1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бркотница околу центарот кој го нема

5 октомври 2023

Оваа генерација е премногу кукавичка, премногу подмитлива, ептен невоспитана и без преседан необразована за да преземе нешто од што ќе се изгради нов центар, достоен на времето. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/4X7vg
Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Смирете се. Опуштете се за миг во фотелјата. Вдишете длабоко. Затворете ги очите. Прифатете ја тишината и пробајте да се потсетите кој се со кого и колку време беше во коалиција или дослух во последните 24 месеци. Заклучно со неделава. Немојте да црвенеете од срам, вие не сте виновни за безсрамните епизоди од политичкиот живот на оваа земја. Кои единствено може да се опишат како „колективнаја распалјотка“ помеѓу псевдополитички сателити кои ги изгубиле сопствените оски и панично предизвикуваат карамбол на домашната политичка сцена и низ животите на граѓаните.

Елементарната самопочит на секој сериозен наљудувач подразбира категорично одбивање преку анализирање да се вреднува баналната дневнополитичка шарада во која се вдадени политичките првенци на земјава. Што има тука да се анализира, сериозно? Скитањата на Зоран Заев од една до друга селска интрига? Глумењето на Димитар Ковачевски дека има нешто под контрола? Преправањето на Али Ахмети дека не му гори постелата? Финтите на Христијан Мицкоски во пиесата Калиф наместо Султан? Трчањето на Пендаровски по трошки на државништвото што го нема? Што да се прави кога дури и јавувањето на Никола Груевски „во живо“ во ноќни програми станува банална вест уште пред да осамне утринското сонце.

Кому од наведените вреди да му се разјаснува и кој од нив има карактерен рбет да прифати дека ерата во која скандалите беа забавен субститут на политиката е одамна на замирање, дека таа општествена гуска клукана со афери и скандали не само што е презаситена, туку е во фаза на повраќање. Во кој тој филм живеат овие луѓе, умислени дека рипањето од еден кревет во друг ќе ги прави поневини и почисти, кога во очите на граѓаните само потврдуваат дека за секој од нив е поприфатлив секој и најкорумпиран ривал од најчесен граѓанин? Внимавајте, тие сѐ уште мислат дека во нашите очи минуваат насловите „поранешниот лидер се врати во старото јато” или „непомирливите ривали најдоа заеднички јазик”. Можат да си мислат што сакаат, нивно елементарно човечко право. Но во потсвеста на граѓаните тлеат поинакви наслови. Од типот: „осмничениот од Глобал се сретна со осомничениот од Телеком”, „човекот од Делчевски Ниви раскина со партнерот од Скопје 2014” или „вила-патриотот од Тафталиџе и Командант Соравиа ветуваат членство во ЕУ”.

Целосно безизлезна состојба

Деновиве го сведочиме она за што навреме предупредувавме. Дека е крајно наивно пролетните дружби да ги сметаме за свршен чин, летните флертови за солидни коалиции а есенските ајвар-средби ги запечатиме како предизборни договори. Евидентно и по се судејќи нема да има предвремени избори (кој, апропо, никој озбилно ниту ги бара) па затоа бидете убедени дека во следните 12 месеци ќе имате барем уште 3-4 рунди во кој и Заев и Мицкоски и Ковачевски и Ахмети и Таравари и Села има да се изнарипаат од кревет во кревет во најчудни, најбесрамни и најскарадни можни комбинации. Бидејќи, давањето впечаток дека нешто се прави, нешто се готви, нешто големо се спрема е предуслов и насушна потреба да се спречи осогледувањето на реалноста дека сме во целосно безизлезна состојба. 

Фингираните поделби на фронтовски Европејци или блоковски патриоти, како и да се именуваат себе си самопофално, денеска постојат и битка водат само преку нивните штаб-медиуми и нарачани пера. Наметнувајќи лажни тензии кои спласнуваат чим на Ковачевски, Заев, Ахмети, Таравари или пак на Мицкоски, Николовски им се постави прашањето: што правиме со вашите корупциии? Бидејќи, во основа, во очите на граѓаните одамна е избришана недовербата во она што наведените го зборуваат едни за други. Едноставно, граѓаните стопостотно апсолутно веруваат во сѐ што Ковачевски, Заев, Ахмети, Таравари го зборуваат за Мицкоски и Николовски, и стопстотно апсолутно не веруваат во се и било што од она што го велат за себе. И обратно, нема сомнеж дека се што велат Мицкоски и Николовски за ‘фронт-европејците’ е чиста вистина, подеднакво како и убеденоста дека се што тврдат за себе е нечиста лага. Како, навистина, како не разбираат дека во очите на напати од нив измамените, „тие другите” се проблем, додека пак „тие самите” не се сметаат за решение за проблемот? Напротив, се сметаат за проблематично надополнување на проблемите наталожени со децении. Од нив. Од самите нив. Заедно или спротиставено.

