1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев доби поддршка

Катерина Блажевска10 јули 2015

На синоќешната средба со коалициските партнери на СДСМ, едногласно било потврдено дека Груевски го прекршил договорот од 2 јуни и дека преговорите се неуспешни.

https://p.dw.com/p/1Fw74
Фотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

Целосна поддршка во чекорите за враќање на слободата и демократијата во Македонија добил лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчеравечер на координативниот состанок со партиите кои и‘ се придружија на опозициската коалиција. На средбата едногласно било потврдено дека Груевски го прекршил договорот од 2 јуни и дека преговорите се неуспешни.

Во партиското соопштение се вели дека „СДСМ и опозицијата ги почитуваат заложбите на меѓународната заедница за решавањето на длабоката политичка криза во Македонија“. Но, на средбата било констатирано и дека сите аргументи за распиничката власт на Груевски се потврдени во најновите извештаи на експертската комисија на Европската комисија, предводена од Рајнхард Прибе, во извештајот на Стејт Департментот, во извештајот на Меѓународната кризна група, поради што Никола Груевски нема никаков легитимитет да организира избори.

„Такви избори, на коишто нема да биде обезбедена слободната волја на граѓаните, опозицијата нема да дозволи“, соопшти СДСМ.

Коалициските партнери се подготвени да ги слушнат сугестиите на помошникот државен секретар на САД, Викторија Нуланд, која ќе пристигне во Скопје в понеделник и на еврокомесарот Јоханес Хан во вторник, но велат дека имаат сериозна аргументација по прашањето кој ги блокира преговорите, особено по последното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, во кое се наведува дека партијата не е подготвена на отстапки, „особено не во делот на организација на Владата за подготовка на наредните избори“.

„На средбата доминираше ставот дека на Груевски не треба да му се верува. Како аргумент беше посочен 'црниот понеделник' и договорот потоа, кој неговата партија го прогласи за 'тоалетна хартија'. Во опозицискиот блок не постои доверба дека Груевски и Владата со акциски план ќе ги спроведат препораките од Извештајот на Прибе, кога токму тој и неговата власт ги продуцираа сериозните недостатоци на кои се укажува во Извештајот“, вели партиски лидер, коалициски партнер на СДСМ.

Мачни разговори

Како граѓанските организации го дожувуваат прекинот на преговорите? Вистински преговори, всушност, и немаше, констатира Џабир Дерала од организацијата „Цивил - Центар за слобода“.

„Се работеше за едно мачно натегање во кое инкриминираниот премиер и неговите двајца послушници од албанската заедница, наместо да преговараат за својата демисија, се наметнаа како доминантни фактори во процесот. Прекинот на преговорите значи соочување со фактот дека Груевски, како и секогаш, потпишува едно, но прави нешто сосема друго. Ова значи одложување на ескалација на кризата, што на Груевски, кој беше на колена пред преговорите, ќе му даде време да закрепне и возврати на ударите кои ги доби со разоткривањето на неговите и криминалите на Владата, односно на тоа што во јавноста е познато и како 'фамилијата'“, проценува Дерала.

Во таква ситуација, според него, граѓанското општество треба да продолжи со забрзано зреење и мобилизирање, за да ја зграпчи неповторливата можност да се наметне како катализатор на демократските промени во земјата, промотор на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Тој не ја исклучува можноста преговорите да продолжат, но се сомнева во посакуваните ефекти од нив.

„Секогаш има шанси за продолжување на преговорите. Но, ако сакаме успешни преговарачки процеси, тогаш треба нив и да ги поставиме врз премиси кои кореспондираат со реалноста. Ако се преговара за број на денови или месеци во кои Груевски само навидум ќе се повлече, а не за одговорност за криминалното владеење, ништо добро нема да следи. Такви преговори само ќе го одложат, но нема и да го спречат, насилното уривање на Груевски и неговите соработници“, вели Дерала.

Ново окрупнување

Во цивилниот сектор воопшто не се изненадени од одлуката на Заев да ги прогласи преговорите за неуспешни, бидејќи сметаат дека „причините се очигледни и јасни“. Според Марјан Забрчанец, граѓански активист и консултант за стратегиски комуникации, преговорите се прекинати поради очигледната неконструктивност на владејачката партија и поради одбивањето да се исполнат основните барања - обезбедување услови за организирање фер избори преку оставка на Груевски и формирање преодна влада.

„Доколку овие преговори не го даваат очекуваниот резултат, тие се неуспешни и треба да се прекинат. Продолжување на преговорите треба да се реализира единствено ако владејачката партија отстапи од својата неконструктивност, ако меѓународните медијатори конечно се одлучат да извршат сериозен притисок врз Груевски и ако се ревидира содржината од договореното на 2 јуни. Договорот за избори во април веќе не смее да важи, бидејќи од тој договор до денес помина речиси месец и половина, со што е скратен и онака краткиот период за обезбедување минимум независност на најважните министерства и институции, кои се најмногу поврзани и највлијателни околу изборниот процес“, вели Забрчанец.

Mazedonien Proteste gegen Ministerpräsident Nikola Gruevski
По прекинот на преговорите, најнеизвесна е судбината на „Капмот на слободата“Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Како аргумент дека граѓанската волја за промени дава резултати, тој го посочува омасовувањето на граѓанскиот револт кое започна околу големиот протест на 17 мај, а покажа дека Груевски не е непоместлив. Исходот од тоа го гледа во неколкуте министерски оставки, во преговорите за формирање преодна влада и за тајмингот за напуштање на премиерската функција.

„Ова поместување не смее да се занемари, напротив, треба да се употреби како мотив за дополнително окрупнување на блокот граѓански организации и активисти кои преку коалицијата 'Граѓаните за Македонија' ги артикулираат своите различности и своите заеднички цели, а тоа се зачувување на достоинството на луѓето и одбрана на демократскиот Устав на Македонија. Окрупнувањето на организираниот граѓански отпор е услов и за поттикнување на меѓународниот фактор да заземе посериозна улога во решавање на кризата во Македонија, предизвикана од недемократскиот начин на владеење“, укажува Забрчанец.

Токму за таа цел, организациите и партиите од коалицијата „Граѓаните за Македонија“ заеднички, во следните неколку дена ќе ги договорат ставовите и идните активности кои ќе претстојат летово и наесен.

„Очекувам активностите да се базираат на интеракција со граѓаните, критички осврт на политиките на власта, дискусии за потребата од нови демократски политики, како и подготовка и мобилизација за нова масивна акција на есен. Очекувам 'Кампот на слободата' да продолжи да функционира, бидејќи е важно територијата пред Владата да биде слободна и граѓанска и бидејќи активностите на тој камп се граѓански часовник кој отчукува пред портите на недемократскиот премиер кој треба да си замине, заедно со неговиот начин на владеење“, вели Забрчанец.

Но, по прекинот на преговорите, засега најнеизвесна е токму судбината на „Капмот на слободата“. Неофицијално, за неговото натамошно опстојување ќе се решава во вторник, по завршувањето на разговорите со еврокомесарот Јоханес Хан.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема