1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бесперспективноста ги „брка“ младите од Македонија

Костадин Делимитов20 јули 2015

Рекордна невработеност, голема сиромаштија, длабоки политички турбуленции. Безброј се причините кои ги мотивираат младите да сонуваат за ветениот запад. Трендот загрижувачки расте.

https://p.dw.com/p/1G1PU
Фотографија: picture alliance/Romain Fellens

„Веќе три години сум лекар, а не можам да најдам работа. Животот ми помина во учење, за што? Никој во оваа држава не те цени ако не си политички определен. Веќе и со партиска книшка тешко се наоѓа работа, ете затоа сакам да заминам во Германија. Не дека ми се оди, но што да правам кога немам друг излез“! Оваа приказна на младиот скопјанец Александар веќе ретко и да чуди некого. Напротив, плановите за селење во некоја од западноевропските земји или САД стануваат неизбежна тема во речиси секој муабет кај младите во Македонија. Трендот е можеби глобален, но во Македонија тој добива загрижувачки димензии. Последните истражувања само потврдуваат дека земјата полека но сигурно тоне во вителот на бесперспективноста. Истражувањата покажуваат дека над 50% од младите сакаат да ја напуштат Македонија за да емигрираат некаде во Западна Европа, САД или Канада. Заминуваат надвор во потрага по подобро образование, повеќе можности за работа и за кариера, повисок стандард на живот и подобри социо-економски услови за развој. Експертите предупредуваат дека младите имаат најголема доверба во ЕУ и НАТО, а се помала во политичките партии, парламентот, владата и во претседателот:

Македонија го губи човечкиот капитал

„Само 6% од младите се задоволни од квалитетот на демократија во Македонија (тоа е најниско ниво, споредено со сите други земји од нашиот поширок регион). Само 25% сметаат дека нивните ставови и потреби се претставени во политиката. Ова е резултат на проблемите со консолидирањето на демократијата, кои што кулминираа во последните неколку години. Македонија денес е заробена држава каде доминира политичкото самоволие, клинтелизмот и корупцијата, и каде индивидуалниот напредок почесто е тесно поврзан со припадност односно покорност кон партиите на власт, отколку со личните квалитети и способности. Моделот на авторитарно владеење има капацитет да го криминализира општеството и да создаде политичка нестабилност. Авторитарното владеење не може да понуди услови за развој на младите, нивна интеграција во општеството како слободни и рамноправни поединци, и не нуди мотивација ниту економска, ниту социјална ниту било каква друга за младите да останат во државата, и преку конструктивен натпревар да придонесат кон заедничкиот развој. Денешните генерации се свесни дека живеаат во 21 век, тие се европски ориентирани и знаат дека заслужуваат подобар живот и дека се способни тоа сами да си го обезбедат, само ако имаат услови да покажат колку вредат. За младите денес светот е глобално село, ако нема разбирање и можности за нив во државата каде што се родиле, тогаш тие ќе ја побараат својата среќа на друго место. Тоа за жал е на голема штета за Република Македонија, бидејќи продолжува да го губи човечкиот капитал, а тоа е најголемото богатство што нашата мала држава го има“, предупредува Дане Талески доктор по политички науки.

Mazedonien pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Длабоката партизација и бесперспективноста ги „бркаат“ младите од земјатаФотографија: R. Atanasovski/AFP/Getty Images)

Според анализите на Светска банка во периодот од осамостојувањето до 2010 година, од Македонија се иселиле околу 230.000 лица, или околу 11% од популацијата. Експертите предупредуваат дека клучно влијание за овој загрижувачки тренд има економијата:

„Неколку економски индикатори можат да помогнат да се лоцираат причините за ваквата состојба. Како прво, економскиот раст од осамостојувањето до денес е околу 1% годишно, што е едноставно прениско за земја со ваков степен на развиеност. Само за споредба, економскиот раст на Македонија во времето на СФРЈ изнесувал околу 5% годишно. Како второ, и овој економски раст кој го имаме е многу лошо распределен, т.е. завршува кај елитите. Така, доходот на најбогатите 1% од популацијата од осамостојувањето до денес расте со стапка од околу 7% годишно, додека растот на доходот на останатите 99% од популацијата расте со стапка од само 0,5%. Трето, сиромаштијата во Македонија постојано расте и денеска е на рекордно високо ниво во Европа. Така, според податоците на Светска Банка, 9,1% од луѓето во Македонија живеат со помалку од 2 долари, т.е. 40 денари на ден, што е скоро тројно повисоко од нивото во 1998 (прв расположлив податок), кога оваа сиромаштија изнесувала 3.7%“, предупредува економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Благосостојба само за елитите

Клучниот проблем според него е што македонската економија им обезбедува благосостојба само на елитите и целосно ги исклучува обичните луѓе. Затоа вели и не треба да чуди ваквиот тренд кој е резултат главно на политичката култура, која може да се опише како комбинација од клиентелизам и висока партизираност на општеството:

„Нашите досегашни политичари никогаш вистински не се грижеле за народот, туку секогаш гледале како само да ги задоволат своите тесни партиски интереси. Резултатите се погубни - само 20% од граѓаните на Македонија имаат доверба во парламентот, владата и судството, што е исклучително ниско ниво, едно од најниските во Европа. Дури една четвртина од македонските граѓани се членови на некоја политичка партија, што е многу повисоко од европскиот просек од 3%, па дури и од кинескиот, од 9%. Затоа, јас би кажал дека македонското општество е навлезено во длабока метастаза, и дека се потребни итни и радикални промени за тоа да се врати на вистинскиот пат. Потребни се пред се промени во начинот на практицирање на политиката, т.е. потребни се политичари кои ќе му служат на народот, а не политичари кои народот ќе го третираат како свој слуга. Знаејќи дека ваквите промени обично се случуваат во услови на кризи, како оваа низ која поминуваме деновиве, би кажал дека е сега моментот за делување“, коментира Јовановиќ.

Mazedonien Rentner
Македонија станува земја на пензионери?!Фотографија: DW/S. Toevski

Главните причини поради кои илјадници млади луѓе годишно ја напуштаат земјава се пари, подобро образование, подобро платена работа. Дел од експертите предупредуваат и на се поголемото влијание и на дневната политика, кризата која не само што ги истоштува граѓаните туку предизвикува и длабоки и загрижувачки поделби кај граѓаните. Ако кон сето ова се додаде и проблемот со евроатлантското интегрирање на земјата кое веќе подолг период е на стенд бај тогаш воопшто и не треба да чуди фактот зошто популацијата во Македонија, посебно онаа помладата станува се подепримирана и несигурна за иднината во својата земја.