1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мирот во Европа зависи од мирот на Балканот

Марина Максимовиќ
7 март 2017

Шефовите на дипломатиите на ЕУ во Брисел оценија дека Унијата го загуби фокусот во регионот на Западниот Балкан, што резултираше со раст на тензиите и нестабилност. Лајчак смета дека две држави се пред распад

https://p.dw.com/p/2YkxW
Federica Mogherini sprach im serbischen Parlament über die europäische Integration
Фотографија: picture alliance/PIXSELL/S. Ilic

„Поголем ангажман на Западниот Балкан“, гласи едногласната порака која министрите за надворешни работи на ЕУ ја испратија од Брисел. Истовремено, европските министри оценија дека ЕУ го загубила фокусот кон регионот и дека резултатот на тоа се раст на тензиите и нестабилност. Она што Западниот Балкан сега може да го очекува, според зборовите на шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, е одлучност и единство на сите членки на Унијата со цел постигнување на конечен мир и натамошни европски интеграции на регионот.
„Вратата е отворена. Сакаме да влезете. Знаете кој е патот- тој води кон трансформација на општеството и создавање на нова економска и општествена перспектива на сите земји во регионот“, порача Могерини по завршувањето на состанокот.
Што конкретно ќе се стори во тој правец од страна на ЕУ, делумно најави шефот на словачката дипломатија Мирослав Лајчак.
„Процесот на проширување треба да стане помалку технички, а повеќе политички. Ние треба да престанеме да се правиме дека нудиме европска перспектива, а земјите од регионот треба да престанат да се прават дека сериозно се ангажираат во реформите. Мора да станеме сериозни едни кон други“, вели Лајчак.
На министерскиот состанок најмногу внимание било посветено на состојбата во Босна и Херцеговина и во Македонија.
Уште пред почетокот на средбата, Лајчак излезе со предупредувачка оценка за Балканот.
„Таму има две држави кои се пред распад, а три држави што се во длабока политичка криза. А, тоа е поради тоа што ние како ЕУ не ја исполнуваме својата улога“, рече словачкиот дипломат, но одби да ги именува земјите.
Особено критична е оценета состојбата во Македонија. Тоа во својата изјава го потврди и холандскиот министер за надворешни работи Берт Кундерс. Но, откако претседателот Иванов ги отфрли препораките на Брисел и директниот повик на Могерини да ја преиспита одлуката, прашање е што уште ЕУ може да стори со цел спуштање на тензиите во таа земја? 

Slowakei Miroslav Lajcak
Мирослав Лајчак предупреди дека две земји на Балканот се пред распадФотографија: Getty Images/AFP/A. Kisbenedek

Конфликти и тензии

Неодамнешните конфликти меѓу Белград и Приштина, константната тензична поделеност во БиХ, судирите меѓу меѓу Србија и Хрватска, се потсетник дека Западниот Балкан со право го носи епитетот „буре барут“, кое, и покрај повеќегодишниот макотрпен процес на помирување, реформи и стабилизација, во секој момент се заканува да експлодира и да го врати регионот во времињата на судири и разорување.
„Регионалната стабилност на Западниот Балкан е стратешки интерес на ЕУ. И тоа не е прашање на геополитички игри- тоа не е наш начин на занимавање со политика, туку и затоа што знаеме дека стабилноста и мирот на Балканот значат и мир во Европа“, порача Могерини за време на својата минатонеделна посета на регионот.

Иако високата претставничка за надворешна политика и безбедност се обидува да покаже дека ЕУ сака и може да го стави во својот фокус Западниот Балкан, јасно е дека европските приоритети се на друго место. Русија, Турција, Брегзит, новата американска политика, тероризмот, миграциите, па и самата иднина на ЕУ- сето тоа се големи надворешни и внатрешни политички предизвици со кои ЕУ ќе се занимава во догледно време.
Европската комисија предложи пет можни сценарија за „единство на Унијата од 27 членки“ и ги повика граѓаните на ЕУ да се изјаснат. Земјите од Западниот Балкан, меѓу кои се и оние чии амбиции се да влезат во ЕУ пред 2025 година, не се повикани да учествуваат во дебатата, а заедничката европска иднина стана дополнително нејасна.