1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зеф и Скопје, една бескрајна љубовна приказна

19 октомври 2023

Љубовта, почитта и блискоста на Албанците кон ЗЛМ отсекогаш ги чинела учениците да се чувствуваат како припадници на некакво братство/сестринство поврзано со илјадници стории за младешките денови. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4XjZl
Скопје, Северна Македонија
Скопје, Северна МакедонијаФотографија: DW/Carolin Weinkopf

„Ние сме група ученици, матуранти, кои сакаат да почнат со подготовка на школски подкаст. Почнуваме следната недела, мислам првата епизода, и би сакале првото интервју да биде со Вас. Секако докол...” Немав трпение да го дослушам прашањето и гласно одговорив „со задоволство, да, ми правите чест”. И знаете што, искрено го мислев и сеуште мислам дека ми беше сторена чест.

Причината за тоа е што дијалогот се одвиваше помеѓу неколку ученици и наставници колеги од Средното Училиште „Зеф Љуш Марку" од една, и еден поранешен ученик (од генерацијата ’84) од другата страна, т.е. јас. Сметав дека е единствено логично на таква, всушност на секоја покана или замолница од моето средно училиште, да одговорам со согласнот и поддршка. И така, по неколку дена, во една магловита, есенско студена среда за прв пат стапив во новите простории на мојата стара гимназија. Во која ме пречекаа наставникот Бесарт и трите нервозни, збунети, но мило млади ликови на колегите, новинарката Агнеса, продуцентот Крон и монтажерот Сухејб.

Можеби ви е чудно зошто на наставниците и учениците од Зеф им се обраќам како колеги. Секој подобро запознат со општествениот живот на Албанците во Скопје знае дека училиштето ЗЛМ отсекогаш било сметано како безмалку универзитетски центар на Албанците, долго пред да се основаат сегашните универзитети во Тетово и Скопје. Љубовта, почитта и блискоста на Албанците кон ЗЛМ отсекогаш ги чинела учениците – сегашни и некогашни – да се чувствуваат како припадници на некакво братство/сестринство поврзано со илјадници стории за младешките денови, љубови, палавости, авантури. Поради што Зеф е издигнат на ниво на своевиден култ лишен од елитизам, од снобизам или било каква поделба, но полн со споделени емоции на припаѓање на една институција која е поголема од самата зграда и градот во кој е сместена гимназијата.

Сеќавања на етапите

Одговарајќи на прашањата на младите колеги, се обидував да останам фокусиран и одолеам на напливот сеќавања од младоста во старата зграда во Лептокарија. Но и сеќавањата на моите браќа, сестра и нивните пријатели од седумдесетите години. Во мојот одговор се обидував да ги отсликам генерациските етапи на секоја деценија. Почнувајќи од безгрижните седумдесети под водство на директорот Авни Златку и напорите албанското образование да продолжи таму каде беа прекинати наставниците од албанското училиште при Католичката Црква во Скопје. За долгите коси, за звоно-фармерките, хипи-маичките, пораките „вечерва ќе минам низ корзо”. Наследени од мачните осумдесетти кога наставниците водени од Ахмет Хајдари беа повикувани на информативно-полициски разговори (често со ученици), идејно-политички диференцирани и оставени без работа, како брачниот пар професори Агаи. Среде тие сиви времиња, сепак бликаа сеќавањата за младешката одушевеност од појавата на првата рок-група Телекс, за ноќните штафетни бдеења на рок концерти во Домот на младите, за чекањата пред Мусандра, Огниште, Турист. По кои следеа халициогените 90-ти на новите слободи и нови предизвици, демократијата, промените во односите помеѓу наставникот и ученикот, загледаноста во загрижените лица на родителите по секој турнус вести од војните. Децении минуваат, генерации протрчуваат, но питомиот мудар Зеф продолжува да прифаќа збунети деца и ги гради во бунтовни, палави, бубуличави тинејџери во последните години на безгрижноста.