Оваа политичка сцена, овие политички актери кои доминираат на таа сцена, се некадарни да разберат дека со сопствените квартални прерипнувања од една во друга дружба ја продолжуваат агонијата започната од Никола Груевски на целосно ништење на политичкиот центар. Настрана сите дневнополитички оперети на ефтино политиканство, бекграундот на непринципиелноста, некохерентноста на политичките првенци е диктиран од отстуството на било каква оска, гравитационен центар кој спречува да политиката прерасне во пазарџиско, шпекулантско, итроманско, сеирџијско, ситно-душно купи-ден-продај глумење на лидерство и „политика”.

Па затоа, како последица, денес имаме театар во кој тотално гангстеризирана партија како ДУИ, неизлечиво шарлатизирана пародија-партија како СДСМ и кванташка-Албанска мимикрија како Алијансата ни се претставуваат како морална вертикала на про-европејство. Парирано од банкарско-тендерска партија како ВМРО која во последните дваесет години им приреди на Македонците идентитетско-историска карамкаша без преседан, со сите мирудии за кои денес кукавички ја префрлаат вината де врз Софија, де врз Албанците, де врз чичко Цацко Конопишки.

„Мудро питома трпеливост“

Мојот пријател, институционалист и прагматист каков што е создаден во Св. Кирил и Методиј, се согласува со оценката и ми парира со тврдење дека е време за нов Устав и ново Уставотворно Собрание. Предивикувајќи ми ги прстите да забрзано нервозно тапкаат по маса и забрзаувајќи ми го ионака високиот притисок на немање трпение за излитени флоскули. Мојата забелешка дека предуслов за нов реален Устав и реално Уставотворно Собрание е избивањето на жесток, дрзок, брутален социјален судир неминовно предизвикува вознемиреност кај него и потврда кај мене дека сум во право. Нашата состојба, кататонично вегетативна, не е резултат на судири, туку на немање судири. Не е благодет на мудрост, туку на ендемски кукавичлук. Не е доблест на питомост, туку на издресираност. Не е резултат на визионерство, туку на ситни-нации уплашени да ги изгубат паричките од селски бакалници и европско муфте.

Ние сме општество едуцирани од кумровечки професорки згрозени од запален автобус на пластичарска и воодушевени од пироманиите по париски предградија. Европејски е да се излезе на улици и покажат заби на власта и владата. Отомански е да се срка кафе на сокак, сожалува породот и покорно повинува на волјата на царот на небеса и шерифот на уќуметот. Европски е да се гори за денар одземен од заработен труд, ориентално е да се моли и плаче „ага, симни бе денар минус за леб и зејтин, плиз”. Европски е да синот се замоли да сам си најде чаре на млади години, комунистички е да се моли лидер на партија „посвои ми го породот и направи човек од него”. Што има кај нас европско? Што има национално? Што има граѓански свесно? 

Порано тешко, но подоцна неминовно ќе се соочиме со таа потреба да се соочиме со нужноста да – по толку децении поминати во „мудро питома трпеливост” – посегнеме по заканата како нужно зло свртено кон оние кои и земјата и животите ни ги направија нужник. Оваа генерација е премногу кукавичка, премногу подмитлива, ептен невоспитана и без преседан необразована за да превземе нешто од што ќе се изгради нов центар, достоен на времето и амбициите поголеми од преживарските пориви на родителите. Но токму затоа, оваа генерација е онаа која низ сопствениот кукавичлук, примитивност и необразованост несвесно и последично ќе ги образува сопствените поколенија да се дистанцираат од сопствените претци, бесполезноста на „наведнати глави” и културата на стравот романтизирано претставен како мудрост. Од таквите генерации се раѓаат херои. Нови морални вертикали. Цврсто втемелени општествени оски. И политички центри.    

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи