1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економија и терор - средба на Г7 во Јапонија

Холгер Роман / ЕМФ26 мај 2016

Садење дрво, посета на храм, прошетка на река - со посета на едно од најсветите места во Јапонија, Г7 го почна самитот во чиј фокус е светската економија. Разговорите нема да бидат хармонични како почетокот на самитот.

https://p.dw.com/p/1Iua9
Фотографија: Getty Images/AFP/S. De Sakutin

Создавањето убави, хармонични слики, е уметност во која Јапонците се разбираат и со драго срце ја користат во политиката. Конечно, оптиката е за успешноста на самитот на Групата 7 во најмала рака исто толку важна како и темите за кои шефовите на држави или влади два дена ќе дискустираат во неформална атмосфера. Освен тоа, за разлика од она на што вообичаено сме навикнале кога се работи за самити на Г7, сега не се очекуваат демонстрации. „Протести на цивилното општество, како во другите земји, во Јапонија речиси и нема“, објаснува Симон Рајт од организацијата „Да ги спасиме децата“. Сепак, владата беше многу нервозна и пред одржувањето на самитот водеше многу разговори со невладините организации. „Желбата е сѐ да оди мазно“, нагласува Рајт.

Шансите да се исполни оваа надеж се добри. Сепак, за обезбедување на самитот се ангажирани повеќе од 20.000 полицајци, кои треба да осигураат дека сѐ ќе оди без проблеми.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе, исто како германската канцеларка Меркел во 2015 година во Елмау, избра посебни кулиси за да се презентира себеси и својата земја. Исе-Шима, предел заштитен со закон за заштита на природата на брегот на Пацификот, е не само прекрасен за око, туку во него се наоѓа и едно од најзначајните светилишта во Јапонија: Исе-Џингу. Тоа е најважното светилиште на јапонската религија Шинто. Светилиштето старо со векови е место со голема симболична сила за Јапонија - духовно, но и политички и историски. Тука, како што вели Абе, најдобро се доаѓа во допир со „јапонската душа“.

Japan G7-Gipfel in Ise-Shima
Обама, Абе, Оланд, Камерон и Трудо на церемонијата во Исе-ЏингуФотографија: Getty Images/AFP/S. De Sakutin

По кусата прошетка низ паркот на реката Исузу, ритуалното засадување дрво и посетата на светилиштето, седумтемина најмоќни се свртуваат кон содржинскиот дел на самитот. Списокот со теми е долг. „Подолг од кога и да е“, изјави Абе гордо.

Светската економија во фокус

На работните средби нема да има толку хармонија како на почетокот на самитот. Абе, кој се бори со застој на конјунктурата во својата земја и гигантско државно задолжување, сака во центарот на разговорите да ја стави светската економија. Премиерот се надева на „јасна и силна порака“ дека Г7 е подготвена да придонесе за одржлив и силен пораст. Јапонскиот премиер радо би сакал да види заеднички потези во форма на државни конјунктурни програми според урнек на неговата контроверзна „Абеномија“ (кратенка од Абе-економија, н.з.). Такво нешто, меѓутоа, отфрлаат пред сѐ канцеларката Меркел и британскиот премиер Камерон. Се очекува, наместо тоа, Г7 да се договори за „тројството“ - инвестиции, структурни реформи и солидна буџетска и монетарна политика. Секоја членка на Г7 би требало самата да определи во колкава доза ќе ги меша овие три работи.

Japan G7-Gipfel Angela Merkel in Ise-Shima
Ангела Меркел во Исе-ШимаФотографија: Getty Images/AFP/S. De Sakutin

На агендата на самитот се наоѓаат и низа актуелни надворешно и безбедносно-политички конфликти, од Сирија до Украина, од бегалска криза до борба против терористичката милиција „Исламска држава“. Европејците очекуваат поголема солидарност од партнерите во Америка и Азија. Или, како што рече претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск: не е доволно само да се верува во нашите заеднички вредности, туку мора да се биде подготвен тие и да се бранат.

Многу конкретно од самитот на Г7 не се очекува. Ќе биде донесен само „Акционен план“ против тероризмот, ќе се побара поголема размена на податоци и посилна контрола на илегалните финансиски текови. Засега не се размислува за враќање на Русија во ексклузивниот круг на водечките индустриски нации.