаќа ВМРО – ДПМНЕ) и евентуална реконструкција на Владата како нејзина последица. Со ова, тактички, ќе се аморотизира притисокот на меѓународниот фактор, а на опозицијата и ја отапува острицата на критиката. Дали опозицијата ќе го прифати ова, не знам, но не и останува друг избор на краток рок“, констатира Трошановски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи