1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчките банки отвораат, цените се зголемуваат

ЕМФ /ард/дпа19 јули 2015

Грците од утре ќе ги почувствуваат последиците од договорот на Грција со кредиторите - се зголемува данокот на додадена вредност за многу продукти и услуги. Но, има и добри вести.

https://p.dw.com/p/1G1DB
Фотографија: Reuters

Во Грција од утре многу производи ќе бидат оданочени со значително повисок данок на додадена вредност. За голем број производи и услуги за кои досега важеше ДДВ од 13 проценти, сега данокот ќе изнесува 23 проценти.

Грчкиот печат денеска објавува списоци со производи и услуги кои ќе имаат повисок ДДВ. Во сите таверни и барови ќе се сервираат пијалоци и храна со ДДВ од 23%. И за сите преработени прехранбени намирници данокот на додадена вредност во иднина ќе изнесува 23 проценти. Тоа, на пример, важи за свежото и замрзнатото месо, за рибата, кафето, чајот или соковите. Грчкиот печат проценува дека зголемувањето на ДДВ на државата само до крајот на годинавца би требало да и‘ донесе дополнителни 800 милиони евра. Зголемувањето на данокот беше одобрено пред неколку дена од страна на грчкиот парламент и е еден од предусловите за почеток на разговорите со кредиторите на земјата околу нов пакет мерки за помош.

Банките повторно отвораат

Освен тоа, во тек се подготовките за повторно отворање на банките кои веќе три недели се принудно затворени. Планирани се променети услови за снабдување со пари во готово. Од затворањето на банките на 29 јуни, Грците смеат на автоматите за пари да подигнат 60 евра дневно. Сега ќе можат да добијат повеќе пари одеднаш, но највисокиот лимит е до 420 евра неделно. Со ограничувањето би требало да се спречи навалица во банките и крах на финансискиот систем. Претпријатијата и физичките лица уште во текот на изминатите месеци извлекоа милијарди евра од своите банкарски сметки поради неизвесноста дали Грција ќе остане во еврозоната. Најголемиот дел од воведените контроли на проток на капиталот остануваат и натаму, со оглед на тоа што финансиската состојба на банките останува исклучително лоша. Така, на пример, од утре ќе може повторно да се употребуваат грчките кредитни картички за плаќање во странство, но само за плаќање сметки и за купување, а не и за подигање пари од автомати за пари. За трансфер на пари во странство на Грците и натаму ќе им биде потребна дозвола од Централната банка и од Министерството за финансии.

Griechenland Bankautomaten Kunden Athen Alpha Bank
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Baltagiannis

Кредити за итна помош и преодно финансирање

Повторното отворање на банките е можно поради тоа што Европската централна банка ги зголеми кредитите за итна помош на грчките банки за 900 милиони евра. Тие, инаку, за извесен период беа замрзнати на сума од околу 90 милијарди евра. Освен тоа, европските партнери на земјата во криза и‘ одобрија кредит од 7 милијарди евра за премостување на периодот до конечниот договор за програмата за помош за Грција, за што ќе бидат потребни неколку недели.