1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Лек против Ковид-19 наместо вакцинирање?

Фабијан Шмит
28 август 2021

Вакцините против Ковид-19 доминираат, а научниците и лекарите бавно напредуваат со истражувањата и создавање лекови против корона. Засега ова се важечките протоколи и терапии.

https://p.dw.com/p/3zbIQ
Medikamente Tabletten Symbolbild
Фотографија: imago images/blickwinkel

Едно е јасно – засега нема подобра и поефикасна заштита од Ковид од вакцината. Само со вакцинација може да се ублажи или спречи развој на тешка форма на болеста. Идеална варијанта е да може со третманот и терапијата за Ковид-19 уште на почеток да се спречи пациентот да заврши на интензивна нега. Но, сè уште не сме стасани до таму. На глобално ниво до сега се аплицирани пет милијарди дози вакцини, главно во побогатите индустриски земји. Но, ова е доволно за целосна имунизација на само една третина од човештвото. А, речиси 650 илјади луѓе заболуваат секој ден. Околу 5% од нив завршуваат на интензивна нега, а 10.000 умираат од или како последица на Ковид-19 (податок од крај на август).

Оттука многу е важна терапијата која им се дава на болните. Во овој дел научниците осознаа многу во изминатава година и половина. Ова е прегледот на најважните протоколи за третман и лековикои се користат како терапија за пациенти заболени од Ковид, развиени од германските здруженија на лекари.

Кога морам да одам во болница или на интензивна нега?

Хоспитализација е потребна кога пациентот има потешкотии со дишење. Кај постарите лица или кај оние и со претходни болести, лекарите препорачуваат многу порано да се оди во болница отколку кај младите. Но, пресудна е сатурацијата – доколку е под 90% тогаш хоспитализацијата е задолжителна.

На интензивна нега се примаат пациенти чии дробови веќе не може да обезбедат доволно кислород во крвта, што значи кога ќе настапи „ хипоксемична респираторна инсуфициенција“. Пациентите тогаш имаат акутно отежнато дишење и вдишуваат од 25 до 30 пати во минута. При тоа не успеваат да го издишат потрошениот воздух, а свежиот воздух не успева да стаса подлабоко во белите дробови. Така нивните бели дробови повеќе не може правилно да работат при што постои опасност од акутно откажување на дробовите.

Што треба да се знае за сојот Делта?

Кислородна поддршка или респиратор

 Во ваква ситуација лекарите може степенот на оштетување на белите дробови да го утврдат и со рентген снимка. Често пациентитево таа фаза веќе страдаат и од сепса, значи најважно е тогаш  да се спаси живот. Пациентите мора да добијат кислород на начин што ќе успее да се пробие до крвта и покрај оштетувањата на белите дробови. Тоа значи дека пациентите добиваат кислородна поддршка, во идеален случај преку назална сонда или кислородна маска, а во најтешките случаи преку респиратор. Тоа значи дека во душникот се става цевка за довод на кислород изолирана на начин што нема влез на течности во белите дробови. Кислородот под одреден притисок стасува директно во дробовите. Досегашната пракса покажа и дека шансите за преживување се зголемуваат доколку пациентите подолго време во одредени интервали лежат свртени на стомак. 

Антикоагуланси, кортикостероиди и имуносупресиви

 Како поддршка во терапијата лекарите сега на пациентите им даваат и антикоагулативен хепарин – во зависност од тоа кој колку може да го поднесе – за да се спречи опасност од тромбоза. Во некои случаи се дава и кортикостероид дексаметазон, а во други и глукокортикоид хидрокортизон. Оваа терапија влијае врз имунолошкиот систем, односно помага да се спречи појава на воспаление. 

При тоа кортикостероидите не се чудотворни во третманот на пациентите на интензивна нега. Смртноста кај пациентите на кислородна поддршка според студиите со нив се намалува меѓу 3% и 12% - што е подобро од ништо. И што е важно – лековите се лесно достапни, а пациентите добро ги поднесуваат.

Покрај дексаметазонот, лекарите како поддршка во терапијата даваат во комбинација и тоцилизумаб. Тоа во основа е моноклонално антитело кое дејствува како имуносупресив. Студиите покажуваат дека овој лек има мал ефект, но помага да се спречи најлошиот исход кај пациенти кои се на кислородна поддршка при дополнително влошување на ситуацијата. 

