1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема да има пречки за Балканците кои ќе најдат работа?

ЕМФ /дпа/кна/афп26 јули 2015

Ќе доаѓаат ли во Германија работници од Балканот повторно според гастарбајтерските принципи од 1960-те и 1970-те? Во земјата веќе се разви дебата во таа насока, а наголемо се дебатира и за нов закон за доселување.

https://p.dw.com/p/1G4qR
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Германската министерка за труд Андреа Налес од Социјалдемократската партија бара да се најдат повеќе легални начини за работниците од државите на Западниот Балкан да можат да работат во Германија. Таа денеска му даде поддршка на предлогот на градоначалникот на Хамбург Олаф Шолц. Тој во изјава за „Шпигел“ пледираше за тоа на луѓето од Албанија и земјите наследнички на поранешна Југославија да им се овозможи легален влез во Германија доколку можат да докажат дека имаат работно место во земјата.

„Предлогот на Олаф Шолц оди во вистинска насока. Треба да размислиме за такво нешто и во делот на сезонската рбаота“, изјави министерката Налес. Тоа би можело да помогне за регулирање на притисокот од мигрантите.

Налес подвлече дека државите од Западниот Балкан припаѓаат на Европа. „Овие земји порано или подоцна ќе бидат членки на Европската Унија. Ние мора да сме во состојба да го регулираме пристапот до пазарот на работа за тие луѓе поинаку отколку за луѓето од земји кои се оддалечени повеќе десетици илјади километри“, изјави Налес.

Вицепретседателот на социјалдемократите Олаф Шолц пред неколку дена предложи реформа на законите за странци со цел да се запрен апливот од бегалци од Западниот Балкан. Притоа треба да се надоврземе на договорот за привлекување работна сила кој постоеше за гастарбајтерите од Југославија, оцени Шолц. „Значи, кој потекнува од држава од Западен Балкан и може да докаже дека има работно место во Германија, според мое мислење, треба да почне и да работи овде“, изјави Шолц за „Хамбургер Абендблат“ во петокот. „Бројот на тие луѓе нема да биде голем, но тоа ќе спречи многумина да тргнат по патот на барање азил“, оцени градоначалникот на Хамбург.

Отворен патот за нов закон за доселување?

Во Германија паралелно се дебатира и за нов закон за доселување. Партиското раководство на владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на 14 септември би требало да дискутира за ваков закон, што значи и менување на досегашниот курс на партијата. Се смета дека ЦДУ го менува правецот поради промената на курсот на лидерката Ангела Меркел, која во внатрепартиската дебата очигледно се приклучила кон оние кои се залагаат за нов закон за доселување. Во моментов, доселувањето во Германија е регулирано со одделни законски прописи, но нема единствен закон за доселување.

Сестринската Христијанско-социјална унија (ЦСУ) реагира со пружање отпор. „Уверен сум дека не ни е потребен нов закон за дослеување, затоа што веќе имаме модерно и флексибилно право за таа сфера“, изјави експертот за внатрешна политика во ЦСУ, Штефан Мајер за весникот „Пасауер ноје пресе“. Тој не очекува квалитативни промени на актуелните правила.

Наспроти тоа, шефот на пратеничката група на СПД Томас Оперман на коалициониот партнер (ЦДУ и ЦСУ) му порача дека нов закон за доселување треба да се донесе уште пред изборите во 2017 година. „Ме радува што ЦДУ конечно се откажува од својот идеолошки мотивиран отпор против закон за доселување“, изјави Оперман за „Билд ам Зонтаг“. Сепак, дебатата во ЦДУ ќе биде тешка, оценува вицепретседателот на СПД Ралф Штегнер. „На Меркел нема да и‘ биде лесно“, проценува тој.

Шефот на Зелените Џем Ездемир ги истакнува економските предности што би ги донесол нов закон за доселување, како ублажувањен а недостигот од висококвалификувана работна сила. Во интервју за Дојчандфунк меѓутоа Ездемир нагласува дека предвид треба исто толку да се имаат и хуманитарните аспекти на целиот проблем.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема