1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Бројот на бегалци не смее да се зголеми

Е.М. Фиданоска /дпа/ртр/ард30 јануари 2016

Канцеларката Меркел од партнерите во ЕУ бара поголеми напори за решавање на бегалската криза и предупредува: бројот на бегалци пролетва не смее да се зголеми! Шефицата на АфД, Петри, бара заштита на границата и со оружје

https://p.dw.com/p/1HmFj
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Бројот на бегалци мора да се намалува, бара германската канцеларка Ангела Меркел, предупредувајќи дека е важно пред сѐ да не се забележи зголемување на приливот на бегалци пролетва. На собир на нејзината Христијанско-демократска унија во Нојбранденбург, Меркел од сириските и ирачките бегалци побара и да се вратат во своите татковини по завршување на борбите.

Сите држави на ЕУ би морало да имаат заеднички интерес за подобра заштита на надворешните граници, опомена канцеларката. Тоа е неопходно пред сѐ поради безбедноста. Меркел рече дека е малку разочарана поради недоволната соработка во ЕУ. Неуспех на Шенгенскиот систем и национално затворање на границите би имало последици за сите ЕУ-држави, нагласи канцеларката, додавајќи дека има разбирање за тоа дека источноевропските држави не можат да носат толку голем товар како Германија, но кога една држава не сака да прими муслимани, тогаш тоа значи прекршување на заедничкото сфаќање на вредностите.

Петри бара заштита на границите и со оружје ако треба

Шефицата на деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АфД), Фрауке Петри, бара опсежна заштита на германските граници со оглед на големиот прилив на бегалци. Мора да се спречи „и натаму нерегистрирани бегалци да влегуваат преку Австрија“, рече шефицата на АфД за „Манхајмер Морген“. Полицијата, според нејзе, би морала „ако е неопходно да употребува и оружје“. „Ниту еден полицаец не сака да пука во бегалци. Јас исто така не го сакамт оа. Но употребата на оружје е дел од ултима рацио“, нагласи Петри, додавајќи: „Така вели законот“. Според нејзе, од одлучувачко значење сега е да се намали бројот на бегалци. За таа цел е неопходен договор со Австрија и контрола на надворешните граници на ЕУ, уверена е Петри.

Deutschland Grenzkontrollen an der Grenze zu Österreich
Фотографија: Getty Images/J. Simon

Изјавите на шефицата на АфД денеска беа остро критикувани од шефот на пратеничката група на социјалдемократите Томас Оперман. Тој ја обвини Петри дека „политички сосема заскитала“. „Со својот предлог Фрауке Петри на неподнослив начин создава атмосфера против бегалците. Нејзиниот предлог ме потсетува на наредбата за пукање во ГДР“, рече Оперман.

Шефицата на Зелените Симоне Петер на Твитер напиша дека во редовите на АфД сега паѓаат и последните морални обвивки. Првиот човек на Партијата на левицата, Бернд Риксингер, пак, на Твитер оцени дека најлошата реклама за АфД е самата АфД. „Оставете ги самите да се демаскираат - тоа е најдобро средство“, напиша тој.