Оваа комбинирана терапија не треба да се дава н на пациенти на кои им е потребна мала кислородна поддршка или пак воопшто не им е потребна. 

САРС-КоВ-2 специфични моноклонални антитела

Групата на САРС-КоВ-2 неутрализирачки моноклонални антитела, кои директно делуваат врз патогенот, веќе подолго време се сметаат за зрак на надеж. Така на пример, поранешниот американски претседател Доналд Трамп кога беше заболен од коронавирусот се лечеше со лекот РЕГН-КОВ2 на компанијата Регенерон.

Лекот е всушност мешавина од две моноклонални антитела и доби итно одобрување од Американската агенција за лекови, ФДА. Студијата од трета фаза, објавена на 12 април годинава покажува дека кај лица кои не развиле симптоми во првите денови на инфекцијата, со овој третман во голема мера може да се намали ризикот од развој на тешка форма на болеста. Оние кои развиле симптоми побрзо оздравеле, а значително им се намалила и концентрацијата на вирусот. Сепак во германскиот протокол за третман лекот не се споменува експлицитно.

Се споменува друг лек со име Бамланивимаб. Тој делува слично како РЕГН-КОВ2 и директно го таргетира спајк протеинот на коронавирусот. Според клиничките студии и овој лек значително го намалува процентот на веројатност лицата да развијат тешка форма на болеста и да имаат потреба од хоспитализација.

Германските лекари не го препорачуваат лекот Бамланивимаб за лица со умерена до тешка форма на инфекција доколку се лекуваат во болница. Причината – лекот предизвикува несакани нуспојави. На пример, повеќе пациенти кои го примиле лекот завршиле на дијализа. Но, лекарите прават исклучок кај пациенти кои имаат барем еден фактор на ризик за потенцијално тешка форма на болеста - дозволено е да примат терапија со моноклонални антитела сѐ додека не покажуваат никакви респираторни симптоми.

Рациото е дека кој порано ќе развие антитела, веројатно ќе нема или ќе развие благи симптоми. Ризикот од нуспојави од лекот кај овие пациенти е следатвено на тоа понизок отколку заканата од зараза. 

Терапија со крвна плазма од оздравени пациенти 

Резонот задтерапијата со плазма од пациенти е дека кога некој заздравел има доволно антитела во крвта и може да ги даде на друг заболен за да има и тој корист од неговиот имун систем. 

Но, во пракса сето се покажа многу покомплицирано отколку што звучи. Студии со т.н. плазма на реконвалесценти не покажаа предности од терапијата. Ниту процентот на смртност се намалил, ниту има подобрување на здравствената состојба на пациентот. 

Затоа пак кај примателите на плазма се појавиле несакани нуспојави. Генерално сите препарати од крвна плазма се тешки за примена слично како и органите за трансплантација. Во клиничкото секојдневие логистиката е исто толку тешка колку и регрутирањето на соодветен донатор. 

Лекови кои не се препорачуваат

Во болничките директиви се наведени и други лекови кои едновремено важеа за надежни во однос на Ковид-19, но не можеа да ги исполнат очекувањата. 

Меѓу нив се и веќе познати лекови како антибиотикот Азитромицин што често се користи при бактериски воспаленија на дробовите, или пак средството против паразити Ивермектин. Но, и често фалениот витамин Д3 лекарите не го препорачуваат за болничка терапија. Нема препорака ниту за вирусниот блокатор Ритонавир или Лопинавир, без разлика дали индивидуално препишани или во комбинација со антивирусниот имуно-стимулатор Интерферон. Разочарале и антивирусното средство Хлорокини Хидроксихлорокин или блокаторот на воспаленија Анакинра. Лекот Барицитиниб пак покажал во комбинација со антивирусното средство Ремдесивир дека пациенти со тешка форма на Ковид побрзо оздравуваат. 

Намалување на стапката на смртност сепак не можела да се постигне со двата лека. Затоа Ремдесивир и не се користи редовно  во терапијата на германските клиники. 

Ниту една терапија како вакцината

И покрај обемните студии со познати и нови средства заклучокот е јасен: ниту една од актуелните терапии не е е толку ефикасна колку што е вакцината. А, сѐ уште нема на повидок лек кој би правел чуда.