1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војна против ИД е неизбежна

Александер Кудашеф / превод: ЕМФ16 јули 2016

Исламистичкиот терор сѐ почесто погаѓа обични граѓани. Во меѓувреме, постои опасност од промена на отворените демократии, оценува Александер Кудашеф.

https://p.dw.com/p/1JPz0
Фотографија: Reuters/D. Gray

Теророт, исламистичкиот терор одамна се претвори во кошмар. Тој отворените општества ги гаѓа насекаде: во рестораните, аеродромите, хотелите, фудбалските стадиони, клубовите, возовите, плажите, пред училиштата и сега - на улица. Теророт е насекаде, а луѓето во слободните општества - и не само таму - сѐ повеќе се плашат. Тие ја чувствуваат опасноста, заканата која демне насекаде, како во секојдневието, така и на одмор.

Демократиите - особено Франција, која е погодена од трет ужасен терористички напад - се соочени со предизвици поради теророрт. Тие се приморани на војна против теророт. Тоа е една асиметрична војна. Индивидуални напаѓачи, или мали, најмали групи без голема логистика убиваат луѓе. А демократиите мора да стравуваат за својата слобода.

Теророт е сеприсутен

Државата, како што се чини, не може веќе да одговори на својата најважна задача. И покрај криминалистичките служби, и покрај тајните служби, и покрај сѐ поголемото надгледување на граѓаните, и покрај огромниот ангажман на полицијата - државата не може да ги заштити своите граѓани. Теророт е сеприсутен зашто потекнува од самите општества.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александер Кудашеф, главен уредник на ДВ

Фасцинирани од силата на исламизмот, вдахнати од џихадот, млади луѓе, главно мажи, тргнуваат на пат - да го предизвикаат нашето, нивното општество. Убиваат без избор, но не и без цел. Сакаат да ги потресат слободните општества и тоа им успева. Кога традиционалните безбедносни сили нема веќе да можат да ги заштитат како што треба граѓаните, тие ќе ја загубат својата опуштеност, особено видлива во Франција и Англија. Постои опасност да завладеат општествени состојби во кои ќе триумфираат омразата, отфрлањето, расизмот. Кошмар за едно отворено општество.

Да се стави крај на кошмарот „Исламска држава“

И, се разбира, сега мора да се води војна - против ИД. Тоа е политички неопходно, но и проблематично, затоа што така се стои на страната на Русите и сирискиот крвник Башар ал-Асад. Но, тоа изгледа не може да се избегне. Рака мора да се поврати, ИД да се победи, преживеаните борци да се изведат пред суд, страшниот сон за исламски калифат да заврши. За тоа ќе мора - иако е тоа политички и дипломатски невкусно - да се соработува со сите. И, тогаш ќе мора да се постави прашањето: зошто толлу многу муслимани во секуларна Европа но и во религиозно разноликата Африка, се фасцинирани од насилен ислам? Што го уништува толку нивниот идентитет за да го следат самопрогласениот Калиф од Рака, за да им се восхитуваат на атентаторите самоубијци на интернет и да ги слават како херои?

Тоа во секој случај е општествен процес кој ќе трае подолго. Меѓутоа претходно, слободните општества ќе научат, ќе мора да научат, како да ја надминат својата беспомошност. Притисокот врз сцената на симпатизери на теророт ќе мора да се зголеми. Ќе мора да се преземаат поригорозни мерки. Исто така и муслиманите мора да се откажат од тајните симпатии за оние кои проповедаат омраза и мора да ги исфрлат од џамиите. Пасивната толеранција мора да заврши, за да се одбрани слобдата, нашиот слободарски животен стил. Во спротивно, општествата ќе се менуваат, и тоа во насока спротивна на демократијата. Националниот фронт во Франција испраќа поздрав.