Тешко, речиси е невозможно да во Скопје најдете албанско семејство кое на директен или барем индиректен начин не е поврзано со ЗЛМ. Или поинаку кажано, невозможно е дека има семејство во кое Зеф не било присутно и нема влијаено. Среде и тоа малку институции со албански предзнак, ЗЛМ секогаш, низ сите премрежија, сите предизвици, било и останало симбол на константа и квалитет. Некогашниот статус на МРТВ 2, ионака скусен на неколку часа дневно, не успеа да ја задржи својата улога и значење и под наплив на политичкиот примитивизам спадна на она што е денес – оној канал кој не знам кој сеуште го следи. Флака е велазеримит, единствениот три-пати-седмично весник на албански јазик под строго око на полицијата, ја изгуби смислата со појавата на првите весници на албански и како последица на ситните корупции и амбиции. Културното-уметничките друштва „Емин Дураку” (со претежно „старограѓански" шмек) и „Ибе Паликуќа” (со старински рурал-фолклорен репероар) беа местото каде танцуваа најубавите ученички и најстројните момчиња од ЗЛМ. Од таа гимназија никнуваа безброј идни професори, писатели, сликари, спортисти, политичари, стопанственици, денес познати како во Македонија, така и низ регионот.

Институција и авторитет

Да се биде директор на Зеф Љуш Марку отсекогаш било статусен предизвик, на рамниште на денешните ректори и со почит поголема од денешните пратеници. Чест, балансирана со неверојатно тешки, мачни предизвици на современието. Секој директор на ЗЛМ отсекогаш морал да го носи бремето на своевиден Pater Familias кој се грижи за децата, за квалитетот на наставниот кадар, за осовремување на капацитети а во моите осумдесети и за бранење на учениците од честити полициски упади, провокации и обиди за подметнувања во име на борбата против „албанскиот иредентизам и сепаратизам”. Дел од образовниот процес на секој ученик во ЗЛМ беше наследеното право за карање со професорот/професорката, но никогаш, по никоја цена со директорот. И тоа беше нашата прва лекција во почитување на институциите и авторитетот.

Прегладнетите за знаење, ширум отворените убави очиња на новинарката така брзо беа покриени со сенка на сомнеж кога на нејзиното прашање „дали денешната музика е полоша од онаа кога вие сте биле млад” одговорив со „не би рекол”. Разликата, благо одговорив, е што тогаш ние ја баравме, едвај ја наоѓавме и затоа ценевме музиката. За разлика од денес кога било која новообјавена песна на било која звезда можете да ја набавите за не повеќе од 10 минути од премиерата. Ја поштедив од невероватните сведоштва за чекање „Југотон” да се отвори во осум наутро за да се купи новиот албум на Стикс и се смисли изговор за доцнење на првиот час. Батал работа од објаснување, кога нема да веруваат. Кога веќе ионака беа шокирани од сознанието дека првите звуци на рокот кај Албанците одекнаа токму во Скопје, среде Чаир, од четири скржлави момчиња под име Телекс, години пред рок-фестот во Приштина и година дена постоење пред да бидат повикани за соработка од Бијело дугме. И да не заборавам, сите ученици од нејзината гимназија, Зеф Љуш Марку.

Денес сите ги познаваме имињата на секоја сламопразна политичка фигура. Но во нашите младости, херои беа Фадиљ Вокри, Џевдет Пеци, Неџипи, Сабри Фејзулаху и нашите наставници – од Аднан Агаи, Адем Кастрати, Мејрем Ахмети, Плумб Доко, Шурете Сулејмани, Даница Ристиќ и десетици, стотина други. Денес низ вревливите ходници полни жагор трпеливо минуваат нови наставници, оптеретени со нивните егзистенцијални предизвици, а сепак посветени на нивната мисија на образување нови поколенија.

Мислев дека напуштањето на зградата ќе го ублажи тој наплив на слатко-тажна меланхолија за младоста, сеќавањата на безгрижната младост кога светот беше моја школка. Еден чекор надвор, во есенската студеникава темница и влажниот скопски смог, раката несвесно тргна по последната цигара и запалката. Истиот ритуал повторуван по крајот на последниот школски час, чекајќи го автобусот на кој се качуваа моите побратими по бунтовност а јас продлжував сам, како единствениот „отаде Вардар”. Неколку дима подоцна, полека се разминав со грст вревливи гимазијалци на пат кон животот. Нивниот жагор ме обли со чувство на смиреност, на благодарност и сознание дека и јас – како десетици илјади други – секогаш бесмртно ќе останеме вткаени во големата приказна за една мала гимназија прерасната во легенда. И тоа беше последната лекција од последниот наставен час од Зеф Љуш Марку.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи