1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„А, зошто на Грците да им биде полесно?“

Кристоф Танај (дпа) / ЕМФ18 јули 2015

Словачка мораше да спроведе болни реформи уште пред многу години. Таа сега не е подготвена на ниту еден компромис кон Грција.

https://p.dw.com/p/1G0xx
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Грците сега се принудени на реформите низ кои ние моравме да поминеме.“ Овој наслов на дневниот весник „Деник Н“ го формулира (не без задоволство) ставот на многу Словаци. Во Словачка, која е една од најсиромашните евро-држави, разбирањето за нуждата на грчкото население отсекогаш било мало.

Централноевропската земја со своите 5,5 милиони жители уште пред 15 години мораше да мине низ радикални реформи и беше во ситуација која може да се спореди со онаа во Грција денес. Тогаш најголемите банки во земјата беа пред колапс, а економијата беше во длабока криза. Со огромен финансиски напор тогашната влада ги спаси банките и ги продаде на заинтересирани од странство за многу мал дел од парите кои самата ги вложи. Истовремено, речиси сите државни големи претпријатија беа продадени на странски инвеститори. Цехот го плати населението - со драстично кратење на пензиите и социјалните услуги, како и со стапка на невработеност од над 20%.

Доцна собраните плодови од ваквите откажувања донесоа години на економски бум во земјата. Порастот на брутодомашниот производ привремено порасна на над 10% годишно и ја направи Словачка најбрзо растечка економија во ЕУ. Од друга страна, билансот покажува дека од тоа не профитираа сите Словаци - до денес има висока невработеност од над 12 проценти, како и драстично зголемена социјална нееднаквост.

Slowakei Bratislava Stadtzentrum neu
БратиславаФотографија: picture-alliance/Arco/DW

„Зошто на Грците да им биде полесно отколку нам?“ и „Зошто словачките пензионери би требало да плаќаат за многу побогатите Грци?“ се стандардни реченици на словачките политичари откако земјата во 2009 година се приклучи кон еврозоната. Во октомври 2011 година парламентт во Братислава дури привремено го блокираше од страна на другите држави одобреното проширување на чадорот за спас ЕФСФ.

Љубица Лајцинова повеќе од една година не може да најде работа во својот регион Орава, во северниот дел на Словачка. Сепак, таа има разбирање за Грците: „ЕУ е како голема фамилија - кога еден е во тешкотии, другите му помагаат.“ Слично размислува и професорот по информатика Франк Шиндлер од Братислава: „Без солидарност еврозоната нема да може да егзистира. Како убеден Европеец радосен сум поради постигнатиот компромис, иако тој според Грците е претежок, а според Германците е се‘ уште преблаг.“ Маријана Дункова, која е службеник, се спротивставува на ваквите ставови: „Јас, како Словачка, гледам толку многу сиромаштија во мојата земја. Нашите пензионери имаат минимална пензија од 200 евра, што е многу помалку отколку во Грција. Помошта за деца изнесува 24 евра - како една мајка да излезе на крај со толку пари? Парите што сега ги фрламе за Грците би било подобро да ги употребиме за поддршка на нашите граѓани.“