1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Колкав е дометот на украинската офанзива во Курск?

Роман Гончаренко
7 јануари 2025

Украинската армија изврши пробив во регионот Курск, иако таму е под зголемен притисок. Експертите се согласуваат дека Киев всушност му испраќа порака на Доналд Трамп.

https://p.dw.com/p/4ouW1
Фронтот во руската област Курск Украина
Украина - Фронтот во руската област КурскФотографија: DW

Еден ден по изненадувачкиот почеток на украинската офанзива во руската област Курск, сè уште многу нешта не се јасни. Киев молчи, исто како и на почетокот на август 2024 година, кога Украина за првпат воено влезе во регионот Курск.

Руското Министерство за одбрана во понеделникот (6-ти јануари) објави дека руските сили спречиле „обид за упад“ на украинските сили кон градот Балшое Солдатскоје, кој се наоѓа на 80 километри југоисточно од главниот град на областа Курск. Москва тврди дека се уништени четири тенкови, две пешадиски борбени возила, 16 оклопни транспортери и едно возило за расчистување мини. Оваа информација не може да се потврди.

Првата вест за украинскиот  пробив во областа Курск  дојде во неделата наутро (5 јануари). Руските воени блогери известуваа за украински „колони“ и објавија видео, очигледно направено со дрон. На него се прикажани неколку украински борбени возила на полиња и патишта покриени со снег. Беше спомната и употребата на западни ракети. Ниту тоа не е потврдено.

Karte Lage in der Region Kursk  (06.01.2025)
Фотографија: dpa

Во понеделникот немаше поголемо вознемирување, руските медиуми пишуваа за успеси, а украинските медиуми беа повоздржани. Сите го чекаат расплетот на настаните.

Пробив што треба да го импресионира Трамп

Украинскиот напад не дојде сосема неочекувано. За тоа се зборуваше со недели. Австрискиот воен историчар, полковник Маркус Рајснер, во разговор за ДВ во средината на декември предвиде вакво сценарио. Тогаш тој рече дека Украина „пред да ја преземе должноста Трамп“ ќе се обиде да покаже дека поддршката на Западот за Киев е значајна. И тоа се случува токму сега.

Доналд Трамп во повеќе наврати најавуваше дека сака што поскоро да стави крај на  војната во Украина.  За време на предизборната кампања тој ја доведе во прашање натамошната поддршка за Украина. Но, што точно планира Трамп ќе се знае дури откако ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.

Според Рајснер, прерано е да се зборува за „вистинска офанзива“ на Украина кај Курск: „Всушност, офанзивата би значела дека големите единици и ограноци на армијата вршат напад за да постигнат цел на оперативно ниво. Она што всушност го гледаме е контранапад, во кој учествуваат најмногу три бригади или нивни делови“.

Целта на Украина се уште не е јасна. Може да има и повеќе. Рајснер вели дека украинските сили во областа Курск се под силен притисок од август и изгубиле околу половина од освоените области. Областа што моментално ја контролираат е 500 квадратни километри и е изложена на руски напади од три страни. Тие офанзивни дејства, според Рајснер, би можеле да претставуваат „обид да се излезе од тој меур".

Шашанк Џоши, новинар на британското списание „Економист“ специјализирано за воени прашања, наведува други можни причини: „Целта би можела да биде да се принудат руските трупи на дефанзива, со цел да се спречат да ја извршуваат нивната постојана офанзива“. вели Џоши. Според него, анализата ја компликува фактот што во моментов во Курската област се одвива „прилично значајна“ руска офанзива.

Уште една цел може да биде додавање дополнителни територии на адутите за дипломатски преговори. Но, британскиот експерт вели дека тоа може да биде и измама, по што Украина би можела да удри на друго место.

На сличен начин гледа и Маркус Рајснер и го очекува продолжението на приказната: „Верувам дека ќе доживееме уште некои изненадувања пред 20 јануари“. Ако се погледне североисточниот дел на Украина, фронтот таму не е целосно обезбеден од руската страна. „Има некои територии кои се погодни за офанзивни дејства, со цел да се постигне максимален успех пред преговорите“, вели тој.

 Володимир Зеленски и Доналд Трамп
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп - неизвесна натамошна поддршкаФотографија: Julia Demaree Nikhinson/AP/picture alliance

Рајснер потсетува дека за време на неодамнешната посета на Сеул, американскиот шеф на дипломатијата под Бајден, Ентони Блинкен, изјави дека украинските позиции во близина на Курск се „важни“ бидејќи тие ќе играат улога во идните преговори.

Дали е ризичен продорот на Украина?

Како и со августовската офанзива, се поставува прашањето дали вреди оваа  воена операција кај Курск, особено кога се знае дека украинските сили губат се повеќе територии на истокот на земјата.

Особено жестоки борби се водат со месеци околу Покровск во западниот дел на  регионот Доњецк.  Експертите сметаат дека овој украински офанзивен потег е навистина ризичен, но дека политичките предности се значителни.

Шашанк Џоши вели:  „Ако Русија  го освои Покровск, ќе навлезе на запад“. Лошо е, но не мора да прави квалитативна разлика во односот на силите и во дипломатските разговори“. Тој додава дека задржувањето на делови од руската територија во близина на Курск би имало „големо значење“, така што тоа е „пресметан ризик“.

Маркус Рајснер нагласува дека е важно Украина да не исчезне од медиумските извештаи, особено за време на инаугурацијата на Трамп. Тој додава дека поддршката од Западот е исклучително важна за Украина. Затоа, според него, оваа воена акција е важна за Украина, „иако е очајничка“, со цел да ја задржи западната поддршка.

Останува да се види  колку од територијата на Курската област Украина може да задржи.  И пред се, колку долго може да го направи тоа. Рајснер е внимателен во својата проценка. Тој вели дека иако и двете страни се „разредени, што се однесува до нивните единици“, ако Трамп не изврши притисок за замрзнување, „драмата на војната на истрошеност“ би можела повторно да се развие. Русија тогаш би можела да ги концентрира своите сили и полека да ја потиснува украинската армија.