1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Во Суџа, руски град во областа Курск заземен од Украина

Екипа на ДВ
24 август 2024

Дописникот на ДВ, Ник Коноли, со украинската војска беше во рускиот пограничен град Суџа, во регионот Курск, кој сега е под контрола на Украина. Локалните жители велат дека немаат струја, вода, ниту телефонски сигнал.

https://p.dw.com/p/4jqFf
Русија Курск | украинска армија
Во придружба на украински војници, Ник Коноли од ДВ разговараше со жителите во заземениот градФотографија: KIRILL CHUBOTIN/Ukrinform/IMAGO

Рускиот град Суџа, на крајниот југ од регионот Курск, веднаш на границата со украинскиот пограничен град Суми, е под контрола на Киев речиси една недела. Украинската влада во четвртокот (22.08) објави фотографии од украинскиот претседател Володимир Зеленски во посета на пограничниот регион, во близина на местото каде украинските сили го почнаа изненадувачкиот напад врз руска територија.

Киев исто така им дозволи на репортерите да ги придружуваат војниците во кратка посета на градот од другата страна на границата, под контролирани околности. Меѓу нив беше и дописникот на ДВ, Ник Коноли.

Портпарол на војската: „Не сакаме да ја задржиме оваа територија, не ни е потребна“

Од украинската влада велат дека изненадувачкиот напад во Русија, за кој западните сојузници како САД и Германија тврдат дека не биле претходно информирани, е обид да се креира „тампон зона“, бидејќи Русија стартувала воздушни напади врз североисточна Украина од југот на Курската област.

Но, овој регион северозападно од Харков е само мал дел од руско-украинската граница која се протега на речиси 2300 километри, така што контролата над таа територија може да прави разлика за мал град како Суми, но влијанието на генералната состојба е маргинално.

Олексеј Димитрашкивскиј е назначен за портпарол на новосоздадената воена команда на украинската Курска област и за ДВ вели дека воената операција требала да испрати и порака до Русија дека конфликтот не е еднонасочна улица. „Не сакаме да ја задржиме територијава, не ни е потребна. Моравме да го сториме ова за да му покажеме на непријателот дека и тие се ранливи, дека не се семоќни“, вели тој.

 

Симната статуата на Ленин, исклучени струјата, водата и телефоните

Коноли јавува дека цивилите кои не можеле навреме да избегаат се останати без струја, вода и телефонски врски веќе две недели и отсечени од остатокот од роднините во Русија.

Неговата посета во придружба на украински војници траела само неколку часа. Тој разговарал со неколку локални жители кои биле надвор, во близина на подрум каде ги минуваат ноќите во обид да бидат побезбедни. Инаку, според Коноли, улиците се празни и опасни, наоколу има недетонирани гранати и се слуша само зуење од генераторите за струја.

Само уште старци или луѓе што се грижат за нив

Една жена по име Нина вели дека немала шанса да се евакуира и дека луѓето кои ги познава и кои успеале да побегнат, тоа го сториле на своја рака со своите автомобили. „Живеам сама. Ќерка ми живее далеку. Се грижев за повозрасна пријателка, таа е болна и не можев туку така да ја оставам. Таа вчера почина и денес ја погребавме“, вели Нина.

Друга жена раскажува дека претходниот ден, додека седела во подрумот, била уништена нејзината куќа, веројатно од артилериски оган. Олег, средовечен маж кој вели дека не е од Суџа, раскажува дека морал да дојде тука од работа токму дента кога избиле борбите, па се нашол заробен во местото. „Не сфативме што се случува. Отсекогаш сум престојувал тука, моите родители се во селото, имаат по 83 и 84 години и не знам што е со нив, а тие не знаат што се случува со мене“, вели тој.

Русија регион Курск
Група новинари беа земени да го видат Суџа минатата, набргу откако Украина тврдеше дека целосно го контролира градотФотографија: Yan Dobronosov/AFP

Руски цивили соочени со видеа од злосторства во Украина

Откако Коноли разговарал со локалните жители, украинскиот војник Димитрашкивскиј извадил лаптоп и им покажал снимка од Буча, градот во близина на Киев каде руските сили се обвинети дека направиле воени злосторства за време на иницијалниот пропаднат обид да го заземат украинскиот главен град во 2022 година.

Тој вели дека жителите се чинеле исцрпени и тешко можеле да примат информации. Некои украински војници на Коноли зад кулисите му раскажувале дека се надеваат оти ако обичните Руси видат што се прави во нивно име во Украина, можеби ќе ја стават под прашање приказната на Путин за „специјалната воена операција“ во Украина.

Нешто потоа војската на Коноли му рекла дека е време да си оди и ставиле крај на кратката посета.

Овој извештај е составен од информации дадени од дописникот на ДВ, Ник Коноли од регионот Курск

Текстот првично е објавен на ДВ на англиски јазик