1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ќе ја држи вратата отворена за Западниот Балкан

БГ
9 март 2017

Лидерите на ЕУ ќе изразат недвосмислена поддршка за Балканот во обид да го пресретнат руското влијание и да му дадат нов замав на обидот на земјите од регионот да се приклучат кон Унијата, анализира агенцијата Ројтерс

https://p.dw.com/p/2YsXM
Europaflaggen vor dem Hauptquartier der Europäischen Kommission in Brüssel
Фотографија: Reuters/Y. Herman

Лидерите на ЕУ ќе искажат недвосмислена поддршка за Балканот на вечерата во Брисел. Тоа е директна рефлексија на стравот во европските главни градови дека планот за трансформација на земјите од Западниот Балкан во растечки пазарни економии се соочува со колапс.

Во заедничката изјава, лидерите ќе ја потврдат „недвосмислената поддршка за европските перспективи на Западниот Балкан“, се наведува во предлог верзијата на изјавата. Иако во изјавата нема да се споменува ниту една држава по име, таа се смета за посветеност на долгорочните аспирации за членство во ЕУ на Албанија, Босна, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија.
Со лузните од војните во 1990 години кои се водеа по политички, етнички и верски линии, балканските земји се на различно ниво на реформите кои треба да им го отворат патот кон членство.

Дипломатите кои го подготвуваат самитот велат дека лидерите нема да ја споменат Русија поименично и нема да препорачаат нови политики на ЕУ за Балканот. Но ќе признаат дека потпирањето на атрактивноста на ЕУ за идните членки повеќе не е доволно за надминување на политичките кризи, корупцијата и поделбите во регионот.
„Го запоставивме Балканот и сега гледаме дека е многу фрагилен“, вели висок дипломат на ЕУ кој ја обвинува Унијата дека ги потценила, како задачата за трансформација на земјите, така и руските обиди за влијание.

„Доколку не можеме да се справиме со Балканот, кој е внатре во Европа, како можеме да бараме да играме улога во Северна Африка, на Блискиот Исток или во источна Европа?“, вели други висок дипломат.

Русија се спротиставува на влезот на балканските држави во ЕУ, одбива да ја признае независноста на Косово, и силно се противи на влезот на Црна Гора во НАТО.

 

(Ројтерс)