1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската влада се развива во диктатура

Б.Георгиевски/фр/нцц13 март 2015

Расте бројот на политичките затвореници, а паѓа слободата на печатот во Македонија, констатира „Франкфуртер Рундшау“. Избраната влада се развива во диктатура, пишува весникот.

https://p.dw.com/p/1EqDF
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Можеме да им ја исклучиме струјата, предлага министерот за транспорт. На тој начин пензионерите и ’комуњарите’ нема да можат да гласаат. Шефот на тајната служба, пак, препорачува меѓу два изборна круга едноставно да исчезнат гласачките кутии. Министерката за внатрешни работи се двоуми дали можеби премногу од платените гласачи донесени од соседна Албанија меѓу двата изборни круга, се на иста адреса“, пишува „Франкфуртер Рундшау“ во текстот посветен на состојбите во Македонија. Опишувајќи детали од прислушуваните разговори, авторот на текстот на читателите им објаснува:

„Сето ова можете да го чуете, од збор до збор, на аудио-снимка. Секоја недела претседателот на опозицискиот СДСМ Зоран Заев пред јавноста презентира исечоци од прислушувани телефонски разговори од најтесниот круг на моќта, кои му биле доставени. Дека изборите во Македонија биле наголемо манипулирани, веќе не може да се претставува само како претерување на лош губитник.

Владата на Никола Груевски молчи. Снимките се дело на странски тајни служби, велат оттаму. Владејачката ВМРО во вторникот тврдеше дека телефонските разговори биле ’скратени’ и ’изменети’ и немаат никаква ’автентичност’. Но, досега никој конкретно не ја демантираше содржината на разговорите.

(...) Од преземањето на власта во 2006 година, владеењето на 44-годишниот Никола Груевски е растечки авторитарно. Расте бројот на политичките затвореници, а паѓа слободата на печатот. Судството е видливо под контрола на владата.

Европската комисија во Брисел и дипломатскиот кор во Скопје се обидуваат да помогнат да се избегне најлошото. Комесарот за проширување Јоханес Хан и комесарката за надворешна политика Федерика Могерини им нудат посредништво на владата и опозицијата, но шансите за успех на таквата иницијатива, во дипломатските кругови се оценуваат како мали.

Досега ниту владата ниту опозицијата не се изјаснија за понудата за посредништво. Се‘ додека во земјата не се демонстрира или штрајкува, Груевски и неговата влада немаат ни причина за такво нешто. На ЕУ и‘ недостасуваат средства за притисок. Македонија е официјален кандидат за членство од 2005 година, но поради грчкото вето не може да ги почне преговорите. Стратегијата на опозицијата е нејасна. Сепак, опозицијата има интерес од вмешување на Европа. Но притоа стравуваат дека владата едноставно ќе го преседи скандалот, наспроти вербалните заложби кон ЕУ и ќе продолжи да владее дотолку посамоволно“, пишува Франкфуртер Рундшау.

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
„Франкфуртер Рундшау“ објавува и детали од разговорите на министри и функционериФотографија: DW/P. Stojanov

НЦЦ: Груевски сега игра на сѐ или ништо

„Мочуриште на притисоци, злоупотреби и корупција“, со овие зборови известувачот на швајцарскиот „Ноје Цирхер Цајтунг“ ја опишува состојбата во Македонија по откривањето на скандалот со прислушкувањето. Во подолгата анализа на состојбата, авторот наведува дека „аферата потсетува на надреалистичка театарска претстава“.

„Секојдневно нови актери излегуваат на виделина кои доаѓаат до збор благодарение на распространетото прислушкување. Се откриваат скандалозни и срамни нешта, а публиката повеќе не знае дали да гледа или да мижи.

(...)Опозицискиот лидер Заев сега бара преодна влада, која ќе треба да организира нови избори. Таа ќе мора да биде составена од неизвалкани политичари. Нивниот број се намалува секоја недела. За да се избегне несакано сценарио и да се спречат немири или нешто полошо, се вмеша и ЕУ. Комесарката за надворешна политика Федерика Могерини нуди посредништво меѓу партиите. Македонија е веќе десет години кандидат за членство во ЕУ, но не може да почне преговори поради грчкото вето. Тоа е една од главните причини за назадувањето на земјата, која пред десет години беше сметана за пример на мултиетничка држава на Балканот.

Некои набљудувачи се сомневаат дали посредништвото на ЕУ е вистинскиот пат за излез од кризата. Она што ги раздвојува власта и опозицијата, повеќе не се политички разлики, туку можни тешки кривични дела. Околу тоа не може да се преговара. Тоа бара судска истрага. Дека македонското судство може да спроведе таква независна истрага е незамисливо. Исто толку неверојатно е дека Груевски ќе дозволи тоа да го стори меѓународна истражна комисија. За него сега се работи за сѐ или ништо“, пишува швајцарскиот НЦЦ.