1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски вети повисок стандард и влез во ЕУ и НАТО

ЖА/миа19 јуни 2014

Собраниска расправа по експозето на мандатарот Груевски: ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи новата влада, ДПА ќе гласа против. Груевски вети повисок животен стандард за граѓаните, се надева опозицијата да се врати во Парламентот.

https://p.dw.com/p/1CM3H
Фотографија: MIA

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи новата влада чии приоритети, според координаторот на пратеничката група на партијата Илија Димовски, треба да се економијата и бизнис климата во Македонија. ДПА, според Орхан Ибраими, нема да гласа за предложениот состав на владата.

Димовски, по обраќањето на мандатарот Никола Груевски во Собранието, истакна дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи оваа Влада и нејзината програма. Според него, врвен приоритет на Владата треба да бидат подобрување на економската и бизнис клима во Македонија.

Предложената влада, според координаторот на пратеничка група на ВМРО- ДПМНЕ, е плод на резултатите кои во минатите години ги остави зад себе. Димовски изрази надеж дека сите пратеници, кои добија доверба од граѓаните да работат на приоритетите на државата, ќе им се придружат.

Пратеникот Орхан Ибраими истакна дека пратеничката група на ДПА ќе гласа против старо-новата влада. Според него, владата на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не е нова, ниту по состав, ниту по програма. Според него, ќе продолжат старите, како што рече, неуспешни политики на регрес, дискриминација од етнички аспект, како и политики на блокирање на процесите на евроатлантски интеграции.

„Овој состав на Владата што ни се предлага не претставува ништо ново, туку е продолжение на непотребното функционирање на оваа владина коалиција, каде последиците на овој начин на владеење ги трпат граѓаните, особено Албанците“, рече Ибраими.

На седницата на која треба да биде избрана новата макеоднска влада не присуствуваат пратениците од опозициската СДСМ и помалите коалициски партии, освен пратеничката Роза Топузовска Каревска.

Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Груевски: Посветеноста и вредностите водилки и во работата на новата влада

Зголемување на економскиот раст, вработеноста и унапредување на животниот стандард на граѓаните, членството во ЕУ и НАТО, неселективната борба против корупцијата и криминалот, добрите меѓуетнички односи и развој на образованието и информатичката технологија, се петте стратешки приоритети на новата влада која ја предложи мандатарот Никола Груевски.

Тој во денешното експозе пред пратениците во Собранието на Република Македонија, на седницата на која треба да биде избрана новата влада, посочи дека главна водилка ќе им биде добробитта на граѓаните, развојот на Република Македонија и оти за таа цел ќе работат посветено, чесно, искрено и транспарентно. Реализацијата на Програмата, додаде Груевски, треба да донесе перспектива и успех на Македонија, подобар живот на граѓаните.

„Планирани се високи ставки за капитални инвестици, се очекуваат странски инвестиции од 350 до 430 милиони годишно, макроекономска стабилност, стапка на инфлација 2,5 отсто годишно, стабилен девизен курс“, рече Груевски во експозето, во кое најави дека очекува намалување на невработеноста од сегашните 28,4 на 22 проценти.

Приоритети во надворешната политика, истакна Груевски во експозето, се членството во НАТО, отпочнување на преговорите и членство во ЕУ, надминување на наметнатиот спор од Грција во врска со уставното име на Република Македонија.

Mazedonisches Parlament
Фотографија: Petr Stojanovski

„Во однос на политичкиот спор кој Грција го наметна за уставното име на нашата земја, Владата е подготвена да го продолжи грчко-македонскиот дијалог врз основа на веќе утврдената стратегија и принципи. Владата нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија и нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Владата нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција да биде прифатено без претходно за тоа да се изјаснат граѓаните на референдум, а притоа мнозинството од граѓани кои ќе излезат на тој референдум да се согласат со можното решение“, истакна тој.

Груевски најави натамошно спроведување на рамковниот договор, истакнувајќи притоа дека ќе се продолжи со напорите за изградба на меѓуетничко општество базирано на меѓусебна почит и толеранција.

Мандатарот на новата Влада Никола Груевски во денешното експозе изрази уверување дека пратениците од опозициската СДСМ и коалицијата кои не ги имаат прифатено пратеничките мандати наскоро ќе се вратат во Собранието на Република Македонија и ќе ја извршуваат функцијата за која ја добиле довербата од граѓаните. Тој им го честита изборот на сите пратеници и им порача дека од нив, како коректив на Владата, во голема мера зависи успехот на Македонија и оти со искрен пристап кон работата, заеднички ќе може да се оправда довербата што ja добиле од граѓаните.