Денот на славјето се претвори во ноќ на хорор
15 јули 2016Камион влета во публиката во францускиот град Ница убивајќи најмалку 84 лица во напад кој француските власти веднаш го прогласија за „терористички“. Возачот на камионот, 31-годишен Французин со туниско потекло, бил застрелан од полицијата откако успеал да мине речиси два километри на променадата преполна со луѓе.
Властите потврдија дека пронашле лични документи, како и оружје во камионот. Напаѓачот отворил оган врз полицијата пред да биде застрелан.
Нападот се случи на Денот на Бастилја, прослава на најголемите француски вредности: нејзината секуларна република и значењето на Слобода, Еднаквост и Братство.
„Франција беше нападната на нејзиниот национален празник... симболот на слободата“, рече претседателот Франсоа Оланд.
Министерот за внатрешни работи Бернар Казнев изјави дека 18 од повредените се во критична состојба.