1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан очекува конструктивност од лидерите!

Катерина Блажевска9 јули 2015

Промена на министри и премиер е нешто што ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати, соопшти партијата, а СДСМ попладнево на координативен состанок со коалициските партнери ќе ги договара следните чекори

https://p.dw.com/p/1Fvnj
Фотографија: MIA

Еврокомесарот Јоханес Хан и денеска ја продолжил серијата телефонски разговори со македонските партиски лидери, со цел да укаже на важноста од продолжувањето на политичкиот дијалог за излез од кризата. Според извори од ЕУ, тој ќе допатува во Скопје во вторник рано наутро и најверојатно најпрво ќе има тет-а-тет средби со партиските лидери, а потоа, „во зависност од условите и резултатите“ и заедничка средба со лидерска четворка.

Неофицијално, тој и денеска разговарал телефонски со Груевски и со Заев, но под особен притисок за враќање на преговарачката маса бил лидерот на СДСМ, кој се откажа од преговорите прогласувајќи ги за неуспешни.

Хан очекува партиите да направат одредени отстапки и во интерес на земјата да ги доближат ставовите. Ваквата порака денеска беше пренесена од портпаролката на Европската Комисија, Маја Коцијанчич. Таа посочи дека ЕК ги повикува четворицата политички лидери во Македонија да ја преземат одговорноста и да ги реализираат обврските од договорите од 2 и 19 јуни.

„Разговорите на четворицата лидери дојдоа до критична точка. Очекуваме конструктивен пристап, и затоа ќе работиме на итно разрешување на политичката криза. На една работа се уште очигледно се чека, и затоа нема време за губење пред предизвиците со кои земјата се соочува. Сите четворица лидери го потпишаа договорот на 2 јуни во Скопје, кој го потврдија на 19 јуни. Според нас, овој договор е основа за краен компромис. Затоа веруваме дека тие мора да ги спроведат обврските од договорот и дека интересот на земјата треба да биде пред се“, рече Коцијанчич, потврдувајќи дека еврокомесарот Хан е во постојан контакт со лидерите и дека планира да дојде во Скопје во почетокот на следната недела.

Координација со партнерите

Опозицискиот СДСМ попладнево одржува координативен состанок со сите коалициски партнери, на кој треба да ги договорат наредните чекори и активности.

Партнерите очекуваат да бидат информирани за содржината на разговорите Хан-Заев, од кои во голема мера може да зависи договарањето на идните потези.

Во меѓувреме, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги соопшти заклучоците донесени на вчерашната седница на Извршниот комитет, според кои, е јасно дека партијата не планира никакви нови отстапки во преговорите.

„Во досегашниот тек на преговорите ВМРО-ДПМНЕ беше крајно конструктивна страна и направи многу отстапки во правец на изнаоѓање на компромисно решение за политичката состојба. ВМРО-ДПМНЕ во понатамошните разговори нема простор за нови отстапки, особено не во делот на организација на Владата за подготовка на наредните избори“, соопшти партијата.

ВМРО-ДПМНЕ го оценува односот на СДСМ во преговорите како неодговорен и со јасна желба тие да не успеат, заради најмалку две цели: да нема избори во април 2016 година и политичката криза да предизвика и економска криза.

„За ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо да учествува на преговори доколку и се додека СДСМ, со илегално стекнати и монтирани материјали на прес-конференции ја манипулира јавноста. ВМРО-ДПМНЕ го поздравува напорот на претставниците на меѓународната заедница и уште еднаш потврдува дека е подготвена за имплементација на договорот од 2 јуни, но нагласува дека нема намера да продолжи со отстапки на нелогичните барања на СДСМ. Промена на министри и премиер е нешто што ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати“, децидна е партијата.

До посетата на помошникот државен секретар на САД Викторија Нуланд в понеделник и на комесарот Јоханес Хан во вторник, не е исклучно дипломатите кои беа вклучени во мониторингот на преговарачкиот процес, да направат нов обид за продолжување на преговорите.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема