1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избрана четвртата влада на Никола Груевски

Катерина Блажевска19 јуни 2014

Со 77 гласови „за“ и 6 „против“, Собранието на Република Македонија ја избра четвртата влада на премиерот Никола Груевски со мандат од четири години.

https://p.dw.com/p/1CMVh
Фотографија: AP

Против гласаа пратениците на Демократската партија на Албанците (ДПА), а опозициските пратеници од коалицијата на СДСМ воопшто не присуствуваа на седницата. Пратеничката од ЛДП, Роза Топузовска-Каровска, учествуваше само во дискусијата за изборот на новата влада, но не и во гласањето.

Претходно, мандатарот Никола Груевски во своето експозе ги претстави политичко – економските приоритети за следниот четиригодишен период, кои ќе ги реализираат со владиниот коалициски партнер ДУИ. Со дискусија во која дадоа максимална поддршка на новата влада, настапија пратениците од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, како и пратеници од помалите партии од победничката десничарска коалиција.

Високо во приоритетите на новата Влада се развој на економијата, ЕУ и НАТО интеграциите, борбата против корупцијата, одржувањето на добрите меѓуетнички односи и реформи во судството.

Новата Влада има 26 членови, вклучувајќи го и премиерот, и е рекордер во регионот според бројот на министри. Зголемениот број министри, пред се за привлекување на странски инвестиции, Груевски го објасни со тоа што во фокусот на идната влада ќе биде економијата и отворањето на нови работни места. Новата влада ќе има 4 потпретседатели и 7 министри без ресор. И во новиот владин состав остануваат министри од претходниот состав кои ќе раководат со истите ресори: за финансии Зоран Ставревски, за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, за надворешни работи Никола Попоски, за транспорт и врски Миле Јанакиевски, за здравство Никола Тодоров, за труд и социјала Диме Спасов, за култура Елизабета Канческа-Милевска и за информатичко општество и администрација Иво Ивановски. Нов министер за одбрана ќе биде Зоран Јолевски, за образование Абдулаќим Адеми, за правда Аднан Јашари, за економија Беким Незири, за земјоделство Михаил Цветков, за локална самоуправа Лирим Шабани и за животна средина Нурхан Изаири.

Министри без ресор со различни задолженија се бидат Владимир Пешевски, Фатмир Бесими, Муса Џафери, Веле Самак, Бил Павлески, Џери Наумов, Висар Фида, Горан Мицковски, Неждет Мустафа и Фуркан Чако.