1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остри критики од ЕУ кон Грција поради бегалците

Б. Георгиевски/афп/ртр28 јануари 2016

Сѐ поостри критики од ЕУ кон Грција поради контролата на границите. Грчки министер возвраќа со тврдење дека од нив се бара да враќаат бегалци на отворено море и по цена на нивниот живот.

https://p.dw.com/p/1HlIz
Фотографија: picture-alliance/dpa/A.Masiello

Под притисок поради раководењето со бегалската криза, Грција не може да се надева дека ќе се справи со ситуацијата доколку Брисел и соседна Турција не го одржат својот дел од ветувањето, велат експерти.

Европската Комисија во средата ја критикуваше Грција за „сериозно“ запоставување на своите гранични обврски и ѝ даде рок од три месеци на Атина да го реши проблемот.
Извештајот на ЕУ наведува недоволна регистрација и земање отпечатоци од прсти од мигрантите кои влегуваат во Грција од Турција. Дополнително, повеќе источно-европски ЕУ членки ја критикуваат Грција поради неуспехот да ги заштити надворешните граници на Унијата, а се погласни се и заканите дека доколку Атина не успее во тоа, ќе биде отсечена преку Македонија и Бугарија.

„Доколку Грција и Турција не успеат да ја заштитат надворешната граница и ние не успееме да се справиме со силниот притисок од мигранти, ќе мораме да дискутираме за план Б“, рече во вторникот чешкиот премиер Бохуслав Соботка. Со сличен став се огласија и Австрија, Полска и Унгарија.

Притисокот го зголеми и белгискиот државен секретар за миграции, Тео Франкен кој бара Грција да се казни со тоа што ќе мора да прифати 300 илјади бегалци.
„Грција мора да ги сноси последиците. Прифаќањето на 200-300 илјади бегалци во кампови на надворешната граница е единствената можност да се запре бранот бегалци на кус рок“, рече Франкен.

Грција луто одговори на критиките, а владиниот портпарол Олга Геровасили ги обвини партнерите во ЕУ дека ја префрлаат вината наместо да работат заедно за да се запре големата бегалска криза.

Griechenland Passkontrolle Grenze Flüchtlinge
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Giakoumidis

Грчкиот министер за миграции Јанис Музалас ја спореди идејата за сместување на стотици илјади бегалци во кампови во Грција со нацистичките кампови на смртта. Во интервју за БиБиСи, Музалас обелодени и дека на расправата со ЕУ министрите, неговиот белгиски колега отворено му порачал дека Грција мора да ги враќа бегалците од отворено море, дури ако тоа значи и нивна смрт.

„Играта на блефирање меѓу ЕУ-членките е на пат да експлодира“, вели Анри Лабај, професор по право на Универзитетот во По, Франција. Иако Грција долго не ги исполнува своите обврски, Лабај ја наведува „целосната контрадикција“ меѓу барањата Атина да отпушта државни службеници поради економската криза, а потоа да се критикува што нема доволно погранични службеници.

Филип Леклерк, претставник на бегалската агенција на ОН во Грција, предупредува дека затворањето на границите може да има сериозни последици за задолжената Грција.

„Преку две илјади луѓе минуваат секојднево од Грција во Македонија. Доколку оваа процедура забави или биде стопирана, тоа ќе има значителни последици по Грција“, вели Леклерк.