1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема ветувања од Г7 за бегалската криза

ЕМФ/дпа26 мај 2016

Компромис околу економските прашања, разочарување во врска со бегалската криза и кавга со Кина - првиот ден од самитот на Групата 7 во Јапонија со мешан биланс.

https://p.dw.com/p/1IurN
Фотографија: Reuters

Седумте големи индустриски нации кои ја сочинуваат Групата 7 се договорија да прават заеднички напори за поттик на светската економија. Без оглед на разликите околу барањето на Јапонија за поголеми државни конјунктурни програми, шефовите на држави или влади на Г7 на крајот на самитот во Исе-Шима утре ќе донесат „економска иницијатива“. Тие денеска демонстрираа единство во ставот дека ќе сторат сѐ за поттик на светската економија, но конкретните чекори на нивната „Иницијатива од Исе-Шима“ се нејасни. Иницијативата би требало да содржи конјунктурни мерки, структурни реформи, монетарни чекори и други напори за заживување на економијата. „Светот има извесен стабилен пораст, но има и слабости, особено кај земјите со забрзан подем, а има и низа ризици“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.

Надежите на Германија и на врвот на ЕУ за конкретни финансиски ветувања за помош за бегалците на самитот на Г7 не се исполнија. „Не очекувам многу конкретни борјки“, рече Меркел, додавајќи дека сепак е уверена оти кризата во меѓународни рамки во меѓувреме подобро се сфаќа.

Групата 7 на самитот во Јапонија се вмеша во судирот околу Јужното и Источнокинеското Море со Пекинг. „Наш заеднички став е дека сакаме конфликтот да се реши мирно“, изјави Меркел. Од Министерството за надворешни работи во Пекинг беше одговорено дека Г7 „треба да се занимава со своите проблеми, наместо да се меша во работите на други земји“.

На вториот ден од самитот Г7 ќе разговара околу конфликтите во Сирија и Украина, атомската програма на Северна Кореја, како и борбата против тероризмот.