1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија има корист од балканските доселеници

Ралф Борхард/ превод: Ж/А.28 јули 2015

Политичари, вистински или самонаречени експерти за миграција се натпреваруваат со предлози на тема бегалци. Таа не е нова, зголемувањето на бројот бегалци, посебно од Балкан, беше предвидливо. Зошто сега ова е актуелно?

https://p.dw.com/p/1G5eJ
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Battefeld

Премногу енергија се губи во споровите околу компетенцијата, во меѓусебното префрлување на одговорноста меѓу општините, покраините, сојузот и меѓу различните ЕУ-држави. Не постои заеднички концепт. Многу поединечни предлози се само божемни решенија. На пример: визната обврска-постоеја добри причини таа да биде укината за граѓаните од речиси сите балкански држави. Нејзиното повторно воведување нема да го реши проблемот, што го покажува примерот на Косово: за неговите државјани се‘уште важи визната обврска, па сепак Косовците во голем број доаѓаат во Германија.

Друг пример: поделени прифатни центри, де факто-центри за протерување. Зошто се потребни одделени сместувалишта за балканските бегалци, за побрзо завршување на апликациите за азил од овие земји?

Со тоа проблемот не може да се минимализира. Да, 99 проценти од бегалците од државите во Западен Балкан немаат никакви изгледи за добивање политички азил. Тие доаѓаат поради економски и социјални маки. Посебно бидејќи Ромите во овие земји се изолирани и дискриминирани, затоа што економската криза многу остро ги погаѓа токму овие земји, каде дури и добро образованите стручни кадри моментно не гледаат речиси никаква перспектива. Исто така, и и од причина што Германија и ЕУ минатите години го запоставија Балканот.

Точно е, мора да се намали поттикот за доставување безизгледни барања за азил. Преку разјаснувачки кампањи во земјите на потекло, за луѓето да не наседнуваат на празните ветувања на шверцерите со луѓе. Преку политичко влијание врз тамошните влади. Преку економска помош и инвестиции, кои овозможуваат отворање работни места во тие земји. Но, истовремено, за квалификуваната работна сила, а таква на Балкан ја има многу, треба да се обезбедат подобри можности за работа во Германија. Тие нам ни се потребни, не само во областа на здравството и нега на луѓе, тие сакаат дадојдат кај нас, а многумина подоцна и да се вратат дома за да помогнат во обновата на сопствената земја. Темата доселување од Балкан не може да се реши на о-рук. Таа е дел од долгорочен миграциски развој, од кој профитира и Германија. „Експресно протерување“, „затворање на границите“-вакви пароли не помагаат во денешниот свет.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема